Кралевски, Јанков, Крстевски, Батковски и Стошевски

ВЕЛИГДЕНСКИ ТУРНИР ЗА ВЕТЕРАНИ ВО ЗАБРЗАН ШАХ

  • Пред турнирот ШКВ Скопје 72 им додели признание „почесен член-донатор“ на четворица истакнати личности, проф. д-р Кирил Сотировски, проф. д-р Филип Здравески, Владимир Крстевски и Коле Николов, а посебна статуетка му беше доделена на ШК Алкалоид по повод 50 години од неговото формирање

ФИДЕ-мајсторот Александар Кралевски (рејтинг 2.128) е победник на Велигденскиот турнир за ветерани во забрзан шах, кој традиционално го организира шаховски клуб на ветерани Скопје72. По девет кола, Кралевски (рангиран прв пред турнирот) освои 7,5 поени, втор е Павел Крстевски (1.977) со 6,5, а потоа се Дејан Јанков (2.063), ФМ Јани Богоевски (2.108), Илија Стошевски (2.036) со по шест… Поради големиот интерес годинава, на задоволство на организаторот, а со голема благодарност до домаќинот, турнирот се одржа во прекрасно уредениот шаховски клуб на ШК Алкалоид. Пред турнирот ШКВ Скопје 72 им додели признание „почесен член-донатор“ на четворица истакнати личности, проф. д-р Кирил Сотировски, проф. д-р Филип Здравески, Владимир Крстевски и Коле Николов, за нивниот придонес за ШКВ Скопје.
– Исклучително силен турнир, со борбеност на таблите до последен здив. Ветераните едноставно играа како да заборавиле на своите години, прикажувајќи мошне комбинаторна игра. Одлуката на организаторот специјално да покани двајца млади талентирани шахисти се покажа како вистински потег. Павел Крстевски (14 г.) играше зрело, без превиди, и сосема заслужено го освои 2. место, но и огромни 85 нови рејтинг-поени. По слабиот старт, Никола Радоњанин (12 г.) вториот ден се врати со посакуваната игра и е осми, а Дејан Јанков (57 г.) по долга пауза се вклучи во турнирските борби и затоа освоеното 3. место не е изненадување – вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Стошевски.

Организаторот, покрај освежувањето со пијалак, на почетокот на турнирот на секој учесник му подари и црвено велигденско јајце. Со познатиот велигденски поздрав „Христос воскресе! Навистина воскресе!“, присутните на турнирот ги поздрави Стошевски, кој им посака на сите многу здравје, почит, соживот, разбирање и успех на шаховски план.
– Традиционалниот турнир, на големо задоволство на ветераните и на нашиот клуб, ни се одобри да го играме во новите и уредени простории на поранешниот европски шаховски шампион Алкалоид, а нашиот клуб како еден вид благодарност кон ШК Алкалоид му подари посебна статуетка по повод 50 години од неговото формирање, која ја прими членката на клубот, ЖИМ Лидија Софревска-Андонова. Во исклучително убава и достоинствена велигденска атмосфера, турнирот беше мошне интересен и неизвесен до самиот крај, што само потврди колку се борбени ветераните и во овие нивни години. Во план ни е да одиграме и втор пријателки меч, ШКВ Скопје 72 против младите надежи на ШК Алкалоид, како и лани, оти ваквите турнири од кои може многу да се научи од ветераните им се потребни на младите шахисти. Нашиот клуб со оваа низа турнири со различно темпо на игра, како и Шаховскиот фестивал, само потврди дека со право го наоѓа своето место не само кај нас туку и на Балканот и не верувам дека има друг ветерански клуб со ваква богата шаховска и организациска активност како нашиот – ни рече Стошевски. Г.И.