Филмот „Разорнувачот Потемник“ на таткото на современата кинематографија, Сергеј Ејзенштајн, зборува за настаните од 1905 година кога во Одеса, инаку голем град на Црно Море во Украина, се води битка во која конечната победа доаѓа откако на бунтовниците ќе им се придружат морнарите од бродот „Потемкин“. Е таму, во тој филм, драги мои, има една сцена што е класика на светската кинематографија и, претпоставувам, сте ја виделе сите. Тоа е сцената во филмологијата позната како „Скалите на Одеса“, каде што се води жестока битка во која едни напредуваат, други отстапуваат и обратно, убивајќи се меѓусебно со куршуми и бајонети, додека во истото време одозгора, па надолу се тркала бебешка количка во која има бебе. И додека количката јури стрмоглаво кон амбисот, никој не прави ништо да ја запре таа количка и да го спаси бебето, кое преплашено плаче во количката што продолжува да се тркала. Двајцата единствени и избезумени сведоци на тој настан биваат убиени. И крај. Никој не знае, никој не памети, свидетелите се мртви, да живее победата, да живее слободата! Што можеме да научиме од ова сцена?
Додека се тркала количката во која е иднината, ние овде се убиваме за сегашноста?! Тоа ли? Можеби пак ова, а? Бебето, како метафора за човечката чистина, за неизвалканата вистина и надежта за нашето постоење и иднина е оставено да се тркала во сопствената количка?! Тоа ли се нашите сфаќања за она што го гледаме? Да, ова се суштествените идентификациски врски со оваа сцена од филмот на Ејзенштајн, инаку, за тие што не знаат, снимен е во далечната 1925 година во Русија и претставува образец, матрица за тоа што во суштина претставува монтажата во уметноста на филмот, која тој ја нарекува, внимавајте: монтажа на атракции! Како и во реалноста. Она што тогаш се случило во Одеса е вистинска атракциска монтажа на реалноста предизвикана од светската политика, која ќе биде вовед во Првата светска војна, а од неа во октомвриска револуција од 1917 и поделбата на светот на Исток и Запад! Така пишува во учебниците по историја на филм, значи во учебниците за тоа како се создава фикцијата, но и во учебниците по историја на времето, каде што се учиме за тоа како се создава реалноста. Но тоа е само историјата.
Да ја видиме сегашноста. Што се случува денес во градот Одеса во Украина, сто и седумнаесет години подоцна? По скалите на Одеса е оставена во бебешка количка да се тркала нашата иднина и нема кој да ја запре таа количка и да го спаси бебето од сигурната пропаст и смрт. Тоа е. Што е сега? Се повторува ли историјата? Секако. Што очекувавте? Па зарем некој мисли дека ќе биде запрена таа бебешка количка и бебето ќе биде спасено? Мислите ли дека имаме меморија, сеќавање, дека знаеме што се случило еднаш и сега ние нема да дозволиме да се случи тоа повторно? Жалам, не сум пророк, но нештата во животот каде што управува политиката, не стојат така. Бебешка количка и овој пат ќе биде оставена да се тркала по „Скалите на Одеса“, додека наоколу беснеат борби и крв се лее на сите страни. И овој пат, мајката на тоа бебе, вдовица облечена во црно, ќе биде убиена и додека паѓа на мермерниот плоштад обвиткана во крв, со грбот таа сама ќе ја поттурне количката, која стрмоглаво ќе се струполи надолу по амбисот на скалите на Одеса.
Мислите ли вие навистина дека Америка, Европа и самонаречениот „слободен свет“ ќе ја запрат таа количка и бебето ќе биде спасено? Јас не верувам. Никој нема да направи ништо. Зошто силните милијарди што сега се најавуваат за пушки, тенкови и авиони, не беа вложени во развој на демократијата, владеење на правото и слободата? Зошто во оваа безмалку една декада не беше посветено ништо на мирот, кој се утврдува во создавањето на цивилизациските вредности и споделувањата на достигнувања на човекот и човештвото? Зошто Европа и Америка не учествуваа во создавањето на вредностите на компромисот, на земното почитување на сите и на секого, особено на правата на соседите? На тие вредности во суштина почиваат и заради нив и се одржуваат, и таа Америка, и таа Западна Европа, да му се сневиди! Зошто Европа и Америка не учествуваа во спротивставувањето на очигледните екстремизми и на двете страни? Има тука руски неоимперијализам, но и украински неофашизам, да не се лажеме дека нема. Зошто Евроамериканците на помогнаа во создавањето украинско јавно сознание дека тие, еден ден, дури и да станат богати членки на ЕУ и на НАТО сепак, Украина и Украинците нема да се преселат да живеат покрај Британија и Германија, или помеѓу Канада и Америка, туку ќе останат таму кај што си се и сега. Дури и да стане членка на богатата и демократска Евроамерика, Украина ќе остане да живее покрај соседите „авторитарни и заблудени тирани Руси“, кои сепак се поголеми од нив, а со самото тоа и посилни.
Зошто не се создаде култура на трпеливост и сожителство во Украина како земја што негува вредности на споделување, на заедништво во различностите (нели тоа е идејата на Евроамерика?!) за така да можат полесно да наоѓаат начини како да го почитуваат и споделуваат тоа во мир и разбирање? Не мора во љубов, само во мир и во разбирање. Што направија за тоа? Ништо. Сега, што? Што сега? М?
