Европа го повторува чинот на германското енергетско харикири
- Од „енергетска независност“ до поскапа зависност? Забраната на рускиот гас отвора прашање дали Европската Унија заменува една
геополитичка зависност со друга и кој ќе ја плати сметката?!
Европа влегува во една од најголемите енергетски пресметки во својата модерна историја. Одлуката на Европската Унија постепено и целосно да го прекине увозот на руски природен гас – и преку гасоводи и како течен природен гас (ЛНГ) – формално е претставена како чекор кон енергетска независност и поголема безбедност. Но во земјите што сè уште имаат значајна улога на природниот гас во електроенергетскиот систем, меѓу кои е и Грција, се отвора многу понепријатно прашање.
Што се случува кога геополитичката цена на енергетската независност ќе стане економска цена за индустријата, домаќинствата и за државата?
На 26 јануари 2026 година, Советот на ЕУ формално ја усвои регулативата за постепено укинување на увозот на рускиот гас. За долгорочните договори, целосната забрана за руски ЛНГ треба да се применува од 1 јануари 2027 година, додека за гасот преку гасоводи крајниот рок е 30 септември 2027 година, со можност во одредени услови да се продолжи до 1 ноември. Брисел го нарече тоа – диверзификација. Од друга страна, критичарите го нарекуваат истото тоа „прескапа замена“ на еден извор со други.
А во Грција, прашањето станува уште посензитивно. Имено, дали земјата, која во последните години вложи огромни напори да се позиционира како енергетски центар на Балканот, ризикува токму преку новата енергетска архитектура да добие поскап и понестабилен енергетски систем?
Политичко, економско и социјално задушување на Грција
Токму со најостри зборови реагира поранешниот грчки министер за енергетика и лидер на „Демократското движење за национално ослободување“, Панajотис Лафазанис. Според него, одлуката на ЕУ за прекин на рускиот природен гас е „апсурдна“ и покажува дека европската политика се наоѓа во „длабок ќор-сокак и паника“. Тој ја критикува и процедурата со која, како што тврди, европската политичка елита носи крупни одлуки без доволна јавна и национална дебата. Но неговата најтешка квалификација се однесува на Грција. Прекинот на рускиот гас, смета Лафазанис, може да биде рамен на „политичко, економско и социјално задушување“ на земјата. За Европската Унија, пак, тој употребува уште подраматична формулација: „Политичко, економско и социјално самоубиство“. Тоа се исклучително тешки зборови. И токму затоа не треба да се прифатат како готова вистина, туку како политичка и економска теза што треба да се тестира со бројки. А бројките покажуваат нешто многу посложено од едноставната слика дека Грција утре ќе остане без гас.
Грција нема да остане без гас, но ќе добие поскап гас
Европската одлука не значи дека грчките домаќинства или електроцентралите одеднаш ќе останат без природен гас. Грција веќе има диверзифицирана инфраструктура, и тоа гасоводни врски, терминалот за ЛНГ во Ревитуса, TAP и нови инфраструктурни капацитети. Но диверзифициран извор не значи автоматски и евтин извор. Според грчкиот оператор ДЕСФА (DESFA), во 2025 година во Грција биле увезени 78,88 терават-часа природен гас. Од нив 44,6 проценти влегле преку Сидирокастро, 38 проценти преку терминалот за ЛНГ во Ревитуса, 14,1 проценти преку Неа Месимврија и TAP, а 3,4 проценти преку Александруполис. Уште поважен е податокот за тоа кој го троши гасот. Во 2025 година, дури 70,28 проценти од домашната потрошувачка на природен гас во Грција отпаѓала на производството на електрична енергија. Тоа ја менува целата слика.
– Рускиот гас не е само прашање на греење. Тој е прашање на цената на електричната енергија. А цената на електричната енергија е прашање на инфлацијата, индустриската конкурентност, куповната моќ на населението и трошоците на целата економија. Кога гасот поскапува, ефектот не останува во гасниот сектор. Тој се пренесува во електричната енергија, транспортот, производството, прехранбената индустрија, услугите и на крајот, во цената што ја плаќа граѓанинот. Европската комисија и самата признава дека европските енергетски цени остануваат превисоки во однос на главните конкуренти на ЕУ и дека тоа ја загрозува конкурентноста на европската индустрија – вели наш соговорник, енергетичар и универзитетски професор.
Американскиот ЛНГ спас или нова зависност?
Тука се појавува најконтроверзниот дел од аргументот на поранешниот министер за енергетика, Лафазанис. Тој тврди дека ЕУ се насочува кон американскиот гас и дека Европа постепено станува зависна од Вашингтон. Оваа теза има политичка интерпретација, но зад неа постои и многу конкретна економска реалност. Имено, во 2025 година, САД веќе биле убедливо најголемиот снабдувач на ЛНГ за Грција. Според ДЕСФА, од 30,84 терават-часа ЛНГ истоварени во Ревитуса, американскиот ЛНГ изнесувал 26,56 терават-часа, односно повеќе од 86 проценти од вкупните ЛНГ-количества. Тоа е речиси двојно повеќе од американските испораки во 2024 година.
– Грција веќе не чека на иднината. Таа енергетска иднина веќе таму се случува. Но тука мора да се направи една важна корекција. