Рангирање на „Евростат“ според БДП по жител во куповна моќ за изминатата година
- Во 2025 година, БДП по жител во стандардот на куповната моќ значително варираше низ цела Европа. Со просекот на ЕУ поставен на 100, тој се движи од 68 во Бугарија и Грција до 239 во Луксембург според „Евростат“. Тој е околу 3,5 пати повисок во Луксембург отколку во Бугарија и Грција
Бруто-домашниот производ по жител во стандардите на куповната моќ значително варираше низ цела Европа во 2025 година. Секој трети жител на Европската Унија живее во земја каде што БДП по жител во стандардите на куповната моќ е над просекот на ЕУ.
Во 2025 година, БДП по жител во стандардот на куповната моќ значително варира низ цела Европа. Со просекот на ЕУ поставен на 100, тој се движи од 68 во Бугарија и Грција до 239 во Луксембург според „Евростат“. Тој е околу 3,5 пати повисок во Луксембург отколку во Бугарија и Грција.
Бруто-домашниот производ (БДП) по жител според стандардите на куповната моќ (ППС) е широко користена мерка за споредување на нивоата на националниот доход, бидејќи ги зема предвид разликите во нивото на цените. Според податоците на европскиот статистички центар „Евростат“, во Македонија, како и кај нашиот западен сосед Албанија, која исто така е кандидат за членство во ЕУ, стандардот на куповната моќ достигнува до 42 отсто. Дел од соседите имаат уште пониско ниво на куповна моќ.
Како што укажуваат аналитичарите на „Евростат“, процентот на куповната моќ означува дека по приспособувањето на разликите во цените, просечното лице во ЕУ може да си дозволи 100 единици од заедничката кошничка на стоки и услуги. Во Бугарија и Грција, тие можат да си дозволат околу 68 единици, додека во Луксембург можат да си дозволат околу 239 единици, веднаш по нив следува Ирска со 237 единици.
Овие бројки покажуваат дека Луксембург и Република Ирска имаат убедливо највисок БДП по жител од 139 отсто и 137 проценти над просекот на ЕУ. Спротивно на тоа, тој е 32 отсто под просекот на ЕУ во Бугарија и Грција.
Германија ја предводи големата четворка
Освен овие два исклучока, Холандија има највисок БДП по жител во ППС од 134 проценти од просекот на ЕУ, по што следуваат Данска со 127 отсто и Австрија со 117 проценти. Германија и Белгија со по 115 отсто, Шведска и Малта со по 110 проценти и Финска со 101 отсто се исто така земји над просекот на ЕУ.
Меѓу економиите на таканаречената голема четворка на ЕУ, Германија има највисок БДП по жител во ППС од 115 отсто од просекот на ЕУ. Таа е единствената земја над нивото од 100 проценти. Франција е блиску до просекот на ЕУ со 98 отсто, по што следува Италија со 96 проценти. Шпанија, пак, има најниско ниво меѓу нив со 92 отсто од просекот на ЕУ.
Осум земји под 20 отсто од просекот на ЕУ
Покрај Грција и Бугарија, уште шест земји се најмалку 20 отсто под просекот на ЕУ во БДП по жител во однос на ППС. Тоа се Летонија со 71 процент, Словачка со 75 отсто, Унгарија со 76 проценти, Хрватска со 78 отсто, Романија со 79 проценти и Естонија со 79 отсто, со бројки прикажани како процент од просекот на ЕУ.
Земји чија куповна моќ е блиску до европскиот просек се Полска и Португалија, каде што процентот достигнува 81 отсто.
Луксембург и Р Ирска се специфични случаи, па „Евростат“ укажува дека голем број странски работници се вработени во Луксембург и придонесуваат кон неговиот БДП, но не се дел од неговото население.
Од друга страна, во Р Ирска е забележано високото ниво на БДП по жител, кое според статистичарите може делумно да се објасни со присуството на големи мултинационални компании што поседуваат интелектуална сопственост. Договорното производство поврзано со овие средства придонесува за БДП, додека голем дел од генерираниот приход се враќа кај крајните сопственици на компаниите во странство.
БДП на ЕУ по жител во просек изнесува 41.600 евра во ППС
Во евра приспособен за ППС, просечниот БДП по жител на ЕУ изнесуваше околу 41.600 евра во 2025 година, врз основа на прелиминарните податоци. Меѓу земјите од ЕУ, тој варира од 28.300 евра во Бугарија до 99.300 евра во Луксембург.
Покрај Луксембург и Р Ирска, БДП по жител во ППС што надминува 50.000 евра има и во Холандија со 55.600 евра и во Данска со 52.800 евра.
Во Германија, сумата достигнува до 47.900 евра, додека во Франција е 40.700 евра. Во 10 земји од ЕУ, БДП по жител е под 35.000 евра во однос на ППС.
Општо земено, земјите од Источна Европа имаат најнизок БДП по жител во ППС, додека земјите од Западна и Северна ЕУ имаат највисок. Продуктивноста на трудот, мерена како производство по работник или по работен час, и интензитетот на вработеност се важни фактори за разликите меѓу земјите според „Евростат“.
Еден од тројца граѓани на ЕУ живее над просекот на ЕУ
Во 2025 година, само 10 од 27-те земји на ЕУ беа над просекот на ЕУ во БДП по жител во однос на стандардот на куповната моќ. Тие претставуваат околу 34 отсто од вкупното население. Генерално, еден од тројца граѓани на ЕУ живеат во земја каде што БДП по жител во ППС беше над просекот на ЕУ. Ова укажува на значителни разлики меѓу земјите од ЕУ.
Кандидатите за ЕУ имаат помал БДП по жител
Земјите кандидати за ЕУ, Обединетото Кралство и земјите од Европската асоцијација за слободна трговија не се вклучени во прелиминарните резултати. Сепак, бројките од 2024 година нудат корисни сознанија.
Земјите кандидати имаат значително помал БДП по жител во однос на ППС. Тој е 35 проценти од просекот на ЕУ во Босна и Херцеговина, 42 отсто во Албанија и Македонија, 52 проценти во Србија, 53 отсто во Црна Гора и 72 отсто во Турција. Освен Турција, земјите кандидати имаат пониски бројки од членките на ЕУ.
Обединетото Кралство со 99 отсто е блиску до просекот на ЕУ, додека земјите од ЕФТА имаат значително повисок БДП по жител. Тој е 160 отсто од просекот на ЕУ во Норвешка, 151 процент во Швајцарија и 131 отсто во Исланд.
Вистинската индивидуална потрошувачка по жител во ППС (стандард на куповна моќ) е клучен индикатор за материјалната благосостојба на домаќинствата и животниот стандард. Јазот е помал во оваа мерка отколку во БДП по жител во ППС. Е.Р.
Индекс на БДП по жител во стандарди на куповната моќ
Луксембург 239
Р Ирска 237
Холандија 134
Данска 127
Австрија 117
Германија 115
Белгија 115
Шведска 110
Малта 110
Финска 101
ЕУ 100
Кипар 98
Франција 98
Италија 96
Шпанија 92
Чешка 92
Словенија 91
Литванија 88
Португалија 81
Полска 81
Естонија 79
Романија 78
Хрватска 78
Унгарија 76
Словачка 75
Летонија 71
Грција 68
Бугарија 68
податоците се однесуваат
за 2025 година
































