Државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, деновиве престојува во Тирана, Албанија, каде што се обрати на отворањето на еден од најголемите културни настани во регионот – фестивалот „Мјуз-екс експо“. Во своето обраќање, Ѓоргова ја потенцираше важноста на културната соработка и поврзувањето меѓу земјите, обединувајќи уметници, продуценти и културни организации од Европа, регионот и пошироко.
– Културата не е само наследство што го чуваме туку жива сила што нè поврзува и нè движи напред – токму преку ваквите средби создаваме нови вредности, нови партнерства и заедничка иднина – истакна Ѓоргова.
Таа нагласи дека учеството на Република Македонија на овој значаен настан претставува можност за промоција на богатото културно наследство и современата уметничка сцена, како и за отворање нови перспективи за соработка во областа на креативните индустрии и иновациите. Ѓоргова го посети и македонскиот павилјон на фестивалот, каде што своја презентација имаа уметници, претставници на фестивали, музички продукции, филмски уметници, занаетчии, туристички оператори и претставници на културниот сектор во земјата.
Фестивалскиот дел започна со 40-минутен сценско-визуелен перформанс на истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и камерниот оркестар „Профундис“, во соработка со оркестарот на Албанската радио-телевизија. Овој уникатен проект понуди современ аудиовизуелен концепт што ги спојува класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност, претставувајќи силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот, при што македонските уметници се претставија рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.
Поради значајното учество и придонес во промоцијата на културата, на Министерството за култура и туризам и на Македонскиот културен центар во Тирана организаторите на фестивалот им доделија специјално признание. Присуството на фестивалот во Тирана се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам и претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворање нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво.
Учесници се над 60 македонски уметници
Македонската култура се претстави во полн сјај на фестивалот, кој се одржа од 17 до 19 април во Тирана, Албанија. Фестивалот, кој има изразен интернационален карактер, обедини уметници, продуценти и културни организации од Европа, регионот и пошироко, со што се создаде силна глобална платформа за културна размена и соработка. Со сопствен македонски павилјон, во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, нашата држава се претстави со повеќе од 60 уметници, продуценти, фестивали, филмски автори, занаетчии и претставници на креативните индустрии.
Во рамките на саемскиот дел се претставија истакнати македонски културни и креативни организации, меѓу кои: продукцијата „Авалон“, продукцијата „Пасворд“, фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, „Вардар филм“, „Скопје вајнил конвеншн“, како и повеќе компании и организации од културниот сектор. Учесниците имаа свои информативни бироа, но и можност за директни средби со меѓународни партнери. Особено внимание привлече „Артизан вилиџ“, каде што се претстави македонското традиционално занаетчиство, вклучувајќи охридски бисери, филигран, рачно ткаени килими, везови и современи уметнички инсталации.
– Учеството со национален павилјон и толку бројна делегација е силна потврда за креативниот потенцијал што го има Македонија. Нашата цел е преку програмата, експо-претставувањето и вмрежувањето со меѓународни партнери да создадеме конкретни можности за нови соработки и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии – изјави Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар (КИЦ) во Тирана, Албанија.
Фестивалот „Мјуз-екс експо“ има изразен интернационален карактер и обединува уметници, диџеи, продуценти и креативни професионалци од повеќе земји од Европа и од светот. Фестивалот се одржува на уникатна мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана, со повеќе тематски фестивалски вечери, електронска, поп и рок-програма, како и паралелни сцени за настапи и презентации. Покрај музичката програма, настанот вклучува конференции, панел-дискусии, филмски проекции, експо-презентации и професионални средби, што го позиционира како значајна меѓународна платформа за културна размена и соработка. Во ваков контекст, македонските уметници се претставија рамо до рамо со истакнати имиња од светската сцена, пред публика и професионалци од целиот свет.































