БАЛКАНOT ПОД ПРИТИСОК ОД МОЖЕН „БОМБАШКИ БРАН“:
АЛАРМ ЗАРАДИ ПРЕВЕНТИВА, ЗА СЛЕДНА СТАНИЦА ДА НЕ БИДЕ МАКЕДОНИЈА
- Искуството покажува дека најголемиот дел дојави за поставени бомби завршуваат како лажни. Но нивниот ефект е реален. Последица на ваквите дојави се евакуации, прекин на наставата, економски загуби и ширење несигурност. Дури и кога нема експлозив, постои „експлозија“ на страв. Во модерниот безбедносен контекст ваквите закани често се користат како специфична форма на вознемирување, внесување немир, паника и страв. Тоа е евтин, а ефикасен начин да се дестабилизира јавниот ред без физички напад
Во последните 24 часа серија дојави за поставени бомби ги вознемирија граѓаните во повеќе балкански градови – од Подгорица и Будва, преку Загреб, до Зеница. Најнова цел на ваквите закани се училиштата во повеќе градови низ БиХ (Мостар, Коњиц, Чаплина и Јабланица) и низ Хрватска (Загреб, Сплит и Дубровник), кои биле навремено евакуирани и обезбедени од надлежните служби.
Иако некои од заканите веќе се покажаа како лажни, моделот на нивното појавување повторно отвора сериозни предизвици. Станува ли повторно збор за регионален бран на овој феномен и колку е веројатно истиот тој да се прелее и во Македонија? Изминативе денови беа испратени закани по електронска пошта во два трговски центра во Скопје, кои се испоставија како лажни.
Лажни закани, вистинска паника
Искуството покажува дека најголемиот дел вакви дојави завршуваат како лажни. Но нивниот ефект е реален. Последица на ваквите дојави се евакуации, прекин на наставата, економски загуби и ширење несигурност. Дури и кога нема експлозив, постои „експлозија“ на несигурност и страв. Во модерниот безбедносен контекст ваквите закани често се користат како специфична форма на вознемирување, внесување немир, паника и страв. Тоа е евтин, а ефикасен начин да се дестабилизира јавниот ред без физички напад.
„Шаблонот север-југ“ како инерција или како нечија стратегија?
Она што дополнително ја зголемува загриженоста е повторливиот географски образец. Во повеќе наврати во изминатите години слични бранови (север-југ) започнуваа во северните делови на Балканот, постепено „слегувајќи“ и проширувајќи се кон југ. Овој тренд не мора нужно да значи централизирана организација. Може да станува збор и за т.н. копикет-ефект, имено кога една закана инспирира други, особено кога медиумскиот фокус врз таквите нешта е на високо ниво, и статиите од таа проблематика се зачестени.
А со оглед на географската позиција и претходните искуства, Македонија не е имуна на вакви бранови и таквиот феномен на бранувања најчесто се спуштал од север кон југ. Од оваа временска дистанца и со слична содржинска рамка, постојат неколку фактори што Македонија ја прават потенцијално ранлива, врзано за оваа појава.
– Македонија веќе има искуство со серија лажни дојави во училишта и институции. Второ, регионалната поврзаност си го прави своето, а информациските и комуникациските канали не познаваат граници. Во тој контекст е и медиумскиот ефект. Имено, интензивното известување може несвесно да поттикне нови закани – велат нашите соговорници, безбедносни експерти, додавајќи дека е важно да се нагласи дека „во моментов нема конкретни индикации за непосредна закана“.
Колкава е веројатноста дека дојавите за „поставени бомби“ повторно ќе се појават и во Македонија?
Ако се земат предвид претходните обрасци и тековните случувања, според нашите соговорници, може да се направи аналитичка проекција со одредена процена за веројатноста на евентуалните случувања.
– Краткорочната веројатност (следни 7–14 дена) е средна (30-50 отсто), среднорочната (еден-два месеца) е зголемена, особено ако брановите продолжат, додека долгорочната е поврзана и со брзината и ефикасноста на реакцијата на институциите и регионалната координација. Ова последново значи дека ако реагираат институциите инстантно и во тоа има голема ефикасност и реализација, тогаш, на долг период, оваа практика на вознемирување би престанала. Но оваа процена не значи дека напад е сигурно најверојатен, туку дека закани (најчесто лажни) се сепак можни – велат нашите соговорници.
Институциите да бидат подготвени и на штрек, во интерес на граѓаните
Клучниот фактор не е дали ќе има дојава, туку како ќе се реагира. Брзата евакуација, јасната комуникација и ефикасната проверка се суштински за минимизирање на штетите. Во исто време, прекумерната драматизација може да има спротивен ефект и да ги охрабри сторителите.
– Балканот моментално се соочува со рециклиран бран на закани што повеќе личат на психолошка игра отколку на реална терористичка операција. Но токму затоа тие се опасни, затоа што ја користат човечката реакција на страв. Македонија треба да биде подготвена, но не и исплашена. Бидејќи во вакви ситуации најсилното оружје не е паниката, туку трезвеноста – тврдат нашите соговорници, истакнувајќи ја својата најдобра намера да предупредат и да испратат добронамерни пораки до јавноста, особено до нашите надлежни институции заради превентивност и да бидат внимателни, претпазливи и на штрек. Р.Н.М.
