Во Македонија се вели, кај се запалило, таму ќе си гори. Ние ќе погледаме уште некој ден по телевизии и по мрежи што се случува по украинската земја, секако, ќе го гледаме она што Европа и Америка ќе ни дозволат да го видиме, и после ќе се вратиме на преговорите со Бугарија? И што има таму, драги мои? Истото она што до тука ви го напишав во врска со Украина. Ама сосема исто. Како ја доживувате Македонија од 1991 година со Лисабонската декларација на државите на Европа каде што ни беше забрането да постоиме? Како гледате на Европа со Бадинтеровата комисија, која ја формираа за да добијат препораки за тоа кои земји од Југославија заслужуваат признавање, за на крајот тие препораки самите тие да не ги почитуваат? Како дојдовме до европско признавање на нашата независност? Па ембаргото од север и од југ? Па спротивно на Повелбата на Обединетите нации држењето во лимбо на државата Македонија и Македонците? И на крајот вовлекувањето во војната во 2001 година во која кумуваа сите, од Урал до Владивосток, сосе Кина на исток со повлекувањето на „сините шлемови“ на ОН од границата со Косово. Па сѐ до американската политика и војска, која го помагаше и организираше војувањето дури и со трупи на терен на ешалоните на УЧК во Македонија? Кај сме со евроамериканскиот мир со непримањето на Македонија во НАТО во 2007 година, наспроти јасното сознание што се случува во светот и очигледните нови геополитички поместувања? И за да се стигне до Преспанскиот договор, кој во 90 отсто од неговата содржина е посветен на историјата и минатото и правото на Грција на ексклузивност врз историјата, горе-долу, исто онака како што Владимир Путин го бара тоа во историските односи на Русија со Украина.
И на крајот, ете нѐ до ветото за почнување на преговори со ЕУ, каде што Бугарија пред две години ни достави безмалку една реплика на барањата на Русите во однос на Украинците. Знаете што одговори евроамбасадорот во Скопје на прашањето дека тоа што ѝ се прави на Украина е истото што ѝ се прави на Македонија? Кажа, не било исто, бидејќи, сепак, за разлика од Русија, Бугарија не почнала војна во Македонија? Ха! Има разлика, мора да признаеме! Што се случува? Европа и Америка го игнорираат ова и со премолчување го поттикнуваат правото на посилниот, во овој случај Грција и Бугарија да стојат на патот на благосостојбата на помалиот и послабиот, а тоа сме ние. После чудете се што огромното мнозинство на Македонци, за жал, ама за вистина, имаат отворени симпатии кон Русија, наместо кон Украина во ова војна. Толку од Европа и од Америка во врска со бебешката количка што се тркала по скалите на Скопје.
Драги мои, не очекувајте Европа, Америка, Русија или не знам кој друг да ја запрат таа македонска количка и да го спасат бебето во неа. Претседател, влада, опозиција, интелектуалци, сите луѓе со влијание и моќ, тргнете ја македонската количка со македонското бебе од скалите на Одеса, но внимавајте, и од скалите на Скопје. И таму и таму, војната, со едни и со други средства, на еден и на друг начин ќе продолжи и ќе трае. Бескрајно жалам за тоа. Да ја живееме тагата на светот. Но да не се лажеме: она што Жан Пол во „Селина“ го нарече „weltschmerz“ и стана синоним за германската состојба на духот од крајот на деветнаесеттиот век, за нас, по овие европски западни балкани, не е ништо повеќе од само стих од една песна на ЕКВ испеана на концерт од крајот на дваесеттиот век, по кој „младите и слободни“ луѓе заминуваа на фронтовите по Хрватска и Босна да се убиваат за идеалите за слобода и братство во име на „тагата за светот“. Имајте го ова на ум кога зборувате дека ова не може повторно да ни се случи и нам. Чисто, сете се на ова. Така, за секој случај.
Ете тоа е приказната за „Скалите Одеса“ и револуцијата против старото. Драги мои, на скалите на градот Одеса се случило она што уште еден Германец (ах, тие умни Германци, што ли умуваат пак сега, ме мачи тоа нивно типично предвоено тихување?!) инаку комунист, револуционер и идеалист, можеби еден од најголемите на дваесеттиот век, големиот Бертолд Брехт, кој го има дефинирано одговорот на прашањето што е тоа криза: кога старото не умира, а новото не се раѓа. Или, пак, се раѓа, ама во породилни маки. Сведочиме ли на тоа? На раѓањето на новиот свет? Не знам. Ама, земјаци мои, во секој случај, ако веќе не можете да помогнете во ублажување на болките на родилката, тргнете се настрана во моментот кога светските акушери ќе ја исфрлат нечистата и крвава вода од матката. Да не ја полеат врз нас. Ова страв ли е? Да. Не. Не знам. Само се обидувам да го дополнам мојот омилен германец Брехт Бертолд. Ах, тие Германци? Што ли мислат да прават во време на нови ветришта на војната во Европа со штотуку определените сто милијарди евра наменети за правење и купување орудија, алатки и средства за војување? Ах, тие умни Германци? Ах! Баш сакам да видам каков им е умниот план за мир во светот. Оти, нели, тие ја измислија Тагата за светот?! М?
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор.