Критичката настава ги оспособува младите за општествената трансформација

Концептот на „модел“ е мошне корисен и претставува слика што често се користи или се злоупотребува во научните објаснувања, во образованието, во воспитувањето, во организациските практики итн. Исто така, во наставата често се користат модели за развој на деловни и општествени проекти (алатки за моделирање), кои исто така се злоупотребуваат, и тоа најчесто во форма на образец на деловен модел и многу негови варијации во изминативе две децении.
Можеме да се согласиме дека бизнис-моделирањето со користење образец (business model canvas) е одлична алатка за деловно и проектно планирање како и за дидактички цели на наставниците и консултантите. Но тука има и некои опасности во однос на некритичката употреба на моделот(ите).
Образецот на деловен модел (многуте негови верзии) има однапред определена структура што се потпира на повеќе имплицитни претпоставки, нуди ограничена листа на зборови што се користат во описот на моделот и во упатството за негово користење.
Исто така, тоа е поставено во една културна и идеолошка заднина што на тие зборови им дава денотација и конотација, односно тоа се значењето на зборовите и вредностите што доаѓаат со нив. Прашањето тука е дали наставниците и консултантите, кога го користат образецот на деловен модел во своите курсеви или во консултациите, разговараат за ваквата заднина со своите слушатели?
Ние сметаме дека одговорот најчесто е „не“.

Дополнително, спроведовме концепциско истражување насловено „Важноста на критичката писменост за наставниците и учениците при користење алатки за образец на деловен модел“, инаку, студија што има цел да го расветли постоењето на имплицитните претпоставки и контексти во некои од моделите и да укаже на важноста на ваквата концепциска и контекстуална анализа на алатките на образец во образованието.
Образецот на деловен модел е празен лист хартија што треба да даде простор за креативна употреба во деловното планирање или во планирањето социјални проекти, како и за други намени. Притоа, овој празен лист не е толку празен како што изгледа – тој, всушност, кажува илјада збора.
Бројот и структурата на основните елементи (building blocks) го ограничуваат контекстот на зборовите што се користат во описот на блоковите: предлог за определена вредност, клиенти, испорака, односи, партнери, ресурси, активности, приходи, трошоци, финансиска добивка. Ако претприемач што сега започнува со бизнис го користи овој модел и овие зборови ги сфати онака како што се толкуваат во упатствата, тој ќе има полза од тоа. Но ако на активистка што работи на проект за давање услуги за нега во локална заедница ѝ треба помош при деловното планирање, идеолошкиот контекст на нејзиниот проект е различен од менталната матрица, и ако таа не е во можност критички да го чита моделот на образец, ќе форсира спроведување коцкест модел на, инаку, тркалезен проект (ако можеме така да кажеме) и ќе отсече витален дел од својот проект. На крајот, целиот нејзин потфат ќе биде оценет како неуспех.
На пример, ако група млади луѓе што немаат реални можности да купат или да изнајмат станови на еден суров пазар на недвижности започнат да развиваат проект за заедничко домување, како би можеле тие да ја „втиснат“ својата идеја во моделот што ги разбира само двете значења на зборот „имот“ (приватен и јавен/државен имот), а целосно го изоставува третото значење т.е. заеднички имот или заедничките работи, што е клучна категорија во планирањето на задругата за изнајмување станови.
Потребно е критичко читање на моделот на образец за да се осознае како поимот „сопственост“ во тој модел е заглавен во дихотомијата јавно-приватно и не остава простор за вклучување заеднички имот или заеднички работи во деловниот модел на еден ваков проект за домување.

