- Иран има и цел и стратегија. Иран игра сериозен шах како Капабланка, а Израел како Фишер (импулс, ненадејност). Израел е „фишеровска“ земја.
Целта на Иран е одржување на системот (теократско-милитаристичка диктатура), уништување на „неверниците“, верска експанзија по светот и „нуклеарна програма“, за која тие велат дека е „мировна“, но САД и Израел се убедени во обратното. Како што вели претседателот Трамп, „ако Иран има атомска бомба – ќе ја употреби“. Јас верувам во тоа поради ирационалниот систем. Аксиом: Кој може да има нуклеарно оружје? Секој што има пари!
Имав шанси и желба да одам во Иран, но не отидов. Зошто? Страв од режимот! „Ти си голема кукавица“, ми велеше мајка ми, „се плашиш од успех“. Лакан вели дека со успехот „го добиваш посакуваното, а го губиш посакувањето“. Го губиш „месијата“. Психоаналитички страв од успехот е „саботажа на егото“, страв од казна, „морален мазохизам“ (Фројд) и глорификација на „другиот“ –комплексот Јона (Маслоу). Ако сите Евреи беа како мене, немаше да постои Израел. Аушвиц ќе беше триумф. Знаете кога човек станува херој? Ако го преживее Аушвиц. Ужасите денес прават храброст. Израел е Аушвиц и разузнавачките служби – британски, американски, советски (Сталин, Тито, Пијаде, Готвалд). Кога сме кај нив, еден мој роднина, еден од основачите на ИИЦ (Israeli Intelligence Community), ми рече дека до 1979 година имало многу цврста врска на службите меѓу Израел, Иран, Турција и Америка. Дури и со разговори за проектили со нуклеарна носивост. Но политиката е растурач. Западот мисли дека „примитивизмот“ ќе им биде подобар слуга. Исто така – креираа Талибанци, кои им се свртеа. Слугите денес се егзекутори утре! Западот не го разбира фанатизмот. Не разбира ни пријателство над интерес. Падот на иранскиот режим во 1979 година ги вклопи СССР и Кина генијално. Се бута и Франција, со игри на службите. Франција е фрагилна. Еве ви едно провокативно прашање: Што ако во Франција „ги снема“ Ротшилди? Ќе дојдат кинеските пари – Западот ќе збесне и Франција ќе стане „Украина“. Лесно се станува Украина, драги мои!
Ајде сега малку за Иран. Тој лежи во „овална тепсија“ меѓу планини, кои се нанижени како гнездо на ирански златен орел. Горе е Алборз, продолжува десно во Корасан, низ кој јурнале Монголците. Долу (западно и јужно) се комплексот Загрос, од каде што низ Персиската Порта влегол Александар (читај Руфус, Курциус и „Чарлс Ривер“). Западно е фамозниот Персиски Залив – енергетска бомба – Посејдон и Ахура Мазда – „бунар“ со нафта, пари, интереси – пекол. По должината на заливот и горе е нафтата – „казус бели“. Зошто сојузниците не го освојуваат барем овој дел? Неодржливост? Која е играта? Можеби треба да е „сечија и ничија“. Внатре „тепсијата“ е сурова пустина, врие неосвоива. Хм, зошто САД не пратат роботска армија како од списанијата? Па, роботот е поскап од човек! Долу е Персеполис, а горе е Техеран. Стратешки патишта: предложен е пат од Персискиот Залив до Црно Море, поврзување на Касписко со Црно Море, пат низ Кавказ за Ерменија и Азербејџан, Индија и понатаму на исток (ИНСТЦ). Горе е реката Карун, долу Каркех, а среде е Зајандех. Водата е дефицит. Водата е идна војна. Цените и на нафтата и на водата ќе се качуваат. Ентитети што нѐ засегаат и нас се нафта, вода, суровини, храна, лекови, цени, религии, клима, екстремизам, морбидни дејства, медиуми и војни. Наши идни несреќи. Дали сте свесни?
Логика на војната. Три фактори се во основа – простор, материи и мисли. Простор значи Азија. Кој ќе ја има Азија, тој ќе владее! Второ – материи, наброени горе. И трето – мислата, духовноста, парадигмите, нервниот систем. Така имаме борба на „западниот ум“, со сите нуспојави – суверен либерализам, класи, финансиски империјализам, техноимперијализам, и „источниот ум“ – ајатолашко-талибански империјализам здружен со псевдосоцијализам, општества што се организирани во роеви („swarm theory“) – едните командуваат (ајатоласи, комунистичка партија и слични), а другите се стадо – безмозочна маса, течност, екскрет на системите. И кај двете цвета мафијашкиот криминал – да не се лажеме.
