Парламентот на Велика Британија усвои закон со кој трајно се забранува продажба на цигари и никотински производи на лица родени по 2008 година.
Со новите мерки, минималната возрасна граница за купување тутунски производи ќе се зголемува секоја година, што практично значи дека идните генерации нема да можат легално да купуваат цигари.
Инаку, во Велика Британија веќе е забранета продажба на цигари, тутун и електронски цигари на лица под 18 години, но со новиот закон земјата воведува една од најстрогите политики против пушење во светот.
Сличен закон беше усвоен во Нов Зеланд во 2022 година, но подоцна беше повлечен.
И покрај значителниот пад на бројот на пушачи – за околу две третини во споредба со 1970-тите – во Велика Британија сè уште има околу 6,4 милиони пушачи, што претставува околу 13 проценти од населението.
Британските власти посочуваат дека пушењето предизвикува околу 80.000 смртни случаи годишно и останува водечка причина за смрт, инвалидитет и нарушено здравје.


































