Ќе леташ над гнездото на кукавицата или ќе се сликаш за лична карта?

„Лет над гнездото на кукавицата“ е роман на Кен Кеси, објавен во 1962 година. Сместена во психијатриска болница во Орегон, приказната служи да се упати жестока критика на институционалните процеси и човечкиот ум, вклучувајќи критика на психијатријата и почит на индивидуалноста. Филмот освои пет „оскари“. Не се прават веќе толку добри и храбри филмови, а и романот бил избран за еден од најдобрите сто на векот.
Приказната добива невиден пресврт кога еден осуден криминалец за насилство и коцкање, Рендл Мекмарфи (го игра Џек Николсон) се решава затворската казна што ја отслужува на специјална фарма да ја замени со психијатриска болница, па затоа симулира дека е луд. Каков избор, а? Затвор или лудница? Мислејќи дека полесно ќе помине, на крајот Рендл ќе се кае.
Кеси е жесток критичар на еден психијатриски (но и поширок општествен) систем во Америка од 60-тите години на минатиот век, кој експериментирал со електрошокови, млазови вода, лоботомија, психотропни супстанции, дроги… Нешто што го има како систем и експеримент и во Виетнамската војна.
Клучните зборови што сакам да ги истакнам се систем, експерименти и симулација, па и неизбежната лоботомија, која може да биде и масовна. Ако мислите дека ова го нема во Македонија, и вчерашна и денешна, се лажете. Кој сѐ може да го преживее ова?
И дали со вакви системски средства може да се постигнува развој на едно општество? Македонскиот систем во овој контекст не е за потценување, со еден мал исклучок дека од изборот затвор или лудницата, сепак можеш да си заминеш барем додека си млад. Како помошно наркотично средство ќе послужи бугарски пасош. Пребеганиот поединец што ќе излезе од железната врата на Македонија ќе се снаоѓа во други системи и тоа е негова работа. Тој повеќе не е интересен за Македонија, не го есапи како свој, зашто тој ти бил во дијаспората. Некој пак успеал да се слика за пасош, извадил нов со ѕвездата Северница и така, сакајќи или не, ќе го шири вирусот на северџанизацијата низ белиот свет. Оти успеал да се слика за пасош! Цивилизациски дострел.
За сликањето и за системот. Во 2004 година бев на студиски престој во Северна Каролина, САД, и тогаш решив да полагам за возачка дозвола онака чисто од забава и да утепам еден празен ден надвор од кампусот. На фиљан место во Дурам заминав со еден колега новинар од Јужна Кореја, кој ми го позајми автомобилот за возачкиот испит. Се пријавив на еден шалтер. Ме запишаа, па ме натераа да читам букви на едно пано, значи добар ми е видот (лекарско уверение), и службеничката ме упати да седнам на еден компјутер и да решавам прашања. Компјутерот ми редеше 20 прашања, а кога ги одговорив сите ми даде информација: Помина, 19 од 20 одговорени точно. Веднаш потоа ме упатија надвор, каде што дојде испитувачот. Влезе со мене во автомобилот и ми рече да паркирам бочно. Добро е. Излезете на онаа улица, ми даде команда. Возевме околу 10 минути низ некои периферни улички. Што е најважно? – Никогаш не вози агресивно! Ако е дозволено 55км/ч., вози 55, задолжително застани на знакот „стоп“, давај предност, не престројувај се како да си на Партизанска и возиш како бубашваба на која ѝ запалиле светло! Поминав и возење. Ме сликаа, дадов дваесетина долари и добив возачка дозвола со важност од пет години. Толку! Имам возачка и од Викторија, Австралија, и таму е сличен системот. Сѐ оди брзо и практично.

Лани во декември се вратив од Австралија, каде што бев полуслужбено. Окапав од чекање да дојдам на ред за сликање за нова лична карта и за возачка дозвола. Уште чекам и да ми стигне првата пензија, која во нормален систем би требало веднаш да ми биде готова, а тоа во мојот случај значи од лани во ноември. Кој месец е сега, а? Кој мисли дали имаш или немаш, зошто немаш здравствено осигурување и се лекуваш на приватно?! Кому му е гајле! Имало дупка во системот! Конечно ме сликаа, а документите би требало да ги земам по еден месец! Па, дали сме ние нормални? Или симулираме дека сме нормални? Ги имам сите документи, пополнет формулар, сликан, а личната карта ќе била готова по еден месец. Ако биде.
Не велам дека порано сме биле многу подобри, но факт е дека не сме биле толку лоши, администрацијата ни крахира, има сериозни пропусти и, од она што го видов низ ходниците и канцелариите, владее голема недисциплина. Дали ова се придобивките на фамозниот Охридски договор? Да. Голем дел од проблемот лежи во неселективното вработување на тотално нестручни кадри. Потоа, ем масовни вработувања, ем за кус период. Кога се готвеше Рамковниот, странците (видете тие се од други системи и кај нив веројатно лицемерството не е грев) ни велеа дека и финансиски ќе ни помогнат за неговата примена. Ништо од тоа.
Впрочем, кога некој оди да заврши работа во ПИОМ, Катастар, УЈП…, тој не гледа дали зад шалтерот (а бе уште сме во систем на „зад шалтерот“, хехехе, мораш да наведнеш глава, да свиеш шија) работи Џевад, Ристе, Сузана…, туку гледа да си ја заврши работата и да нема грешки. Рамковниот ни создаде нефункционален систем и наместо зацврстување на унитарниот карактер на државата, политичките елити тргнаа по патот на двојазичност и сега веќе јасно кон некаков тип на федерализација. Преспанскиот договор, Тиранската платформа и Договорот со Бугарија ја исрцтуваат зоната на интересните сфери. Забетониран е системот на етноцентризми, а тој е последица на етничкиот концепт на поголемиот дел од политичките партии. Плус, организациски партиите се поприлично авторитарни. Па, гледајте, измислија Министерство за политички систем! Копија од монтипајтоновското министерство за глупаво одење.
И затоа кога слушаме дека сега е време за промени, јас не разбирам кој и како ќе ги донесе тие промени. Дури и да бидат изборите најслободни и перфектно спроведени според законите, изборите во Македонија немаат апсолутно никаква смисла. Тие се само симулација на нешто што треба да бидат избори.

Оти што ако победи волјата на мнозинството избирачи, кога потоа ниту Владата ниту Собранието не можат да го спроведат тоа. За промена на Уставот е потребно и двојно мнозинство, што е принцип за заштита од мајоризација, но зарем принципот на замолчување на волјата на мнозинството не е уште пострашен? Сериозни држави своите политики во најширок општествен контекст ги прават за мнозинството. Дали е кај нас така? Ни оддалеку. Системот треба да се менува, да се демонтира, инаку сѐ ќе биде симулација. Албанските партии јасно кажаа каква Македонија сакаат (главно консензуална односно консоцијална), но нејасно е каква Македонија сакаат тие што се мнозинство во државата.
П.С. Моето прво вработување беше во 1985 година, и тоа во „Нова Македонија“. По престои во странство и работа во неколку редакции, особено ми е драго што повторно се вратив таму каде што почнав.

Христо Ивановски