Срамота, срамота е луѓе!?

Срамот ги контролира нашите животи на многу моќни начини. И иако неговите правила не се напишани, очекувате луѓето да го следат чувството на срам како морален компас. А кога станува збор за јавни личности, како што се политичките лидери, имаме уште поголеми очекувања за нивните морални стандарди. Дали треба да бидеме загрижени ако политичките лидери станат бесрамни? Секако

Ужасно е чувството да се срамиш од својата земја. Денес, како никогаш порано не сум се чувствувал засрамен што живеам во држава што ја избра оваа влада и си дозволува да биде водена од неа. Особено се срамам од она што оваа власт им го прави на сопствената земја и на сопствениот народ. Никогаш не сум се чувствувал толку понижен и засрамен како Македонец кога сфатив дека веќе немам никаква гордост во мојата земја. Како да се чувствувам горд во земја што избра политички лидери што ја продадоа и кои изградија платформа на поделби и омраза меѓу сопствениот народ? Тие се срам за државата и прават да се чувствувам лошо, предадено и разочарано. Со оние што го продадоа името на држава, со оние што се на пат да ги избришат мојот македонски идентитет, историја, јазик и култура и оние што се обидуваат да ја избришат колективната меморија на својот народ веќе немам ништо заедничко. Особено сум лут што сѐ повеќе гледам дека нѐ третираат како меѓународна шега. Се срамам што сум опкружен со лековерни поединци што ги голтаат сите лаги и полувистини изнесени од расипана и корумпирана власт. И затоа имам право да се срамам од мојата земја дури и ако ја сакам.
Срамот е политички во смисла дека го користи истиот јазик како моќта, со последици што длабоко влијаат врз демократските и пристојни општества. Политиката без срам ја разголува демократија и ја прави ранлива. Чувството на срам е од суштинско значење за ефективен морален компас на секоја власт, нашата e исклучок. Срамот ги контролира нашите животи на многу моќни начини. И иако неговите правила не се напишани, очекувате луѓето да го следат чувството на срам како морален компас.

А кога станува збор за јавни личности, како што се политичките лидери, имаме уште поголеми очекувања за нивните морални стандарди. Дали треба да бидеме загрижени ако политичките лидери станат бесрамни? Секако. Додека срамното однесување, дефинирано како прекршување на прифатеното општествено однесување, е дел од секојдневниот живот, бесрамноста всушност е закана за општествениот поредок. Тоа е затоа што вклучува одбивање да се почитуваат договорените општествени правила. На крајот на краиштата, непочитувањето на вредностите врз кои го градиме општеството доведува до злоупотреба на моќта. Барем таа е видлива на секој чекор во Македонија. Но срамот е исто така токсичен кога се користи за дисциплинирање, угнетување и исклучување на другите. Чувствувам дека влегуваме во ера во која повеќе не можеме да очекуваме од јавно избраните функционери да се потпираат на чувството на срам за да дејствуваат одговорно и да се поправат. Се чини дека критиките за применувањето на моралните стандарди од страна на оваа власт предизвикува уште подрско однесување, тестирајќи ги границите на она што се смета за прифатливо во политиката.
Непростливо е тоа што дозволивме да ѝ се случи на нашата нација во изминатите години. Политичкиот вирус на заевизмот ја фрли Македонија на колена. Го уништи и она малку добро што го имавме во државата. Она што го остави кaко наследство во Македонија е уникатно и невидено во историјата на модерните општества, генерирајќи бес и презир поради неговата бесрамност. Немањето базично чувство на срам се покажа како политички моќна карактерна особина што му дозволи да прави работи што би ја нагризувале совеста на секој друг нормален политички лидер. Оваа власт одржа лекција на политиката во Македонија и пошироко за вредноста на срамот и моќта на бесрамноста. За жал, доцна сфативме дека срамот врши витална демократска функција и колку може да е опасен човекот во власта што не чувствува ништо од тоа. Оваа дрскост, оваа бесрамност во суштина стана визит-карта на оваа власт. Не можете да очекувате од луѓе без срам да се однесуваат како разумни човечки суштества. Но срамот е споделен. Срамот е и на оние што ја направија власта транзиционен „херој“ на глупоста, неспособноста и предавството. Манипулацијата со срамот за власта беше корисна алатка за самобрендирање со доблест, карактеристика на некои што подобро требаше да знаат што е добро за народот и државата. Наместо ние да направиме одредени политичари и поддржувачи да се чувствуваат непријатно бидејќи тоа што ѝ го направија на Македонија е срамно, дозволуваме тие да си поиграат со срамот префрлајќи им го на другите. Секако и секогаш на народот. Се прашувам: дали некогаш некој од нив почувствува малку срам за изгубената душа на нацијата? Очигледно не.

Срамот, вината и гордоста функционираат како емоционални морални барометри што им помагаат на поединците да го проценат и исправат однесувањето. Но за разлика од чувството на вина, кое е поврзано со конкретни дела на неправилности, срамот предизвикува сеопфатна негативна самоевалуација што попречува нечија способност да се интернализира и да учи од лошото однесување. Вината е адаптивна: нè тера да изолираме и рехабилитираме специфично „лошо“ однесување, додека срамот е уникатно тежок за егото. Резултатите можат да бидат катастрофални. Чувствувајќи го како напад на сликата за себе, поединците што се склони кон срам имаат поголема веројатност да ја екстернализираат вината и деструктивно да ја исфрлат, физички и вербално. Токму она што денес пост фестум го прави веќе бившиот фејсбук-министер, кој како недоквакан се дереше: „Срамота, срамота е луѓе“. Да ти зборува за срам човек што ќе остане историски срам на оваа држава е лицемерно и лажно. Како и сѐ околу него. Тој е само еден од луѓето бесрамно алчни за власт, кои гледам продолжуваат да нѐ потценуваат и уништуваат. Рецидивот на заевизмот е срам за Македонија. Да бидам искрен: срамота е и што ние продолжуваме да трпиме вакви политичари, без срам.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски