КАКО ДА ГИ СНЕМА МАКЕДОНЦИТЕ (2)

„Македонија е збор што со векови кај многумина,
и Грци и други, буди визии на една моќна
и блескава античка земја“
Анастасија Каракасиду

Примерот на македонскиот идеализам има божествено етичка и херојска димензија. Има некој вид не само на реален историски туку и животен и судбински метафизички квалитет. За тоа веројатно најубав пример е подвигот на саможртвата, со која, имено, макар и на трагичен начин, се остварува сјајната етичка максима на Климент Охридски; да се расте од анималното кон ангелското. Ретко кој друг народ има такви етички саможртвувања и саможртви како кај Македонците. Но, да нема забуна, не кај оваа генерација Македонци што си го продадоа идентитетот. Станува збор за претходниците, кои страшно ги посрамивме, почнувајќи во поновата историја од преродбениците во 19 век, а потоа и од илинденците и асномците во дваесеттиот век. Како архетипски пример на македонската саможртва, без сомнение самосвесните Македонци ги сметаат велешките гемиџии, во чиј ангелски состав имаше и еден сјаен кратовчанец Павел Шатев, кој имаше и некој вид на пророчка визија, па им јави на Русите за денот кога ќе ги нападне Хитлерова Германија. Неговиот подвиг се состои во тоа што го потопи во Егејско Море, со бомба во него, францускиот брод „Гвадалкивир“, ама не како терорист, омилениот поим на западните терористички колонијалисти, туку како хуманист, така што им соопшти првин на патниците дека е торпедиран бродот и дека треба да излезат од него за да се спасат. Така трагедија доживеа само бродот, а не и луѓето, патниците во него. истото тоа се случи и со Отоманската банка и другите објекти што ги урнаа со бомби преостанатите гемиџии, исто така без жртви. Настрадаа само објектите, а целта на тој „тероризам“ беше да се извести Вавилонската Блудница Европа дека Македонија страда, запоставена од неа, за разлика од другите балкански држави, и треба да ѝ се помогне. А тој сигнал кон неа беше испратен и со саможртвата на целата група гемиџии, во која беше исклучок Шатев, кој се спротивстави на концептот самоубиство по сторениот чин, со тезата дека и потоа треба да се продолжи борбата. Дигресија. А да беше случајно меѓу патниците во „Гвадалкивир“ Макрон, можеби нему Шатев немаше да му дозволи да се спаси и ќе го потопеше заедно со бродот, ако знаеше за неговиот однос кон Македонците и неговата за нив смртоносна, геноцидна „француска рамка“, скроена по теркот на бугарската политичка хиена од Софија. Така, драг читателу. Но било како било, денес Западот, сега евроамерикански, само може да го сонува идеализмот на македонскиот ангелски „тероризам“ на гемиџиите во кој се поштедени човечките животи, а страдаат објектите на капиталот и капитализмот. Да. Тие не се „Шарли Ебдо“, летање од бомбашки напад на распарчени тела на колонизаторите од колонизираните. Нив според крвавиот чин западните колонизатори сепак, некој, и од нив исправно ги именуваат како терористи, ама повеќето, ако не и сите од нив, поисправно треба да се именуваат како очајници. Да. Оти тие доаѓаат да им се одмаздуваат на колонизаторите, кои со нивните бомбардери за да им ги земат нафтата и другите богатства им ги уништиле татковината, семејството и сè што им е мило, па очајни со бомби околу појасот, жртвувајќи се честопати и самите, одат кај тие од кои се унесреќени и се одмаздуваат. Но не како македонските идеалистички гемиџии на објектите на западниот капитал натрупан и од нивните осиромашени земји, туку на невините луѓе и самите жртви на колонијалистичката политика на нивните лакоми за туѓо благо влади.
Бескраен е македонскиот идеализам, драг читателу, му нема крај, како што му нема крај и на македонското страдание, можеби покрај другото и заради него. Може другпат ќе зборуваме за него понашироко. Само во контекст на тоа да кажеме дека тој не ѝ одговарал никогаш на колонијалистичката цивилизација. Таа никогаш не ја сакала Убавината како спас на светот, така како што мислел Достоевски, кој страсно ја сакал културата на Европа, но не и нејзиното варварско однесување кон Русија. Како што не го сакала таа ни македонскиот идеализам со космополитски нарав, туѓ за неа, дури и омразен, па решила да ги ликвидира Македонците, доведувајќи ги до гранична ситуација на постоење кога тие ја исфрлиле на своето црно-црвено знаме „Смрт или слобода“. Нема друго чаре. Така. Туку проблемот е во тоа што таа ризична, ама сепак спасоносна формула, како да е позајмена од филозофијата на саможртвата на Исус, ја прифатија како своја автентична судбина илинденците и асномците, ама ние се однесовме кон неа идиотски и се знае што ни се случи заради тоа и каде завршивме.
Ете, гледаш, драг читателу, дека нашата колумна се компонира со фрагменти, кои на крајот ќе се обликуваат во филозофска целина. А тука сега таа целина е замислена како откривање на сликата на трагичната убавина и судбината на Македонија и на Македонците по нивните славни и постантички времиња во новата епоха по Христос сè до 10 и 11 век, до визионерската мисија на Кирил и Методиј, за што стана збор понапред и за богомилите, кои ја читаа критички Библијата, беа религиозни и хуманистички реформатори и, како авангарда, претходници на протестантизмот на Лутер, кој сепак на крајот лошо ги разбра и протолкува нив. Да. Но уште малку нешто за Кирил и Методиј, тие и не како идеолошки, туку како интуитивен божји концепт беа далеку пред руските, првите, словенофили, кои имаа визија да го обединат словенскиот свет под ѕвездите небесни со писмото, словото и духот божји. Таа идеја-визија по нив ја продолжија нивните ученици, седмочислениците, посебно меѓу нив Климент Охридски, кои го основаа со Охридската книжевна школа низ која поминале околу 4.000 учени веројатно првиот универзитет во Европа, иако таа го преферира Болоњскиот, кој е по Климентовиот.

