Министерство за јавна администрација

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, го заврши учеството на Министерската конференција во Будва, организирана во рамки на Берлинскиот процес, со повеќе билатерални средби со министри и високи претставници од регионот и Европската Унија, пренесе МИА.

Според Министерството за јавна администрација, во центарот на разговорите биле реформите во јавната администрација, кои Минчев ги оцени како клучен предуслов за напредокот на државата кон Европската Унија.

Тој истакна дека реформите не значат само административни прилагодувања, туку темелна трансформација на институциите во ефикасен сервис за граѓаните.

На средбата со косовскиот министер Лулезон Јагџиу се разговарало за конкретни решенија и практики што веќе даваат резултати, при што Минчев ја нагласил важноста на регионалната соработка и размената на искуства.

Во разговорите со генералниот секретар во грчкото Министерство за јавна администрација, Јанис Фустанакис, биле разгледани можностите за развој на Академијата за јавна администрација и продлабочување на соработката со Националниот центар за јавна администрација на Грција.

На средбата со Франческо Леоне, советник на италијанскиот министер за јавна администрација, фокусот бил ставен на зајакнување на капацитетите на административните службеници и соработка преку програмите на Националната школа за јавна администрација на Италија.

Со овие активности, како што наведуваат од Министерството, Македонија уште еднаш ја потврдила својата позиција како активен и кредибилен партнер во регионалните и европските процеси.