Христо Татaрчев не настрадал од Тито

Како секоја историска личност така и доктор Христо Татарчев не го оставаат да мирува во гробот. Името и делото на еден од основачите и прв претседател на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (подоцна ВМРО) и денес се ставаат во вода што се мати наместо да се разбиструва. Таа матна и топла вода сега ја излива доц. д-р Спас Ташев, соработник на Бугарската академија на науките, активен публицист, вистински Бугарин, уште повистински антимакедонец и отворен македономразец. Во текст со наслов „Прогонуваниот прв претседател на ВМОРО од режимот на Тито“ објавен во весникот „Труд“ во Софија, а пренесен во „Трибуна“ (електронски весник на здружение на граѓани за слободно медиумско изразување со седиште во Прилеп), Ташев изнесува небулози во врска со престојот на Татарчев во Ресен за време на бугарската окупација на тој град во Македонија.
Ташев пишува дека Татарчев кон крајот на 1944 година се надевал дека ќе ја помине староста во родниот Ресен, но таму бил пречекан од друга политичка промена во Македонија и воспоставување на комунистичкото владеење на Тито. Новата Титова влада се обидува да флертува со Христо Татарчев со една единствена цел, да го придобие во каузата на македонизмот. Меѓутоа, заткулисните цели биле откриени кога на почетокот на 1945 година бил уапсен неговиот внук д-р Асен Татарчев, кој исто така уживал голем авторитет меѓу локалното население и бил отворен бранител на својата бугарштина. Овој пресврт во животот на Христо Татарчев е опишан на страниците на весникот „Македонска трибина“: „Во родната куќа остана неколку месеци, но тука го најде најновото ропство на Македонија. Во својата старост бил сведок како српските комунисти ги прогонувале неговата бугарска нација и бугарски јазик. Со свои очи ги виде маките на татковците и мајките на синовите и ќерките убиени од србокомунистите. Веднаш сфатил дека се создава ’македонска нација и јазик‘ за еднаш засекогаш да се закопа македонското прашање и засекогаш да се држи Македонија под ропството на Белград“.

Во истото време србокомунистичките дејци почувствувале потреба да се претстават како „следбеници“ на ВМРО и држеле гласни говори за Гоце Делчев. Се обидоа да го искористат првиот претседател на ЦК, д-р Христо Татарчев, и да шпекулираат со неговото име и присуство во Македонија. Но тој цврсто ги одби нивните обиди и одби да разговара со нив. Во оваа драматична ситуација за бугарскиот јазик во Македонија, основачот на ВМОРО сфаќа дека животот му е во опасност и заедно со сопругата Софија презема ризично бегство.
Првично Татарчев оди во Софија, но во тоа време Бугарија била преполна со југословенски емисари, кои и таму го наметнувале македонизмот. Тој сфатил дека сѐ уште не се спасил, па во 1947 година успеал да се пресели во Торино. Во истото време во Рим се населил Иван Михајлов и така настанала интересната ситуација во Италија, бидејќи на нејзина територија живееле двајца членови на првиот и на последниот Централен комитет на ВМОРО. Поради напреднатата болест, Христо Татарчев едвај излегувал од својот дом, но сепак двајцата одржувале редовни контакти.
Горенаведеното го пишува Спас Ташев, првиот директор на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, наводен специјалист за дијаспора и заштитник на Бугарите надвор од Бугарија.
Тврдењата што ги изнесува Ташев не се засновани на факти. Не постои ниту еден запис или усно сведоштво што би ги поткрепиле неговите наведени сознанија. Може да се рече дека изнесува куп измислици само за да ја оправда бугарската децениска антимакедонска политика.
Што говорат други извори, факти и сознанија?
По раното заминување од Ресен во Бугарија како дете, Татарчев, според неговите сведочења, како возрасен, во Македонија бил само во четири наврати. Во 1893 година ги посетил Гевгелија, Дојран, Струмица Радовиш, Штип, Кочани, Кратово, Куманово, Скопје и Велес, градови во таканаречената европска Турција. Вториот пат бил на 20 јули (2 август 1918), во Крушево каде што по покана на крушевчани држел говор на еден „торжествен“ собир по повод 15-годишнината од Илинденското востание. Секако, од историска гледна точка најинтересен и најпознат е неговиот престој од неколку дена во Ресен во август 1894 година, при осветувањето на бугарската црква „Св. Кирил и Методија‘‘. Тие денови се среќаваат дел од основачите и други активисти на ВМРО. Три дена по ред во куќата на Татарчеви заседавале 12-15 души делегати од месните комитети и донеле важни одлуки за организацијата. Самиот Татарчев, во своите напишани спомени, тоа го означува како Прв конгрес на ВМРО.

Неговото последно доаѓање во Ресен е на негови 72 години, заедно со сопругата Софија, родена Гркинка од високото солунско општество. По дваесет години живот во Торино, Италија, каде што заминува поради заканите за ликвидација од страна на Тодор Александров, се враќа во своето родно место, желба на мнозинство остарени луѓе таму да ги остават коските. Уморен од животот и сериозно болен престојува во својата куќа од есента 1941 до есента 1944 година, значи цело време додека во Македонија владеела бугарската војска, полиција и администрација. Според него самиот, тоа е време кога е ослободена Македонија од српското владеење и приклучена кон мајката Бугарија.
Доктор Татарчев во Ресен, според кажувањето на ресенчани, живеел мирен, скромен и повлечен живот, дотолку повеќе што боледувал од болест што му била професионална специјалност – психијатријата. Воопшто не се точни тврдењата дека бил малтретиран и измачуван. Нема ниту еден таков запис во неговите спомени, нема ниту едно усно сведоштво дека од партизаните му е вршен притисок или се применувала тортура. Животот никогаш физички не му бил загрозен, ниту пак се изложил на ризично бегство. Колку што бил заштитен од бугарските власти, толку бил штитен и почитуван и од комунистичката и скоевската организација. Не е за исклучување претпоставката дека штом дознал оти Бугарија капитулирала во септември 1944 г., најверојатно бил уплашен што може да се случи, природен страв што го има секој човек кога ќе се најде во таква ситуација. Од друга страна, понекогаш можеше да се чуе дека комунистите (партизаните) му овозможиле непречено да замине од Ресен во Бугарија по негова желба и барање на блиските од семејството. Заминал штом дознал оти Бугарија капитулирала на 9 септември 1944 г.
Конечно, кога Татарчев заминувал, Тито уште не бил дојден на власт, а во Македонија малку се знаело за него. Во Преспа, која била поделена на бугарска и италијанска окупациска зона, како и во самиот Ресен, немало српски партизани, ниту српски инструктори. Тврдењето дека му било нудено да се приклучи кон македонската борба се чиста измислица. Татарчев од Македонија заминал за Бугарија, но таму ги видел вистинските маки. Фашистичка Бугарија капитулирала, Русите ја ослободиле по вторпат, на власт дошле комунистите. Поранешниот славен револуционер наишол на молк и отпор, се појавиле клеветнички гласини и статии дека е луд и излишен, биле заборавени сите негови заслуги. Затоа, разочаран и скршен во 1946 година се вратил во Торино каде што пријателувал со Ванчо Михајлов, неговиот последен другар во Италија.

Починал во 1952 година, заборавен од историјата во Бугарија, која речиси и не го споменувала триесетина години. Доктор Татарчев на голема врата беше вратен во бугарската историја од историчарот публицист Цочо Билјарски, кога му ги собра и во една книга ги објави спомените, статиите, говорите, писмата, телеграмите и друга преписка. Дури и самиот Билјарски во уводните белешки од книгата издадена во 1989 година констатира дека името на Христо Татарчев е непознато за новите генерации во Бугарија.
За да нема забуна, на крајот треба да се каже следното. Пред своето заминување од Македонија, Татарчев дал кратко интервју за скопскиот весник „Целокупна Бугарија“, каде што го велича делото на ВМРО. И во него, како и во своите публицистички трудови, обраќања, говори и писма се изјаснува како македонски Бугарин и како борец за автономна Македонија, но и за постигнување на конечната цел – обединета Бугарија со Македонија во неа. Истото е присутно во сите книги, спомени, материјали и говори и кај другите познати ресенчани во бугарската политика Симеон Радев, Андреј Љапчев, Трајко Китанчев. За разлика од други места, во Ресен и во Преспа, доктор Христо Татарчев не е третиран ниту како херој ниту како предавник. На неговото семејство и на неговите блиски од лозата, секогаш и од сите во градот се гледало со голема чест и почит.

[email protected]