Република Македонија како да има некое проклетство со своите претседатели на државата. Таа коба, лоша и несреќна судбина, ја следи државата со децении, од првиот до последниот во поновата историја, од осамостојувањето до денес, до актуелниот претседател што седи сега на тој жежок трон. Повеќепати е напишано дека ако се навлезе, макар бегло, во не толку далечната хронологија од формирањето на современата македонска држава, не ќе може да се избегне споменувањето на судбината на нејзиниот формално прв претседател Методија Андонов-Ченто. Како што е познато, го развластија и осудија на робија, дел со причина, дел без неа, неговите пријатели и соборци од Народноослободителната борба, партизани. Ченто е рехабилитиран, но рехабилитацијата стигна многу доцна

Државата и нејзините претседатели

Геополитичкиот и геостратегискиот пејзаж во Европа и околу Европа значително се промени во последните две години и овие промени не се завршени. Руската војна во Украина го менува Стариот Континент кон полошо, не кон подобро. Можното прелевање на украинската криза во земјите на Западна Европа и последиците од тоа прелевање автоматски ќе се чувствуваат на Балканот, особено на Западен Балкан, подрачје што сѐ уште ја носи назнаката „трусно“. Не се без основа и значење и укажувањата за влијанието на Русија и на Кина и за нивниот интерес да учествуваат во политиките или во евентуалната разврска на прашањата за Западен Балкан, вклучувајќи и ја Македонија.
Ако цел свет зборува за евентуална трета светска војна, не може Македонија да биде „оаза на мирот“, земја на благодати и просперитет. Секој одговорен политичар треба да го знае тоа и да бара приспособување на државните институции. Македонија е ранлива држава сама од себе, од своето минато, историја, од својата геостратегиска положба, територијална географија, од разликите на делови од народите што живеат во неа, од разликите во религиите. Наведените карактеристики се елементи што го тресат светот и што се причини за конфликти и војни.
Во вакви услови македонската политика со години се врти во круг, ротирајќи околу желбата за прием во ЕУ, околу немањето јасна волја од страна на ЕУ и околу неспособноста дома да се искристализираат условите за конечниот чекор.
Македонија ќе се соочува со продолжени внатрешни меѓупартиски судири, со етнички затегнатости, со економски проблеми, со хибридни закани по мирот и безбедноста иако е членка на НАТО, со проблеми со соседите, иако не по своја вина. Нема експресно да се решат проблемите со Бугарија, особено што Гордана Силјаноска, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, навестува нужна ревизија на Договорот за пријателство. Може да се влошат и односите со Србија по заканите дека ќе се напушти проектот Отворен Балкан, смислена операција на ДУИ да ја ослаби државата уште од една страна, единствената со која Македонија нема отворени прашања. Се разбира, тука се и односите со превртливата Европска Унија, која нема разбирање за македонските национални чувства и повеќе одмага одошто помага да се излезе од ќор-сокакот.
Кандидатите за претседател, особено оние што ќе останат во вториот круг, ќе треба да се потрудат да одговорат кому и зошто му се потребни сите овие нови провокации што ја ослабуваат и загрозуваат сѐ уште кревката македонска државотворност.
Иако економијата, за жал, не е (не била) еден од важните ресори со кои се занимавал претседателот на Македонија, вреди да се укаже дека државата четврта година по ред се соочува со предизвикот од најнизок економски раст во регионот, со прогнозиран раст од само 2,5 отсто за 2024 година. Тоа е значително под владините очекувања од 3,4 отсто и далеку од потребниот напредок за една земја што се стреми кон економски раст и развој. Покрај стагнирачкиот раст, земјата се бори и со еден од најдлабоките буџетски дефицити во регионот.

Илустрација: „Нова Македонија“

Никој не стана обединител

Не е лесно да се биде жител на Македонија, а не е голема среќа да се биде претседател на Северна. И најнепретенциозната анализа ќе го докаже таквото тврдење.
Првиот човек на македонската држава, и да сака, тешко би остварил нешто повеќе од она што му го овозможува Уставот, иако за три децении тој устав не само што доживеа драстични промени туку повеќе беше предмет на прекршување, на креативно толкување и анархично спроведување, одошто на зачувување. Според протоколот, претседателската функција е формалноправно прва во државата, но суштински е четврта-пета. Во сегашниов случај, по својата позиција, моќ за влијание и решавање, Пендаровски е на петтото место. Него во заднина го истиснаа Зоран Заев, Али Ахмети, Талат Џафери, Димитар Ковачевски, дури и еден Артан Груби, личности што ја наметнуваа македонската политика во мандатот на претседателот, кој само ги потпишуваше одлуките, беше нотар на нивните договори.
Иако Пендаровски и сите негови претходници бараа национално и граѓанско единство, никому не му успеа таквиот напор. Никој не се стекна со слава на обединител. Никому не му успеа да ги наведе на разумен однос и пристоен дијалог двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и да ги насочи заеднички да работат за интересите на граѓаните, на државата и на македонскиот народ, макар во минимални дози. Никој не стана претседател на сите граѓани во вистинска смисла. Никако не можеа да се одвојат од партискиот шинел под кој ги добија мандатите. Никој не заврши без мана, ниту еден не е испратен со слава и фала.

Од првиот до последниот…

Република Македонија како да има некое проклетство со своите претседатели на државата. Таа коба, лоша и несреќна судбина ја следи државата со децении, од првиот до последниот во поновата историја, од осамостојувањето до денес, до актуелниот претседател што седи сега на тој жежок трон.
Повеќепати е напишано дека ако се навлезе, макар бегло, во не толку далечната хронологија од формирањето на современата македонска држава, не ќе може да се избегне споменувањето на судбината на нејзиниот формално прв претседател Методија Андонов-Ченто. Како што е познато, го развластија и осудија на робија, дел со причина, дел без неа, неговите пријатели и соборци од народноослободителната борба, партизани. Ченто е рехабилитиран, но рехабилитацијата стигна многу доцна.
Не баш најсреќна беше судбината и на Киро Глигоров, првиот претседател на независна и самостојна Македонија. Него го признаваа Албанците, против него беа вмровците, кои го осудуваа што ја прифати референцата БЈРМ и го смени шеснаесеткракото знаме. Атентатот врз него, иако неуспешен, го означи почетокот на наметнување на циклусот политички, меѓунационални и меѓусоседски кризи со низок интензитет, кој во државата трае до денешен ден, до сегашниот час.
Откако не успеа обидот за физичка ликвидација, следуваше обидот за морална дискредитација, кога од негови домашни политички противници му беше пласирана љубовна афера со барања да се испита неговата ментална состојба, неговата способност за вршење на функцијата и слично. Беше разгледувана можноста за импичмент, беше прозиван Уставниот суд да се изјасни за неговото здравје. Неоспорен е фактот дека и таа афера беше дел од обидите радикално да се смени концептот за натамошниот развој на државата, да се одредат нови насоки во внатрешната и меѓународната политика, во односите со соседите.

Како што се ближи врвот на кампањата за првиот круг на претседателските избори така се вжештува битката меѓу седумтемина смели кандидати. Во какофоничното ораторство едно им е заедничко: сите зборуваат колку ќе биде поинаку, полесно, подобро, колку ќе се живее посреќно и побогато ако утре некој од нив биде на чело на државата. Никој не предупредува дека Македонија (сега Северна) и нејзините граѓани ги чека понеизвесен период, дека ќе биде потешко, дека ќе се минува низ „пот, крв и солзи“, низ нов бран политички, социјални, меѓунационални и меѓународни потреси. И кои нема да бидат совладани со сегашните ветувања или со волшебно стапче, кое го имаат загубено дури и самовилите во приказните

Борис, војна, Устав…

По Киро, дојде Борис. Струмичанецот Борис Трајковски, иноверник, методист, политички анонимец, кој на претседателската функција „падна од небо“, за жал од небо замина од неа. Неговиот избор, со космичкиот пресврт меѓу двата круга на гласање, беше еден од најчудните во младата, кревка, неука и наивна демократија, но со далекосежни димензии и последици. Тоа беше првиот, тогаш сѐ уште непрепознатлив знак што сериозно ги означи влезот и мешањето на странскиот фактор во изборниот процес и во внатрешните работи на Македонија, од една страна.
Од друга страна, начинот на тој избор ја отвори големата врата за прифаќање на албанските гласачи како пресудно јазиче на вагата што ќе го одредува победникот или победничките коалиции на сите наредни избори. Во времето на Трајковски пукна и првата пушка, се појави воената организација на Албанците, ОНА (Ослободителна народна армија – УЧК), паднаа првите воени и цивилни жртви на територијата на Република Македонија, по 56 години од завршувањето на Втората светска војна.
Во владеење на Борис и под негов патронат беше потпишан Охридскиот договор, со чии инструменти коренити измени претрпе и Уставот, во кој со низа амандмани беше легитимирана, признаена и впишана капитулацијата на македонското мнозинско население и се поставија темелите на Македонија како бинационална наместо мултикултурна држава. Конечно, неговото загинување во авионската несреќа над Мостар и нејасните околности во кои се случи падот на авионот доволно ја потресоа Македонија и придонесоа кризата да има свој продолжен тек.

