Во КСП „Центар-Јадро“ се одржа промоција на најновото документарно видео на архивот „Бужаровски“ – „Тетратките за снимањата на оркестарот на народни инструменти на Радио-телевизија Скопје, 1972–1985“. Ова документарно видео се фокусира на искажувањето на Тихомир Весковски, долгогодишен член на ансамблот, и музикологот Милена Наумовска, која ги дигитализираше тетратките на оркестарот на народни инструменти на Радио-телевизија Скопје, подоцна Македонското радио и телевизија.
Овој оркестар е стожерот околу кој се гради, се развива и се чува македонскиот музички фолклорен идиом. Периодот што го покриваат тетратките од 1972 до 1985 година е обележан со многу обемна и успешна активност на оркестарот.
Тихомир Весковски е истакнат музичар и член на оркестарот на народни инструменти при МРТВ. Неговите почетоци во оркестарот на народни инструменти при Радио Скопје се во 1975 година и во овој оркестар и во Радио Скопје ќе работи до неговото пензиoнирање во 2022 година. Во групата тамбури посебно соработува со нејзиниот водач Мефаил Сакип, кој уште од самите почетоци го упатува во начинот и тајните на музицирањето на тамбурата.
Милена Наумовска е присутна во повеќе проекти на архивот „БузАр“ и во Мултимедијалниот корпус на македонски народни песни (MCMFS) како пејачка, но и преку освртите на музичките настани на основната страница на архивот.
Димитрие Бужаровски е истакнат македонски композитор, музиколог и професор. Неговите полиња на интерес се различни: композиција, музикологија, компјутерска и електронска музика, интерпретација (пијано, синтисајзери, диригирање), образование, менаџмент и научноистражувачка работа. На 15 октомври 2012 година е основан архивот „Бужаровски“, граѓанска и непрофитна иницијатива со задача да го чува во дигитален формат македонското, балканското и светското културно наследство.
