Европа е Атлантида. Криза е. Играта со Иран е „коцкарски футуризам“. Американската страна има сила и цел – без стратегија („pure operational“). Целта е пад на системот, вазална влада, денуклеаризација и користење на материјалните добра. А „без-стратегијата“ е кинетички покер – офанзива на „кому-иде“, со „цик-цак“ офанзиви. Комбинација на блеф и сила. Идејата за уништување на раководството потсетува на Александар – „стратегија на копје“ („spearhead strategy“), да се убие царот, па армијата ќе колабира. Тоа кај него успеа, но сега не успеа, па се преоѓа на „-одел“ (неправилности, блефирање, АИ – PioSolver и CTO Wisard и теорија на игри). А логистика? Најважен дел е од офанзивата. Се покажа дека сојузниците имаат колапс на логистиката – исто како Германците во Сталинград. Од Втората светска војна се знае дека односот логистика – фронт е 70 – 30, а подалеку и 10 – 1 (Жуков, Конев, Ајзенхауер). Без логистика војната е машина без бензин. А Иран им ја изгоре локалната логистика – прстенот околу заливот. Исти грешки секогаш. Израел има егзистенцијален мотив! Како што рековме, ајатоласите имаат озаконета цел (псевдошарија) да се уништи Израел, потоа Евреите, а потоа сите „неверници“ (сите неисламци, и „неверните“ исламисти), а исламот ќе биде од Лисабон до Владивосток (Бабановски-Бабагинин, Вилиам Вагнер и Ефраим Харш). Тоа наметнува борба за „живот или смрт“. Иран има и цел и стратегија. Иран игра сериозен шах како Капабланка, а Израел како Фишер (импулс, ненадејност). Израел е „фишеровска“ земја. Целта на Иран е одржување на системот (теократско-милитаристичка диктатура), уништување на „неверниците“, верска експанзија по светот и „нуклеарна програма“, за која тие велат дека е „мировна“, но САД и Израел се убедени во обратното. Како што вели претседателот Трамп, „ако Иран има атомска бомба – ќе ја употреби“. Јас верувам во тоа поради ирационалниот систем. Аксиом: Кој може да има нуклеарно оружје? Секој што има пари! Стратегијата на Иран е одбранбена – силна проектилно-дроновска, отпор докрај (до смрт на секој Иранец) и напад на американските бази наоколу. Ова потсетува на јапонските самураи од средниот век, каде што доктрината на Јоча Јамамото вели: „кога го браниш господарот, ако животот ти е во опасност, не колебај се – давај го“. Кога ќе се помножи со огромен број војници (гарда, регуларна и доброволци) се добива огромна цифра спремни за смрт. Еден аспект на стратегијата на Иран е „мозаична одбрана“ (децентрализирана команда) дизајнирана од Мохаман Џафари (на ИРГЦ) во 2005 година, која се покажа како екстремно ефикасна. Иако во првиот налет (стратегија „копје“) сојузниците ги убија речиси целата команда и ајатолахот Хамнеи, веднаш се појави нова – како митолошката Хидра од Лерна (змија со многу глави и ако отсечеш некоја, пак се појавува). Дали се поопасни свештениците (ајатоласите) или офицерите? До скоро беа ИРГЦ, кои ги држат целиот имот и команда, но по убиствата на Хамнеи, синот Моџтаба доби најголема власт. Регуларната војска е послаба, сојузниците применија „тепих-метод“ на бомбардирање, како во Втората светска војна кога Хитлер докрај не се предаде. Исто така и Иранците не се предаваат. Израел има „самураи-линија“ на војници, но бројчано се малку и во иднина ќе мора да комбинираат со „Они но Ханзо“ (легендарни нинџа – екстремни „невидливи“ воини) во борба за живот и смрт. И Израел има свои фанатици – екстремни и агресивни Хереди Евреи, кои се повеќе проблем отколку корист, а се доста инфилтрирани во власта. И Хезболах се храбри воини и фанатици и нема да се откажат. Фанатизмот е дрога. Маса на зомби.
Заб на лудаци. Дробилница. Силите од ОН ќе помогнат колку што помогнаа и кај нас. Агентите на Израел и САД идентификувале 31 управен центар во Иран. Зошто не ги гаѓаат симултано? Не знам. Има „фрикции“ меѓу ИРГЦ, па ИРГЦ-армијата и преговарачите, но недоволно за промени. Мировен договор е муабет на неразбирливи јазици. Има големо шаренило на етникуми и незадоволства, но режимот сѐ е уште има „чизма и тупаница“ да ги смири. Инфлацијата е 88 отсто. Ми се чини дека оваа војна е „покер со наместен шпил“ или премин од стратешки модел во математички блеф. Блефот (измамата) е успешен ако е поголем од учењето (противникот учи и стратегијата се менува – читај го Кучарски Адам). Се префрлаат на „економски модел“ за кој ќе зборуваме понатаму. Економскиот и „блеф-моделот“ се менуваат драстично по собранието за 25-годишнината на Шангајската група за соработка (ШГС) во Бишкек, Киргистан, од 31 август до 1 септември 2026 г. версус Г7 митинг во Евијан-Франција во јуни оваа година, како и пред тоа во Давос. Блефот се сведува на нобеловецот „Неш модел“ (блефот не е „случаен“ туку математички модел – читај „mixed strategy equilibrium“). Овие самити се завртка во рулетот. Дали во рулетот ќе победи БРИКС/ШГС (подобро кажи Кина) или НАТО (подобро кажи САД)? Тоа е војна на валути и блефови. Играта со животи ескалира. Претседателот Трамп варира во изјавите секој ден и некои мислат дека е тоа „без врска“, блеф или когнитивен пад. Секако не е. Неговиот стил е „рулет цик-цак игра“. Зошто? Прво, мора да задоволи ставови на неговите влијателни групи („длабоки држави“), потоа на избирачите и опонентите (Русија, Кина, исламисти, ЕУ…). Второ е Израел. Не затоа што Америка ги сака Евреите, туку Израел му е клучно место на Медитеранот и Средниот Исток, како „носач на проектили“ и стожер-оска или запчаник (gear), потоа финансии (банки, инвестициски компании), врски (лоби по светот), па дури и мозок (40 отсто од нобеловците во САД и 30 отсто во светот, како и професори во САД се Евреи). „Трамповиот ционизам е различен од базичниот“. Тактиката „цик-цак“ на Трамп е вака: „цик“ е ескалација за да го индуцира (вознемири) опонентот, а потоа „цак“ за да се игра како што тој сака. Кај Иран, но и други опонентни играчи, има и фактор на учење (како кај „machine learning“), па Трамп мора да ја врти играта („gambling on momentum“). Исто е и со договорот Енкориџ-Алјаска. „Цик“ е договор (за Украина, Иран, црноморскиот појас, балтичкиот појас и „критички“ – нуклеарна рамнотежа, Пацифик итн.). Бидејќи војната со Иран не е добиена, САД не можат да го исполнат својот дел, па дејствуваат „цак“ (го менуваат моментумот). Енкориџ затајува и Русија реагира со ескалација во Украина. Дејствува и на ШГС, па со Кина го помагаат Иран (информации, оружје, купување нафта) – „моментум“. Џон Ратклиф (ЦИА) допатува во Москва за „поправка“ – односно блокада на Иран и (од ликиџ) „непопуштање кон Кина“ – а во спротивно и понатаму TACO-game (в. James Dawson). Сојузот Турција-Пакистан-Саудиска Арабија е исто така „momentum gambling“, со нафтата/парите. Може да е на страната на Иран или на Израел, а можеби „неоотоманизам“ – апетит кон Ерусалим, па и на Балканот (Косово итн.). Судир може да има во Сирија, но и на друго место. Опасно, браќа и сестри, опасно! Турција е иритирана поради населување на Израелци и војска во Кипар, особено Ларнака, Лимасол и Папос, па во игра може да влезат Грција, па Египет и исламските држави.
Кратко логичко-математички сиже. Играта на Средниот Исток е „шаховски покер“. Иран и Израел се шахисти, а САД е покеристот. Асиметричен влог (asymmetric bet) на САД се арапските земји околу Персискиот Залив плус Израел, а иранскиот влог се купувачите, големите сили („geometric pot“). Кој победува? Колку ќе трае…? А сега војната: Замислите координатен систем XYZ. Тогаш XY е долу – засегнатиот терен, а Z е горе (атмосфера и космос). Историски – сите војни се водени на земјата односно XY, каде што постојат „геометриски тактики“ – триагонално-трапезоидно-коса на Александар, конкавно-конвексна на Ханибал, Наполеон или Жуков, а Кутузов како „отворено V“. Но сега САД и Израел користат само Z (аеро-атмосферска-космичка-кибер) тактика. Зошто? САД немаат „самурајска“ самоубиствена армија. Во Втората светска војна САД изгубија 318 илјади војници, па се внимателни. Затоа додаваат „нова“ координата – економијата со рандом-бомбардирање и „покер“. Профити се прават со „арбитража“ – купопродажба на нафта, која прави разлики на цените и профитите (како нашите прекупци). Со временските осцилации се прават „временски арбитражи“. Без осцилации нема профит (в. Freddy Delbaen & Walter Schachermayer или в. Ornstein-Uhlenbeck process). Да замислиме арбитражно поле по светот. Профит = цена 1 – цена 2. А пософистицирано профит = А + Б. А = ценовно поле низ светот, а Б = осцилации на цени. Ова е „светски покер“ и профитери се големите сили. Влијаат – војни, дезинформации, медиуми и сега АИ. А корупција? Сите се корумпирани! Без илузии! Корупцијата е инвестиција. Блеф плус профит е еднакво на корупција. Предвидувањата за цените на нафтата (Морган, Светската банка) испаднаа неточни засега. Се чини осцилациите се движат од 75 до 100 долари по барел (денес, 8 септември 2026, е 98,6 долари,), а велеа ќе биде над 150 долари. Ако се потрошат резервите од нафта, цените секако ќе скокнат енормно. Скок од 10 долари по барел,повлекува инфлација од 0,2 отсто и пад на БДП од 0,1 отсто. Тие се штелуваат од државата, АИ и централните банки. Решенија? Има! За развој треба ум, а за мир треба разум. Замислете пристаништа околу Медитеранот, за секого, па и за Иран и за Македонија… носачите да станат трговски… Ах, бе старецу, пак сонуваш…
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
(крај)
































