Набиената дводневна агенда не исклучува можност за средба меѓу Блинкен и Лавров, но и меѓу Лавров и неговиот украински колега Кулеба, во насока на постигнување решение за ставање крај на војната во Украина и за затворање на едно тешко безбедносно прашање на почвата на Европа. Доколку дојде до ваква трилатерална средба, тоа ќе значи дека Македонија, како земја претседавач со ОБСЕ, успеала да ја постигне клучната цел на своето претседавање, да ги превенира безбедносните ризици и да отвора можности за поголема соработка во Европа

Уште три дена до клучниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје

За три дена, во Скопје ќе се одржи клучниот Министерски совет на кој ќе се одредува иднината на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), за што Македонија како земја претседавач ги прави сите напори да се претстави во најдобро светло. Тоа подразбира да овозможи да се донесат важни одлуки со кои организацијата ќе продолжи со својата работа и нема да биде жртва на длабоката поделеност во Европа, која се заканува целосно да ги поткопа основните темели на европската безбедност и на соработката меѓу земјите на Стариот Континент.
Несомнено, Министерскиот совет на ОБСЕ ќе биде клучен, па за таа цел веќе се најавени над 70 делегации, а во петокот своето присуство го потврди и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, што доволно говори колкаво значење ѝ се дава на оваа министерска средба.
Она за што се чека официјална потврда е доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, околу чие присуство, односно неприсуство, подолг период се кршеа копјата во земјава, дали треба или не треба да му се дозволи учество на конференцијата.
Предупредувањата на домашните експерти по меѓународни односи беа дека ако забрани учество на Лавров, Македонија ќе ја прекрши Виенската конвенција, со што како земја претседавач со ОБСЕ и земја што инсистира на почитување на меѓународното право, ќе остави лош впечаток за себе.
Сепак сите дилеми минатиот петок ги реши македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој откако Владата претходно одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучувајќи го и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје за Министерскиот совет на ОБСЕ, ги овласти директно министерствата за одбрана и за надворешни работи да одлучат дали ќе дадат одобрение за прелет и слетување.
– Во национален капацитет се разбира и јас би бил против како министер за надворешни работи, но тука рускиот министер за надворешни работи не доаѓа во билатерална посета. Одлуката на Европската Унија по однос на санкциите е јасна, со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ и со други меѓународни организации, бидејќи Лавров беше и во Њујорк, сега во септември во САД, но во Обединетите нации, а не во САД. И тука не доаѓа во Скопје, ако дојде, доаѓа во ОБСЕ – појасни Османи. Од МНР додаваат дека земјава е во координација со Атина и Софија, кои исто така треба да дозволат прелет над нивниот воздушен простор на авионот на шефот на руската дипломатија.

Од друга страна, руската агенција ТАСС информира дека Македонија му дозволила на рускиот министер Лавров да слета на аеродромот во Скопје и со тоа да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Во агендата на настаните на првиот ден, односно задутре, е предвидена заедничка неформална вечера на министрите на ОБСЕ, така што се наметнува дилемата дали токму Македонија ќе биде домаќин на средба од светски ранг, на Лавров со украинскиот министер, како и со американскиот секретар Блинкен.
– За неформалната вечера го очекувам државниот секретар Блинкен. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската Федерација, не можам да кажам во овој момент. Се разбира не треба да очекуваме дека во сите три дена сите ќе останат три дена. Сепак тоа се важни луѓе што ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат. Дали ќе се поклопуваат термините на нивниот престој, тоа не можам да кажам. Мислам дека може да има одредени други паралелни ангажмани – рече Османи.
Набиената дводневна агенда не исклучува можност за средба меѓу Блинкен и Лавров, но и меѓу Лавров и неговиот украински колега Кулеба, во насока на постигнување решение за ставање крај на војната во Украина и за затворање на едно тешко безбедносно прашање на почвата на Европа. Доколку дојде до ваква трилатерална средба, тоа ќе значи дека Македонија, како земја претседавач со ОБСЕ, успеала да ја постигне клучната цел на своето претседавање, да ги превенира безбедносните ризици и да отвора можности за изнаоѓање решенија во насока на поголема соработка во Европа.
Министерскиот совет на ОБСЕ се гледа како клучен настан на кој би се одлучувало како ќе функционира организацијата во иднина со оглед на постојаните пречки и блокади што ги поставува Русија откако ја започна инвазијата врз Украина.
Еден од клучните предизвици е да се најде земја што ќе го преземе претседателството од Македонија за следната година. Засега Естонија е единствен кандидат, но Русија досега неколкупати стави вето и поради неможноста да се изгласа нов претседавач. Поради ваквите околности, останува отворена можноста Македонија да го продолжи претседавањето со ОБСЕ и во 2024 година, или барем во првата половина на следната година, пишува бриселски „Политико“.

Некои земји, особено балтичките, сметаат дека преземањето на претседавањето од која било друга земја би било отстапка за Москва. Но, други тврдат дека, на долг рок ОБСЕ би можело да продолжи да биде средство за комуникација со Москва ако дојде време да се преговара за Украина.
– Евентуалното продолжување на претседавањето на С. Македонија нема да се смета за руска победа – изјави летонскиот претседател Ринкевичс за „Политико“, бидејќи „дури и пред Русија да ја нападне Украина, веќе беше очигледно дека Русите ќе го блокираат претседавањето на Естонија“.
Сепак, еден дипломат рече дека продолжувањето на мандатот на Македонија сè уште нема да значи дека ОБСЕ ќе може да продолжи со работа, а исто така ја доведе во прашање и волјата на земјата да остане во таа улога.
Се чини дека Русија е отворена кон земјите што не се членки на НАТО, според двајца од дипломатите. Според уште четворица дипломати, постои сè поголем консензус дека решението би можело да биде Малта.
Австрија, која исто така беше спомнувана како можен кандидат, кажа дека е отворена за идејата за Малта.
– Австрија ја поддржува секоја мерка за одржување на функционирањето на ОБСЕ. Како земја домаќин на организацијата, Австрија има посебна одговорност – се вели во изјавата на австриското министерство за надворешни работи за „Политико“.
Како и да е, Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје ќе биде клучен за иднината на ОБСЕ, а Македонија како земја претседавач треба да ги вложи сите напори да остане запаметена како земја што успеала да ги надмине сите разлики, да најде решенија и да овозможи Организацијата за европска безбедност и соработка да ја продолжи својата мисија.