Во организација на Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, на 26 и 27 јуни 2026 година, во Дубровник се одржа традиционалниот 19. форум „Дубровник“, основан во 2006 година, кој собира врвни креатори на политики, научници, бизнис-лидери и актери на граѓанското општество од целиот свет со сознанија за новиот мултиполарен свет.
На годинашниов форум „Дубровник“ учествуваше и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во панел-дискусијата за европската перспектива на Западен Балкан. Тој истакна дека моделот на постепена интеграција треба да биде мост кон полноправно членство во Европската Унија, а не трајна „чекалница“ без јасна перспектива, а се осврна и на прашањето за македонскиот идентитет. Импресивен беше говорот на министерот Муцунски на форумот, ама тоа не го решава прашањето за идентитетот на македонскиот народ за кој зборуваше, бидејќи е без епилог:
„Не постои северномакедонски јазик! Не постои северномакедонски народ! Не постои северномакедонски идентитет! За жал, постојат ретроградни сили во регионот, кои сакаат да наметнат ваква приказна за северномакедонски народ и за северномакедонски јазик. Постои само македонски народ и македонски јазик! И секој ретрограден обид, било од државни или од недржавни актери, да ни наметнат нешто неприродно и спротивно на нашето самосознание и самосвест како нација, ќе наиде на реакција, бидејќи ова е спротивно на меѓународните договори и на меѓународното јавно право, и на моралните стандарди што ги имаме. Ние сме блокирани од надвор. Однатре, можам да кажам дека, нашата земја беше спомната како фаворит неколкупати. Не го сакаме терминот фаворит. Го имавме статусот многупати, а потоа го изгубивме. Не ни треба тоа. Но она што можам да ви кажам е дека многу силно ја испорачуваме агендата на реформи, со едно од најсилните портфолија таму. Не сме само 100 отсто усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи многу реформи ги правиме на мултилатерален план, што ја надминува усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика, туку создадовме портфолио на најдобар можен кандидат. Исто така, ни треба волја од европските институции и државите членки за предвидливост“.
Се разбира, изјавата на Тимчо Муцунски во Дубровник е само добра желба. Последнава година и СДСМ почна вербално да го користи името Македонија во внатрешната политичка артикулација. Но тоа не ја менува реалноста, затоа што во сила е спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, во која за македонскиот народ не се зборува ниту како демос ниту како етнос, во спогодбата името на државата е „Северна Македонија“, а народите во „Северна Грција“ и „Северна Македонија“ во спогодбата пишува дека се различни.
Европската Унија, за жал, е речиси едногласна: Внесете ги Бугарите во Уставот за да се одржи првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија на која треба да се усвои француската преговарачка рамка за да почнат преговорите за членство. Владата и парламентот не смеат да ја манипулираат јавноста за да ги впишат Бугарите во Уставот, затоа што сѐ е прочитано и веќе видено. А тоа не може да се надмине, сѐ додека не се испочитува одлуката на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, на кој речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, НЕ ГЛАСАА „за членство во ЕУ и НАТО“ и ја отфрлија спогодбата Димитров-Коѕијас за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Одлуката на референдумот по устав е задолжителна за сите без исклучок!
Кога претседателката Гордана Сиљановска рече дека во спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година се зборува за македонскиот народ, јазик и култура, а излажа, се осоколија од СДСМ дека биле во право кога го потпишале договорот со Грција, демек го зачувале идентитетот. Сега, пак, меѓународниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски, го повторува истото тоа: Еве, штом министерот за надворешни работи Муцунски во Дубровник вели дека нема северномакедонски народ туку само македонски народ, од СДСМ биле во право кога го потпишале договорот со Грција. Тоа, се разбира, е фатаморгана, затоа што велепредавството и натаму останува: Со спогодбата Димитров-Коѕијас ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија е предадено, односно продадено на Грција, а македонската влада се откажа од Македонците во егејскиот дел на Македонија и светот.
Нам можеби ни е помило името Тоше, но неговиот идентитет е Тодор Проески. Во формалноправниот свет тоа е неговиот идентитет!
Или, да биде поразбирливо: Пред да дојде на власт, слоганот на ВМРО-ДПМНЕ беше „Никогаш северна, само Македонија!“ И премиерот и претседателката во предизборната кампања велеа никогаш нема да изустиме северна, по цена на мандатот. Но штом седнаа на власт, продолжија со северна, со одговорот – „таа е новата реалност“. Ние би додале продолжено кривично дело – соучество.
А… северна ќе биде, сѐ додека еднострано не се раскине спогодбата Димитров-Коѕијас. Сила за таков чин, сега засега и Господ знае кога воопшто, во ВМРО-ДПМНЕ нема, ниту во СДСМ, во ДУИ пак воопшто, за ДУИ одамна не постојат Македонците, сѐ е сведено на вербализам, за нив важи приказната – Македонците се „Бугари од српскиот свет“.
Конечно, светот не го шетаме со изјавата на македонскиот министер за надворешни работи во Дубровник, ниту со меѓународни договори, резолуции и декларации под рака, за секому да му предочиме дека сме тоа што отсекогаш сме биле – Македонци. Суровата реалност се биометриските лични исправи, во кои пишува „Северна Македонија“. Точно, во графата „nationality“ пишува „Macedonian/citizen of The Republic of North Macedonia“, но во светот важи правилото: Името на државата е идентитетот на нацијата! Ако на пасошот ви пишува „North Macedonia“ вие за цел свет сте „Northmacedonian“. Во англискиот јазик придавката од композитно име составено од две именки е двата збора заедно. Ако името на вашата држава е составено од две именки „North“ и „Macedonia“ вие за цел свет сте „Northmacedonian“. Со билатерален договор не се менува правописот на службен јазик на трета страна. Откако Атина, Северна Грција ја подели на три региона „Western Macedonia“, „Central Macedonia“ и „Eastern Macedonia and Thrace“, а нам ни наметна име што марионетската власт го прифати ерга омнес – „North Macedonia“ (не „Northern Macedonia“ како во Грција, иако во Грција нема Southern Macedonia или South Macedonia), декларацијата – ние сме македонски народ со македонски јазик – ни останува утешно само за внатрешна вербална употреба или за пред огледало, затоа што и во внатрешниот правен поредок и во меѓународните односи името на нашата држава, додека не се смени, останува „Северна Македонија“.
Да биде појасно, жителите на поранешната југословенска република Црна Гора, чие име е композитно составено од два збора, не се Црни Горци, туку Црногорци! Истото сме и ние Македонците, поради новото име „Северна Македонија“ за цел свет „северномакедонци“. Формалноправно Македонци станаа окупаторите и доселениците во окупираниот егејски дел од Македонија од Балканските војни 1912-1913 година, а ние Македонците, поради спогодбата Димитров-Коѕијас за светот станaвме „северномакедонци“. Затоа, Софија е засилена: Ако за 20 години го прифативте грчкото барање за промена на името на државата и идентитетот на македонскиот народ, за исто толку години ќе прифатите дека сте Бугари, и затоа барањето во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот да бидат впишани, ама како државотворен народ. За жал, софиските мегафони Венко Филипче и Љубчо Георгиевски СЕ за Бугарите во Уставот, за Албанците и да не зборуваме. Бујар Османи, како министер за надворешни работи во владата на СДСМ, ни го дефинира идентитетот со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со вториот протокол од 17 јули 2022 година, а Уставниот суд веќе една година не одлучува по иницијативата на Светскиот македонски конгрес за негово поништување, алиби им било тоа што владата на ВМРО-ДПМНЕ не дава мислење по иницијативата, може и никогаш нема да даде. Традиционалното злосторничко здружение на Уставниот суд и Владата во суспензијата на правата и слободите на граѓаните е старо братство што одамна тлее!
Секако, вербално, најголемиот број Македонци, се декларираат за – Македонци, македонски народ и македонски јазик, ама тоа не го решава македонското прашање, сѐ додека во сила е спогодбата Димитров-Коѕијас. Последиците од оваа спогодба ги чувствуваат и македонските заедници низ светот – Грците водат постапки за промена на идентитетот на македонскиот народ.
Во светот и меѓународните односи важи правилото: Промената на името на државата по автоматизам ја менува националноста, односно идентитетот на нацијата, затоа што националност значи државјанство, а не етничко потекло „nationality doesn’t mean ethnicity“! Тоа, по усвојувањето на уставните амандмани и уставниот закон за нивно спроведување на седница на Собранието одржана на 11 јануари 2019 година, министерот за надворешни работи Никола Димитров со нота број 02-1407/1 од 16 јануари 2019 година многу јасно им го напиша на Грците:
„Во духот на договорот, терминот националност на Втората страна дефинирана во членот 1 (3) (б) од Договорот како ‘македонско/граѓанин на Република Северна Македонија’ се однесува само на државјанството, а не го дефинира или однапред не ja определува етничката припадност – етникумот, како што тоа е пропишано во членот 2 (2) од Уставниот закон за примена на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија“.
Оваа нота од тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, која во Македонија најчесто се премолчува, грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прочита во парламентот во Атина за време на гласањето доверба на неговата влада поради спогодбата од Нивици, и тој тогаш беше многу дециден: „Соседите, освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, односно ги појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството. Нашите соседи во овој текст појаснуваат што е правно обврзувачки и ги повторуваат обврските што произлегуваат од договорот. Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството, што не го дефинира или сугерира прашањето на етнитетот и, второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е спомнато во договорот и е признаен на конференцијата на ООН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици!“ Атина си ја гради приказната дека старогрчкиот јазик е македонскиот јазик.
Таа е вистината за спогодбата Димитров-Коѕијас, од која Македонија речиси спроведе сѐ, а Грција остана со обврските што не ги почитува – не ги ратификува, на пример, трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година. За првпат тие меморандуми беа доставени во грчкиот парламент во средината на септември 2020 година, меѓутоа сѐ уште не се ратификувани и покрај тоа што опозициската политичка партија СИРИЗА и во 2023 година ги достави по вторпат во парламентарна процедура за нивна ратификација.
Се разбира, убав е слоганот за идентитетот – народот тоа е јазикот. Ама не само јазикот е народот, туку идентитетот се името, народот, државата, јазикот, култура и историјата заедно! На пример, службен јазик во Бразил е португалскиот јазик, ама Бразилците не се Португалци. Службен јазик во Мексико е шпанскиот јазик, ама Мексиканците не се Шпанци. Службен јазик во Гвинеја е францускиот јазик, ама Гвинејците не се Французи. Службен јазик во Боцвана е англискиот јазик, ама Боцванците не се Британци итн.
Единствен излез од оваа агонија на нацијата е итно и безусловно еднострано раскинување на спогодбата Димитров-Коѕијас, итно и безусловно еднострано распуштање на македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја, и итно и безусловно продолжување на членството на државата Македонија во ООН под единственото државно, историско и генеричко име, кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија, со што престанува и важноста на уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 за примена на спогодбата Димитров-Коѕијас – промена на името на државата Македонија и промена на идентитетот на македонскиот народ и нација! Во спротивно, слоганите – Ние сме македонски народ, нашиот јазик е македонскиот јазик ќе останат само за внатрешна неформална употреба, додека не се заборават, бидејќи во образовниот систем децата веќе учат – името на нашата татковина е „Северна Македонија“. Со договорот Заев-Борисов и спогодбата Димитров-Коѕијас, долгорочно, Македонија од држава ќе стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија.
Впрочем, реинкарнацијата на темата „Македонија“ по дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, никому од соседите и од големите сили (менторите) не му одговара. Еднаш напишале историја кога го поделиле македонскиот полуостров… Своевремено, министерката за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, рече: „Ние еднаш историја за Македонија напишавме (со окупацијата 1912 година, м.з.), повторно нејзина ревизија нема да вршиме!“ Впрочем, примената на договорот Заев-Борисов и спогодбата Димитров-Коѕијас почна со ревизија на македонската историја, откако со шарената револуција и шарлатанот Зоран Заев се изврши промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Како велеа Заев и неговата булумента: Ако сите околу Македонија имаат проблем со нас, проблемот не е кај нив, туку во нас! И… ја избришаа историјата од наставните планови и програми…
Инаку, во дипломатијата важи прецизноста. Долго време, нашата номенклатура наместо да каже македонското е мултиетничко општество, велеше: Македонија е мултинационална држава. И странците нѐ прекоруваа, па ако сте мултинационална држава како што велите, зошто не го потврдите тоа и во Уставот?! Затоа што мултинационални се сложените држави: федерации, конфедерации, сојузи на држави, унии на држави… Имено, Македонија не е мултинационална држава! Македонија е унитарна држава, мултиетничко е општеството! Иако од 2001 г. е засилен трендот за јазична наместо територијална федерализација. Со инфантилни партии на Македонците, на Албанците не им треба сепарација на дел од Македонија за нацифашистичката креација голема Албанија, преку владата тие ја контролираат целата територија на државата!
Никогаш северна, само Македонија вечна! Ви текнува? Да не заборавиме!
Тодор Петров

































