Вистината е во маските

Вевчанскиот карневал е член на Здружението на европските карневалски градови веќе 30 години и тој таму ја внесе Македонија под своето уставно име. Притоа, тие не сменија ништо, не се откажаа од ништо, влегоа во Европа под уставното име Република Македонија. Со еден збор, удрија европски печат на вековниот македонски идентитетски код, кој се пренесувал од колено на колено и меѓу другото се манифестирал и преку ваквите манифестации, верувањата и обичаите. Што повеќе да се каже? Едноставно, вевчанци со шега, сатира, мајтап и маски им одржаа лекција на сите досегашни политички структури

Денеска (сабота, 14 јануари) е Св. Василиј Велики, меѓу народот познат и како Василица. Многу верувања, обичаи и традиции се поврзуваат со овој голем христијански празник.
Едно од нив е и маскирањето. Се верува дека со ритуалот на маскирање ќе се истераат лошите духови од домовите и од државата. Меѓу најпознатите василичарски карневали, со најинспиративен избор на маски, секако, е Вевчанскиот карневал. Но маскирање и карневали на овој ден има и во многу други места низ државата, во Цапари, Маловиште, Куратица, Велгошти, тетовско Копанце итн. Интересно е што традицијата на овие македонски карневали и маскирања е долга со векови. Вевчанскиот карневал, на пример, има традиција од 1.500 години. За оние што можеби не знаат, еве уште еден интересен податок. Токму во 2023 година овој карневал одбележува голем и значаен јубилеј. Имено, Вевчанскиот карневал е член на Здружението на европските карневалски градови веќе 30 години и тој таму ја внесе Македонија под своето уставно име во 1993 година.
Значи да појаснам уште еднаш, вевчанци со своите маски се во Европа веќе 30 години. Притоа, тие не сменија ништо, не се откажаа од ништо, влегоа во Европа под уставното име Република Македонија. Со еден збор, удрија европски печат на вековниот македонски идентитетски код, кој се пренесувал од колено на колено и меѓу другото се манифестирал и преку ваквите манифестации, верувањата и обичаи. Што повеќе да се каже? Едноставно, вевчанци со шега, сатира, мајтап и маски им одржаа лекција на сите досегашни политички структури. И Европа го призна и валоризира тоа. Сите честитки и почит за Вевчанскиот карневал и им посакувам успешна манифестација и годинава. Толку за верувањата, обичаите, традициите.
И сега, како да продолжам понатаму?!Дали да пишувам за црната листа на корумпирани македонски политичари што Шоле „случајно“ ја заборавил во Вашингтон, за неспособноста да се справиме дури ни со кучињата скитници, па сега ќе бараме помош од Брисел, за тиранската платформа број 2…
Не, сепак не. Има време за ова. Инспирацијата од Вевчани, карневалот и маските, едноставно сега не ми дава простор да размислувам поинаку освен во тој дух. Па, еве, во продолжение преку говорот и симболиката на маските ќе се обидам да дадам едно поинакво видување на општествените и политички случувања во државата и пошироко.

Зашто, верувале или не, едно од малкуте вистински лица по кои Македонија е позната и препознатлива во светот се токму карневалите, тој илузорен свет на маските. За чудење е колку гости и туристи од целиот свет доаѓаат да ги видат овие наши македонски карневали и маскирања – Вевчански, Струмички, Прилепски карневал итн. Светот ни симнува капа по тоа колку умешно знаеме да се маскираме. За Василица, за Прочка, за Митровден, за 1 Април… На празник и делник. И тоа не само на карневали. Има такви што уживаат да се маскираат во секаква пригода. Само така се чувствуваат природно и во своја кожа. Без маска се никој и ништо. Политиката и животот ни ги претворија во еден голем карневал и маскенбал. Дури некои практикуваат маските да ги носат преку цела година. Воопшто не ги вадат, само ги менуваат по потреба. Зашто ако го покажат вистинското лице, ќе се разоткријат дека не вредат ни пет пари.
А има и такви што и не знаат дека се маскирани. Цело време играат на невидено, како што им свири друг. Па, обично кога ќе стане предоцна, а некои ни тогаш, сфаќаат дека цело време изигрувале „Глупи Август“.
Карневалите и маскенбалите се интересни и по различниот пристап кон делови од телото што се маскираат. Додека некои преферираат да не им се гледаат очите, други го кријат образот. Така се надеваат дека со чист образ ќе можат повторно да излезат пред граѓаните. Главна специфика на традиционалните карневали е дека тие не се режираат, туку сѐ се одвива спонтано. Кај секојдневните општествено-политички карневали, пак, сѐ е однапред изрежирано. Точно се знае кој, во кое време, каква улога треба да одигра и која маска во кој момент најмногу му прилега. Кој ќе биде млада невеста, кои се стројниците, кој е ѓаволот. На политичките маскенбали се тргува со сѐ и сешто, а најчесто со интересите на државата.