Љупчо се извини, Груевски контра Црвенковски

Изборот на Трајковски повеќе од една година не го признаваше СДСМ на чело со Црвенковски, викајќи го „фикус“. Но откако ги регулираа односите со СДСМ, легитимноста му ја оспоруваше самото ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат беше на изборите. Ќе остане забележано подоцнежното јавно извинување до народот од страна на Љупчо Георгиевски за изборот на Трајковски, поради нивното несогласување по многу прашања во времето кога Трајковски беше претседател на државата, а Георгиевски претседател на владата.
Посебна приказна беа односите меѓу Бранко Црвенковски како претседател на државата и Никола Груевски како претседател на Владата. Испишаните црни страници, објавуваните јавни потерници по Црвенковски од страна на Груевски и штабот на ВМРО-ДПМНЕ, заканите и жонглирањата ја достигнаа кулминацијата на политичкиот невкус во пресметката меѓу политичките конкуренти. Од своја страна, и Црвенковски не остануваше должен во користењето политички бизарности.
Нивниот безмалку закрвен однос резултира со дебакл на Македонија на самитот на НАТО во Букурешт, со поделба на Македонците на Словени и Антички Македонци, со застој на демократските и други започнати позитивни процеси. Судејќи по епилогот, поразот на Црвенковски во таа беспоштедна битка, неговата одлука да не се кандидира за втор мандат, што за сите познавачи беше неочекуван чекор, му овозможи на Груевски да биде ослободен од контрола и самиот да се заплетка во работи за кои сега е азилант во Унгарија.

Иванов в скут на Груевски

Традицијата на несреќен избор во Македонија го достигна врвот со Ѓорге Иванов. Неоспорно е дека за десетте години, колку што беше на чело, со редица потези и одлуки сам си го урниса својот авторитет, иако не би требало да се заборави дека опозицијата сериозно работеше да дотура масло на тој оган. Врзувајќи се претерано за скутот на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот поранешен лидер, претседателот не го признаваа, го игнорираа и шиканираа повеќето партии, особено албанските политичари, односно Демократската унија за интеграција (ДУИ). Гласот на Ахмети, кому подоцна му се приклучи Заев, беше многу посилен од претседателскиот.
Иванов си ги заслужи критиките, особено по трагикомедијата со аболициите на своите сопартијци, по недоосмислените и напати смешни соопштенија што ги читаше пред ТВ-камерите и по редицата изјави што сериозно отскокнуваа од реалноста.
Тогаш се изостри и стратегискиот идеолошко-политички судир на концепти за патиштата по кои треба да се движи и развива Македонија. Едниот, на премиерот Заев, оценуван како проевропски и перспективен, и другиот, на претседателот, означуван како националистички и назаден. Зоран Заев како предводник на концептот за едно општество за сите, за влез во НАТО и во ЕУ, а Иванов како ислужен чувар за доминацијата на Македонците во сопствената држава, против НАТО и ЕУ, со предност за Русија.

Далеку од развиениот свет

Искуството од сите наведени примери покажува дека на македонските челни луѓе избрани или поставени на високи функции им недостига одговорност пред своите граѓани, дека се на ниско ниво на политичка култура и без смисла за отворен, транспарентен дијалог, како и немање способност за меѓусебна кохабитација. Сето тоа придонесува Македонија да не може да воспостави каков било вид на единство, најмалку национално, дека заостанува во демократскиот и особено во економскиот развој и наместо да се доближува, сѐ повеќе се оддалечува од развиениот свет.
Меѓусебните јавни судири и заткулисни игри, елементарното неединство на лидерите, сѐ дел од негативните фактори за блокирање на напредокот, влијаат државата да има мек стомак за пробив на разни сили и процеси што не одат во корист на земјата и нејзините граѓани. Таквото неединство си има свое влијание и врз влошувањето на македонските позиции во меѓународните односи.
Кој ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија ќе дознаеме ноќта на 8 мај. Каков ќе биде идниот претседател, добар или лош, способен или неспособен, може само да нагаѓаме.