Во мошне силна конкуренција, во категориите до 14, 16 и 18 години, по напорните 11 кола, осумтемина македонски шахисти освоија вкупно 38,5 поени од 88 можни или 43,75 отсто, загубија 93,2, а освоија 283,6 нови рејтинг-поени, односно се во позитива од 190,4 рејтинг-поени

ШАХ

Во италијанскиот град Монтесилвано заврши поединечното Светско првенство (СП) во шах за јуниори (до 14, 16 и до 18 години), а во мошне силна конкуренција, по напорните 11 кола, осумтемина македонски претставници освоија вкупно 38,5 поени од 88 можни или 43,75 отсто. Најдобар пласман на СП 2023 оствари Антон Златков (рејтинг 2.220, рангиран 46-ти пред СП 2023), кој освои шест поени (54,5 отсто), за пласман на 48-то место. Во женска конкуренција, најдобар пласман имаше Инџи Ајрадиноска (1.594, рангирана 62.), која со пет поени (45,4 отсто) го освои 54-то место.
Најмногу нови рејтинг-поени (107,6) освои Јована Давиткова (1.322) во категоријата до 16 години. Целосно гледано, македонските шахисти загубија 93,2, а освоија 283,6 нови рејтинг-поени, односно се во позитива од 190,4 рејтинг-поени.
– Со оглед на тоа што повеќето од нашите претставници се вратија со плус освоени рејтинг-поени, нивниот настап на ова Светско првенство може да се смета за успешен. Но во делот на квалитетот на играта и борбата за некое од првите 10 места, уште сме далеку. Оние држави што инвестирале во своите шахисти се и истите тие што се бореа за првите места. Би ги издвоил Полска и Русија – вели поранешниот селектор на сениорската репрезентација на Македонија, а на ова СП во својство на водич на македонските шахисти, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев.
Поединечно, кај момчињата до 18 години, титулата ја освои претставникот од Русија, до 16 години од Полска и до 14 години од Русија. Кај девојчињата, до 18 години славеше претставничката од Украина, до 16 години од Казахстан и до 14 години од Русија. На СП играа вкупно 766 учесници (450 момчиња и 316 девојчиња) од кои еден ВМ, еден ВМ, 20 ИМ, 6 ЖИМ, 103 ФМ, 36 ЖФМ од 92 држави Г.И.


РЕЗУЛТАТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ НА СП 2023

до 14 г. Малакај Насков (1.324) 5 124 +56,4
до 16 г. Антон Златков (2.220) 6 48 -16
до 16 г. Никола Бошковски (1.635) 4 114 +70
до 18 г. Теодор Јовановски (2.140) 5,5 74 -38,4
до 18 г. Стојан Велкоски (1.985) 5,5 76 +49,6
до 14 г. Ивана Велкоска (1.157) 3 118 -30
до 16 г. Јована Давиткова (1.322) 4,5 82 +107,6
до 18 г. Инџи Ајрадиноска (1.594) 5 54 -8,8
во првата колона е рејтингот, во втората поените, во третата пласманот, во четвртата +/- рејтинг-поените