Политичарите се меѓу оние што најмногу љубат да се маскираат, иако повеќето се кријат и не признаваат дека навлекле маска врз своето лице. Но има и такви што таа своја пасија за маскирање и јавно ја демонстрираат. Еве, на пример, поранешниот премиер Зоран Заев е веројатно македонски рекордер по бројот на маскирања и учества на карневали. Во што сѐ бил маскиран изминативе години тешко дека и самиот може да се сети. Но паметам дека едно време беше маскиран во оган, уште пред да стане премиер. А огнот е нели симбол на моќ, топлина. И треба внимателно со огнот, зашто доколку излезе од контрола, може да изгори и пеплоса нешто. Не дај боже државата.
Инаку, лично Заев има кажано дека најдобро се чувствува маскиран како махараџа. Е, ова баш и не ми е јасно.Махараџа е индиска владејачка титула, а тој, нели, е од Струмичко. Но, нејсе. Маскирањето на карневали, сепак, има забавен и, би рекол, народен карактер.

Секој мудар политичар, било од власта или од опозицијата, дури и на карневал може да го опипа пулсот на народот, да согледа и види што го боли тој народ, да ја прими пораката, па макар и преку маските, за потоа да се
коригира

Многу посуптилни, перфидни и поопасни се маскирањата во политиката и реалниот живот. На пример, кога поткупливи и однародени Македонци се маскираат како патриоти, кога поранешни терористи и убијци се маскираат и ребрендираат како екологисти, кога корумпирани и расипани до коска политичари се претставуваат како светци, кога фашисти и шовинисти се маскираат како демократи и Европејци.Да не набројувам повеќе.
На куп домашни и странски политичари маската преку лице едноставно им е задолжителен реквизит, покрај костумот и вратоврската. И затоа сета оваа булумента треба да се демаскира и разоткрие. Но немојте воопшто да се грижите. И покрај тоа што со сите сили ги кријат маските, тие сепак еден ден ќе паднат и сѐ ќе излезе на виделина. Можеби уште денеска во Вевчани. Анализирајте ги и гледајте ги само маските и многу нешта ќе ви бидат појасно. Зашто вистината понекогаш доаѓа и преку маските.
Секој мудар политичар, било од власта или од опозицијата, дури и на карневал може да го опипа пулсот на народот, да согледа и види што го боли тој народ, да ја прими пораката, па макар и преку маските, за потоа да се коригира.
Интересно е што во целата оваа бркотница од маски и маскирани никогаш не се знае кој кому повеќе му се чуди – дали оние што се зад маските или оние што се пред нив и ги гледаат. Зашто секој од нив барем еднаш во годината трага по својата вистина. Макар и низ маските.

П.С. Ако е маскенбал, нека е маскенбал. Иако сметам дека е повеќе од очигледно, на крајот еве уште едно појаснување. Алузијата со маските и маскирањата не се однесува на КН-95 или друг вид маски против ковид-19, грип и настинка, туку на многу поопасните политички маски што ги носат политичари без образ, кои бесрамно ги лажат и уништуваат овој народ и држава.

аleksandar.d novamakedonija.com.mk