Еден друг пример што покажува потреба од критичко читање на образецот како алатка е зборот „вредност“, кој се користи во различен контекст. На пример, прашањето „која е вредноста на вашиот производ за вашите клиенти?“ во споредба со „како ќе создадете вредност од вашиот производ?“ Во првиот случај, зборот „вредност“ се однесува на „задоволство“, а во вториот случај се однесува на „парична вредност“.
Така, кога се комбинираат овие две значења на зборот „вредност“ за да се донесе заклучок, можно е корисникот на моделот да извлече погрешни заклучоци, на пример, дека клиентите ја мерат вредноста на задоволството преку паричниот критериум.
Постојат алатки и учебници за наставниците и учениците да научат да препознаваат такви погрешни употреби на зборови и изведување заклучоци што во логиката се нарекуваат логички грешки или заблуди.
Ако зборуваме за примерите на контекстуална употреба на зборовите „имот“ и „вредност“, добро е да ја спомнеме и ригидната употреба на поимот „клиент“, кој во нашиот случај со задругата за домување го менува своето место во структурата, бидејќи самите клиенти се членови на задругата, што значи истите субјекти како и оние што го извршуваат потфатот, така што сегментот на клиенти треба да се распредели на левата страна на моделот или треба да се направи некоја друга реконструкција на моделот за да може нашиот пример правилно да биде поддржан.
Исто така, горните две употреби на зборот „вредност“ во две различни прашања се соочуваат со очигледен парадокс кај истите лица, кои себеси си го поставуваат прашањето „како да создадам вредност (пари) од задоволувањето на моето вреднување на безбедното изнајмување?“
Овие примери се обидуваат да покажат дека критичкиот пристап е неопходен во наставата по деловно моделирање. Метод што може да се користи за оваа намена е критичката писменост, која, според Пауло Фреир во Педагогија на угнетените, значи капацитет за анализа, критика и трансформирање општествени, културни и политички текстови и контексти.

Според Фреир, „читањето на зборот повлекува читање на светот“, затоа, трансформацијата на светот е во преименување на појавите. Ако го парафразираме Фреир, пишувањето на зборот повлекува пишување на светот. Значи, разбирањето и менувањето на контекстот на зборовите во деловното моделирање е исто толку важно како и менувањето на контекстот и значењата на зборовите во пошироки општествени аспекти. На пример, ако наставникот го користи само зборот „семејство“ во контекст на двајца хетеросексуални партнери што имаат деца, тогаш тој со сопственото учење репродуцира општествено уредување.
Само контекстуалната промена на употребата на зборот „семејство“, кога се користи и во контекст на бисексуални партнери што имаат деца или други возрасни заедници со деца или индивидуални возрасни со деца, ќе значи дека промена во општеството е можна.
Истото тоа важи и со наставата за деловно моделирање. Наставниците и консултантите треба да им дадат поддршка на своите ученици критички да го читаат образецот на бизнис-модел, да ја преиспитаат неговата структура и да ја променат неговата архитектура доколку е потребно, да ги анализираат и преформулираат концептите во основните елементи, да внесат нова употреба на поимите „вредност“, „добивка“, „односи“, „имот“, „клиенти и корисници“, „трошоци“, „приходи“ итн.
Така, како параметри на успехот, на пример, може да се постават и „бавен раст“ или „назадувачки раст“, или некои други принципи.
Критичкиот читател на деловен модел ќе се запраша себеси „кој е оној што ни се обраќа преку моделот?“, „која е неговата цел?“, „која економска теорија го легитимира моделот?“, „каква општествена структура одржува еден таков модел?“ И тогаш таа/тој ќе го одведе моделот во нов контекст и со преформулирање на концептите ќе може да го преобликува светот.
Новите генерации не можат да го променат светот ако наставниците на своите ученици да им даваат само модели за „повторување“ на деловни и општествени проекти и со тоа само да го репродуцираат постојниот општествен поредок.
Доколку наставниците ја стекнат и потоа им ја пренесат на своите ученици вештината за критичко читање на деловните модели, тие ќе ги поттикнат учениците со таа вештина да ги трансформираат општествата во кои живеат.

Автори: КАРОЛИНА БАБИЧ ПЕЃА АШАНИН ГОЛЕ

(respublica.edu.mk)