Информациската екологија на власта што сѐ повеќе смрди

Како проверувачите на факти станаа новите цензори на слободната мисла или јас сум премногу сензитивен на слободата на говорот? Она што паѓа во очи е дека во многу случаи не се проверуваат факти туку ставови, а она што се нарекува најчесто проверка на факти е политичко навивање, обоено со политичка пристрасност. Ќе ви кажат дека ако се користи правилно, проверката на фактите ги оспорува невистините на начини што ја дополнуваат слободата на говорот. Но слободата на говорот е да им дозволиме на луѓето да грешат и да бидат во право. Проверката мора да се ограничи на факти, што е доволно незгодно, а не на мислења што случајно им се допаѓаат, или не, на проверувачите на факти. Не може проверката на факти да се користи како средство за цензура доколку се проверуваат не само фактите туку и мислењата и наративите. А тоа редовно се случува. И тоа сериозно e вознемирувачко.
Овој дел на колумната не верувам дека проверувачите на факти ќе го разберат, имајќи го предвид нивниот интелектуален и академски статус. Очигледно е дека нивната опседнатост со утврдување на вистината е заснована на вообичаеното неразбирање на научниот метод. Тие сметаа дека фактите се неутрални и инертни, едноставни за докажување или побивање, без многу идеолошка врева. За жал, тоа функционира само ако сите сме согласни за единствена рамка на вистината што ги интегрира фактите. Фактите постојат на шпекулативната граница на големите рамки на вистината поставени од науката – она што Томас Кун го нарече „парадигми“. Распаѓањето на овие рамки во дигиталната ера е процес што ја поттикна епистемската криза. Во секој домен, владејачките парадигми ја изгубија својата моќ, но немаше нејзина вистинска промена. Со оглед на недостигот од рамка, одговорот на прашањето „кој одлучува“ што е вистина или не, може да биде само делумен и произволен. Очигледната корумпираност на елитите во однос на вистината доведе до појава на когнитивна долна класа што не верува во ништо и на тој начин може да верува во што било. И токму во овој меѓупростор се инсталираа проверувачите на факти. Марширајќи низ институциите на новинарството, проверувачите на факти се инсталираа во медиумите како приватизирана, квазивладина регулаторна агенција што не е дебатно општество или гранка на науката што ја следи вистината, каде и да води. Но, како и сѐ во модерниот свет, оваа индустрија на вистината финансирана со стотици милиони долари, заедно со баталјони невладини организации и поранешни нереализирани новинари повторно им се продаде дебело токму на истите оние елити што манипулираа со вистината низ традиционалните медиуми. Истовремено, проверувачите на факти станаа движечка сила зад неопходноста да се наметне лојалност кон одредени политички и секакви други идеи што не можат да опстанат сами на пазарот на идеи.
Не мора да проверувате дали е вистина или не: факт е дека во реалноста новото македонско јавно-приватно „Министерство за вистина“ главно им служи на интересите на власта, која безрезервно ги поддржува „фабриките“ за проверка на факти, а тие пак, за возврат, убедуваат голем број нормални Македонци дека официјално санкционираат вести што се дезинформирачки, правејќи ги граѓаните недоветни и потенцијално опасни вектори на дезинформации. Да е поинаку, зарем толку ќе се лаже и дезинформира во државава?

Едно е сигурно: проверувачите на факти успеаја дополнително да го засилат цинизмот на јавноста кон медиумите и институционалните овластувања на кои сега проверувачите на факти отворено им служат. Недовербата и репресијата меѓусебно се хранат, зголемувајќи го притисокот на системот сѐ додека системот не се распадне или експлодира. А, проверувачите на факти тоа вешто го прават и манипулираат. Проверувачите на факти се покажаа како клучни службеници на државата, кои ги филтрираат проблематичните информации пред да стигнат до јавноста, ги „мачат“ фактите додека не се усогласат со официјално санкционираните наративи на власта и ги валкаат неистомислениците како опасност за јавноста. Тоа е таа информациска екологија во која живееме во Македонија, од која се шири неснослива реа.

Може и да се согласам дека проверката на факти може да биде корисна во борбата против лажните вести, но се поставува важно прашање што може да има правни импликации: Кој ги проверува проверувачите на факти? Ова е исклучително важно прашање. Ако партиите застанат зад проверувачите на факти, дали тоа значи дека тие преземаат каква било одговорност во текот на процената дали приказната е лажна вест? Дали компанијата што вработува или соработува со проверувачот на факти исто така презема некаква одговорност? Кои права, доколку ги има, ги има корисникот ако неговата статија се смета за „лажна вест“ од проверувачот на факти? Еве неколку можни сценарија за размислување: Клевета: Да претпоставиме дека корисникот објавил клеветничка статија. Написот е оспорен од друг корисник на Фејсбук. Проверувачот на факти потоа ја проверува статијата и утврдува (погрешно) дека е точен. Дали проверувачот на факти сега е одговорен за клевета за давање етикета на „вистината“ на статијата? Дали Фејсбук е одговорен за неотстранување на клеветничкиот напис? Прекршување на правата на приватност: Да претпоставиме дека корисникот објавил статија што открива чувствителни информации за поединец што ги прекршува законите за приватност. Статијата е оспорена и проверена од проверувач на факти дали е вистинита. Дали има некаква одговорност за проверката на факти за непокренување прашања за приватност при благословување на приказната? Слобода на говор: Да претпоставиме дека корисникот објавил напис што бил неправилно означен од проверувач на факти како лажна вест. Дали корисникот има некаква правна заштита против проверката на факти поради задушување на неговата слобода на говор? Сигурно проверувачите на факти се свесни за овие прашања. Зашто некој наскоро сигурно ќе ги отвори порано или подоцна во Македонија. А дотогаш нема да биде дезинформација дека сме добиле датум за пристапни преговори со Унијата во 2018 година и, така по ред до денес, дека последниот извештај на ЕУ за Македонија го бележи „напредокот“ кон нашето полноправно членство. Како и тоа дека членството во Унијата не ни бега во 2030-та. Само бидете трпеливи дотогаш. Другите дезинформираат, власта секогаш ја зборува вистината. И кога лаже и дезинформира.

Проф. Звонимир Јанкулоски