По што се слични гавранот и масата за пишување?

Надлежните институции во Македонија само формално се грижат за македонското културно или историско наследство. Грижата на нашите институции е само фарса, една непристојна и невкусна шега. Зошто? Нашите институции повеќе се грижат за проекти што се занимаваат со пошумувањето на Атлантски Океан, како што милуваше да вели Боре Ангеловски, доајен и пионер на театарот на апсурдот во Македонија

Едно од најголемите литературни дела на 19 век е романот „Алиса во земјата на чудата“ од англискиот писател Луис Карол, дело што се одликува со надреални и апсурдни ситуации, односно со бесмислености и ирационалности, кои го прекршуваат каузалното расудување. Совршен пример за оваа апсурдност е кога Алиса ги сретнува Дивиот Зајак и Шапкарот како пијат чај, додека Полскиот Глушец спие под нив. Таа води чуден разговор, а Шапкарот ѝ ја поставува загатката: „По што се слични гавранот и масата за пишување?“. Кога глушецот започнува да раскажува приказна, Алиса постојано го прекинува, а Шапкарот и Зајакот ја опоменуваат, така што таа ги напушта.
Македонија сѐ повеќе наликува на земјата на чудата што ја опишува Луис Карол. Можеби некој ќе се запраша зошто е тоа така, но една подлабока анализа го потврдува искажаното. Сосема е природно и нормално Македонија како држава да ги негува особеностите на македонскиот народ, особено доколку некој постојано ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи и сѐ така до бесконечност. Вистина е дека во изминатиов период имаше експанзија на македонската научна и творечка мисла, а потврда за тоа се промоцијата на значајните дела како што е трудот „Црковното книжевно наследство на слепченскиот манастир ’Св. Јован Претеча’“ од академик Ѓорги Поп-Атанасов, успешната одбрана на докторската дисертација на темата „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ на институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од Андријана Јаневска или трудот „Документи за македонската борба за самостојност и независна држава Македонија 1874-1919“ од проф. д-р Михајло Миновски.

Не смееме да ги заборавиме и многубројните изложби што се одржаа, тука мислиме пред сѐ на изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“ или изложбата на необјавените фотографии именувана „Лица на револуцијата“. Споменатите трудови и изложби имаат особено значење за македонската култура, бидејќи ги презентираат, секој од свој аспект, македонските јазични, историски или уметнички особености, со намера да се зачувуваат за идните генерации.
Меѓутоа тука има едно големо „но“, бидејќи околу 90 отсто од споменатите трудови и изложби се реализираат благодарение на поединци, без поддршка од надлежните институции, кои треба да се грижат и да ги негуваат македонските особености. Дека целата ситуација е апсурдна потврдува и е една глупост. Денес во Софија живеат голем број потомци на македонската емиграција, потомци на истакнати македонски дејци или револуционери, а во нивните подрумските простории честопати има оригинални историски фотографии на кои можеме да ги видиме Јане Сандански или Ѓорче Петров. Споменатите фотографии честопати можеме да ги сретнеме на интернет-аукција како се продаваат, а ако ја запрашаме личноста што ги продава, вели дека во софиските подруми има стотици, можеби и илјада фотографии од македонската историја и ги продава зашто новите генерации не се заинтересирани за ова наследство, а не е заинтересирана ниту Бугарија како држава.

Тука сосема логично се поставува прашањето: доколку новите генерации и бугарската држава немаат интерес за овие фотографии, зошто македонските институции не покажат интерес за нив? Доколку внимателно анализираме, можеме да заклучиме дека надлежните институции во Македонија само формално се грижат за македонското културно или историско наследство. Грижата на нашите институции е само фарса, една непристојна и невкусна шега. Зошто? Нашите институции повеќе се грижат за проекти што се занимаваат со пошумувањето на Атлантски Океан, како што милуваше да вели Боре Ангеловски, доајен и пионер на театарот на апсурдот во Македонија.
Можеби некој ќе нѐ прекори за напишаното, но тоа е реалноста. Македонија како држава не покажува интерес за научната и творечката мисла што е насочена кон афирмација на македонските културни, јазични или историски особености. Во недостиг од заинтересираност од државата, сѐ е сведено на индивидуална дејност и на поединци, како што вели еден мој пријател. Мора да бидеме сериозни и на оваа надреална комедија треба да ѝ ставиме крај, бидејќи македонскиот народ е составен дел од македонското општество. Нашите институции имаат должност да се грижат за културното или историското наследство, во спротивно се поставува прашањето кој ќе се грижи – Грција или Бугарија? Каков апсурд!