Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго стана најсмртоносната во историјата на земјата, откако бројот на починати достигна 2.325 лица, надминувајќи го претходниот црн рекорд од 2.299 жртви, регистрирани во епидемијата од 2018 до 2020 година.

Според податоците на Конгоанскиот институт за јавно здравје, досега се потврдени 4.945 случаи на ебола, од кои 101 се регистрирани во последните 24 часа.

Станува збор за 17-та епидемија на ебола во Демократска Република Конго. Уште кон крајот на јули, актуелната епидемија ја надмина претходната според бројот на регистрирани случаи, со што стана најголема во историјата на земјата и според овој показател.

Иако епидемијата во Конго е помала од големата епидемија во Западна Африка од 2014 до 2016 година, нејзиното ширење е особено брзо. Во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне тогаш биле регистрирани 28.616 случаи и 11.310 смртни случаи, според податоците на Светската здравствена организација.

За време на западноафриканската епидемија биле потребни околу пет месеци за бројот на починати да достигне 1.000. Во актуелната епидемија во Конго, бројот на жртви достигна 2.000 за помалку од три месеци.

Епидемијата е предизвикана од сојот на ебола „Бундибуџо“, за кој во моментов нема одобрени вакцини или лекови. Болеста почна забрзано да се шири по официјалното прогласување на епидемијата на 15 мај.

Напорите за спречување на ширењето дополнително ги отежнуваат слабата здравствена инфраструктура, отпорот на дел од локалното население и нестабилноста во земјата, што го усложнуваат откривањето на новите случаи и контролата на епидемијата.