Светската здравствена организација (СЗО) препорача Украина да ги уништи опасните патогени пронајдени во лабораториите за јавно здравје во земјата за да ја спречи можноста за нивно „бегство“ и ширење на болеста меѓу населението.

Експертите за биобезбедност предупредуваат дека влегувањето на руските војници во Украина и бомбардирањето на градовите го зголемиле ризикот од бегство од патогени во случај на оштетување на некоја од тие лаборатории.

Како и во многу други земји, лабораториите за јавно здравје истражуваат како да ја намалат заканата од опасните болести што ги погодуваат животните и луѓето, вклучително и ковид-19.

Украинските лаборатории добиваат поддршка од САД, Европската Унија и СЗО.

СЗО наведе дека соработувала со украинските лаборатории за јавно здравје неколку години за да обезбеди безбедносни практики кои помагаат да се спречат „несреќи или намерно ослободување на патогени“.

– Како дел од својата работа, СЗО им препорача на украинското Министерство за здравство и другите одговорни тела да ги уништат опасните патогени и да ја спречат можноста за нивно „бегство“ – одговори СЗО.

Сепак, тие не кажаа кога е дадена препораката, ниту пак дадоа детали за видовите патогени или токсини пронајдени во украинските лаборатории.

Агенцијата не одговори на прашањата дали се почитувани нивните препораки.

Украинските власти во Киев и нивната амбасада во Вашингтон не одговорија на барањето за коментар.

Можностите на украинските лаборатории се најдоа во центарот на засилената информативна војна откако руската војска влезе во Украина.