Доволно, драг читателу, да не претеруваме со античката пр. н.е. и постантичката македонска историска и културолошка слава до Кирил и Методиј и Климент, а потоа и до Самуил и неговото македонско царство, кое само го спомнуваме сега во македонскиот културно-цивилизациски отворен круг. Сега одиме да ѕирнеме во варварската слика на западната европска цивилизација, чие варварство трае до Римската Империја наваму, а потоа во епохата на христијанството тоа започнува со темпларите и крстоносците во средниот век, од единаесеттиот наваму, а по Колумбо и откривањето на Америка на сцена стапуваат првин шпанските и португалските конквистадори, а по нив еден по друг: Англосаксонците, Французите, Холанѓаните, Белгијците, подоцна и како фашисти, а денес како неофашисти со либерална маска, продолжувајќи го колонизаторството со банкарско и корпоративно пљачкање. И во сета таа ситуација тие се присетија да го вратат својот углед со божем хуманистичко обликување на сликата на Обединета Европа. Тоа како модерна идеја за да се извади Европа од колонијалистичката кал и нејзините две светски војни им се припишува на Моне и Аденауер, иако таа е замислена пред нив при крајот на 19 век од Виктор Иго и рускиот анархист Бакуљин, но по сè изгледа дека тие не им се симпатични на бриселските ЕУ-моќници. Но што стана со тоа европско обединување се знае. Тоа е доста карикатурално и со многу не ситни фиданки, туку со крупни де факти. Тие тргнаа според моделот (иако го кријат тоа за да бидат оригинални) на САД, кои успеаја неколку десетици држави составени од разни завојувачи што ги испотепаа домородните Индијанци за да им ја земат земјата сепак да создадат, и тоа е необјаснива магија, единствена цврста федеративна држава со националност Американец. И таа држава со нејзините први претседатели Линколн и Џеферсон имаше космополитска визија, пример за демократија, која ќе ја следат другите народи. Друга работа е пак што понатаму во неа тргнаа наопаку работите и истата таа стана светски џандар и хегемон, преземајќи го во некоја смисла концептот на насилството и фашизмот на Германците уште со Хирошима и Нагасаки во август 1945, кога беше речиси апсолутно завршена Втората светска војна. Но се враќаме на Европа. Таа е далеку од американскиот концепт на монолитно обединување во една хомогена целина по крвавата американска војна меѓу Северот и Југот. Но Старата Дама, или Вавилонската Блудница, како што ја дијагностицираа морално неа Македонците, не успеа да се опамети и да го стори тоа ни по нејзините две светски војни во кои го турна целиот свет. Нејзиниот макроновскиот (најблизок до поимот архетипски) нарцизам не успеа да го стори неколку децении тоа, да направи како Американците монолитна европска нација и да произведе Европеец, почитувајќи го притоа суверенитетот на националните идентитети, а особено во тој контекст на македонскиот идентитет.
Да. Тука наеднаш во европските политички глави, фројдовски речено, проработи нивната мрачна потсвест кон Македонците и космополитскиот концепт, кој тие и денес како „смачкано племе“ (Конески) го практикуваат наследен од нивните предци по генска линија. Иако македонската политика и македонските политичари него го практикуваат на еден полтронски начин на однос кон за нив фасцинантниот Запад, без да го свртат и малку погледот кон друга некоја страна на светот. Но за тоа ќе зборуваме малку потаму, драг читателу. Само сега да кажеме дека, како што веќе е спомнато, македонската национална и преродбенска свест силно се буди во 19 век, кога како одговор на него се разгоруваат и моќните пропаганди на соседите за асимилација на Македонците. Меѓу нив најсилни и најагресивни се грчката, фанариотска, и бугарската, егзархиска пропаганда.

