Грашок се става под душек на принцеза, а не во руска салата

Бесни глутници скитаат по улици. Уште побесни човечки битија со пушки во раце демнат по сокаци. Ама мене најбесни ми се гледаат оние меѓу себе закрвени „рибари“, кои од петни жили се трудат да ловат низ „мреживе“ неистомисленици. Нормално, до крв поделени на зададена тема, фејсбук-експерти за сè и сешто, си онадат мајки и шајки, оти веројатно немаат што паметно да прават со себе. Секако дека истурената омраза не е само поради пците скитници. Имаат нордистанците многу теми за меѓусебно вадење очи, теми од суштинско значење за опстанокот на планетата и егзистенцијата на суетите, па, така, сведочиме на вербален колеж за календари, воздух, бадник и огновите, магла, коледе, Дедо Мраз или Џо Бајден, ракомет во најава, стратегиските за Нордистан, Бахмут и Соледар, Киев или Киив и така натаму или така наваму.
Ако нормален човек фрли краток поглед за да прочита какви гадости си пишуваат неистомислениците, сигурно ќе се соочи со три состојби. Или прочитаното ќе му го расипе денот, или ќе извади од себе сè што изел за празниците, а тоа не е заебанција, или ќе посака да се отсели во Лапонија за да живее, не меѓу Лапонци, туку крај ирваси. Или сите три состојби одеднаш. Е, ама јас не сум нормален човек. Како љубител на дистопија, пред очи веднаш ми се појави филмот „Hunger games“. Тоа ви е приказна за иднината, каде што аздисаната цивилизација организира насилни игри до истребување, а граѓанството ужива во риалити шоу кланицата. И ете го мојот изопачен ум, по пет минути поминати на социјалните мрежи, веднаш проектира „hunger games“ истребувања на зададена тема, па денес вистински се колат поддржувачите на грегоријанскиот календар и противниците на физичко истребување пци скитници, а веќе утре нè очекува масакр меѓу оние што престанале да веруваат во Дедо Мраз, затоа што сега НАТО дели подароци и атеисти што негуваат древни пагански традиции како антирелигиски ритуали.
Важно Нордистан влезе во 2023 година. Како што му прилега на нордистанскиот идентитет, влезе килаво, глупо и гротескно апсурдно, ама арогантно и вообразено. Оваа бесмислена контрадикторност внесена во нордистанскиот ГМО-код ја искористија секогаш лошите Руси, па во Нордистан, освен новата година, влезе и руски свештеник. Ваквиот антинато-упад веднаш го детектираше октроираната нордистанска власт (и некои опозиционери), па ни објаснија дека руски свештеник во Нордистан е безбедносен проблем. Нормално дека е безбедносен проблем кога попов само што ни се пикна во протекторат и ЕУ-молитви, веднаш отиде… пазете ваму… во манастир. Планира да ни подметне руско православие во западно ориентиран темјан. Па, кога нашиве попови ќе фатат да кадат на литургија, од небото со нас ќе се подбиваат Свети Серафим Саровски, Свети Јован Шангајски и Свети Димитриј Ростовски, наместо, како што е вообичаено, од истото тоа небо да нè мочаат светите Бајден, Фон дер Лејен и Макрон заедно со новомачениците, западноевропските амбасадори што мака мачат да ги внесат Бугарите во Уставот.

Како и да е, јас не гледам безбедносен проблем само со доаѓањето на рускиот свештеник. Честопати кога минувам покрај библиотеки и книжарници (среќа ги има сè помалку, за сметка на молови, салони за убавина и обложувачници), чувствувам како ме демнат страшните очи на Пушкин, Есенин, Достоевски, Толстој, Чехов, Булгаков и другите познати руски реченични монструми, а тоа ми ја вознемирува душата и веднаш чувствувам дека минувам низ сериозен безбедносен проблем, кој во мене буди руски книжевни кошмари на јаве, страв од артилериски напади на алегории и гротески, паника од можна окупација на идиоти, мртви души, Принтипрам циркусанти, сталкери, мајстори и згодни Маргарити.
Што по ѓаволите и црноморските длабочини прават оние ликови напукани со грантови за борба против руско влијание во медиуми, библиотеки, еротски воздишки и празнични салати? Каде се да му објаснат на кутриот просечен нордистанец дека грашок се става под душек на принцеза што шири европски вредности, а не во салата, по што автоматски тоа станува руска салата? Па, веќе утре може некоја будала да помисли дека носот служи за секнење гогољовска алегорија, а не за шмркање бело и пикање во туѓа интима?
Има ли пилот во нордистанскиот авион? Сакате ли западните богови да паднат на теме? Вчера, шетајќи низ град, поминав покрај книжарница, случајно фрлив поглед на излогот и, толку требаше, ме зграпчија урокливите очи на Чехов, си продолжив по патот мислејќи на три сестри, ама тоа веќе не беа сестрите Кардашијан. Сто метри подолу клекнав да погалам три весели џукци со размавтани опаши и не забележав дека кучката е руска подметачина извадена од стиховите на Есенин. Изгледа залудно ги грантираат антирускиве фактчекери кога Русиве нè гранатираат меѓу редови и надвор од контекст, оти ноќва, среде сон, наместо да дискутирам со Грета Тунберг и Ана Наваро за еколошките и политичките предизвици во новата година, јас водев љубов со Грета Гарбо во улога на Ана Каренина. Од нервоза, во сонот посакав да се фрлам под воз, ама и возот, поради руско влијание, излета од шините.

Како тргнал, и Нордистан ќе излета од шините. Чудни работи се случуваат. СДСМ сака да го сруши СДСМ од власт за да се врати на власт. ВМРО-ДПМНЕ со своите стратегиски партнери, Брисел и Вашингтон, ги разгледува опциите дали да остане во опозиција или да не дојде на власт. Во ДУИ се тепаат два клана, Алијанса станува Алтернатива на Беса, па Еди Рама мора да пее „харе рама“ за да им ги поврзе конците. Дури и кај нордистанските богови се измешаа лончињата. Како инаку да го разберам тврдењето дека уставните измени ќе го внесат Нордистан во ЕУ, која не планира да се проширува во скоро време? Ама ни на ЕУ не ѝ е лесно. Ај што треба да ги внесат Бугарите во нордистански устав, ама сега и пците скитници ќе мора да ги тргнат од улици. Може треба да направат комбинација од двата проблема и да влезат во кампања „Вдоми Бугарин! ЕУ за тебе!“. Нека ми простат Бугарите, особено оние аполитичните, што ги пикам меѓу редови, а надвор од контекст, ама како и да ја завртиме работава, ние сме глупите. Затоа и не е лошо да продолжиме да си вадиме очи за суштински прашања од типот дали индискиот чај е англиска или руска традиција што треба да ја имплементираме како нордистанска религија, која ќе се води според календарот на… хммм… не е лошо да се колеме малку и околу тоа, дали да го прифатиме за официјален календарот на Маите или календарот на Пирели?