Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој е дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во Виена, учествуваше на средба со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
Како што информираше преку својот Фејсбук профил, во фокусот на разговорите биле регионалните развојни проекти, со акцент на инфраструктурните коридори како клучни инвестиции со висок економски потенцијал.
Николоски се осврнал на изградбата на брзата пруга на Коридор 10, нагласувајќи дека станува збор за проект кој ќе овозможи побрз и поефикасен транспорт и ќе даде силен економски импулс за регионот.
На средбите било разговарано и за Коридор 8, како и за тековниот инвестициски циклус на овој значаен правец.
Вицепремиерот истакна дека Австрија е долгогодишен економски партнер на Македонија и силен поддржувач, при што билатералните односи се темелат на доверба и заедничка визија за развој.
– Во фокусот на средбите беа економската соработка, новите инвестиции и проектите што ќе придонесат за регионална интеграција и напредок – посочи Николоски.

