Така стојат работите, и тие пропаганди штедро потпомагани и од Европа продолжуваат и во 20- век, во кој во почетокот штафетата од Пулевски, Миладиновци, Цепенков и другите ја преземаат Чуповски и Мисирков. По нив како нивни наследници доаѓаат Рацин и Конески, првиот со неговата сјајна можеби идентитетски најјака македонска поетска книга „Бели мугри“, а вториот со литературната кодификација на најверојатно богатиот македонски јазик, извор од прадамнина на сите преостанати словенски јазици, иако таа кодификација, според нас, драг читателу, први ја извршиле сјајно Кирил и Методиј со нивниот превод на Светото писмо наменето за сите словенски народи. И домашните и странските лингвисти мора да му обрнат внимание на тој многу важен факт, покрај другото што некои антимакедонисти и особено од Бугарите платени слависти кодификацијата на Конески ја толкуваат како некој најјасен израз на, според нив, нејасниот божем идентитет на најмладата словенска нација, иако е таа најстара и мајка на целиот словенски род.
Но македонизмот е жилав, неговите корени се длабоки и неуништливи, иако неговата ликвидација заедно со Македонците од Европа е, како што е добро познато, плански замислена уште на Берлинскиот конгрес 1878, а почетокот на сурово нејзино спроведување почнува со катастрофалниот Букурешки договор 1913-та, со кој плански тотално се парчосува и пеплосува живиот македонски организам. Како добредојдени за тоа се, веќе спомнавме, двете балкански и Првата светска војна, како и обидот на некои големи европски сили да се ликвидира ВМРО на илинденците. Итн. Трагедија по трагедија. Голгота по голгота, рана по рана, сè до реализација на асномска Македонија, не само варварска, како слободна и рамноправна со свој национален и индивидуален идентитет во рамките на Југославија. Пиринска Македонија, како што беше тоа предвидено во Букурешкиот договор, остана кај Бугарите, каде што, за среќа, тогаш беше претседател со космополитска психа Ѓорѓи Димитров, кој отвори македонски училишта и целосно го признаваше македонскиот идентитет. Мрачната, пак, бугарска психа и анимозитет кон нив проработија потоа со доаѓањето на власт на екстранационалистот и шовинист Тодор Живков, и тој мрачен бугарски антимакедонизам и грабеж на македонскиот идентитет и македонското културно-цивилизациско благо траат од него до денес. И понатаму со штедра поддршка на Европа, која, за жал, ја има истата намера и пред Бугарите. Со истата антимакедонска сила е и грчкиот терор врз Македонците. Тие уште во 1926 година го забранија во Грција името Македонија и донесоа државен закон за преименување во грчки на сите македонски топоними, од планини, полиња, реки, села, езера и ридови до последниот камен што чува во себе македонска меморија. Тоа е всушност, драг читателу, претслика или префигурација на Преспанскиот договор 2018.

ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ

(продолжува)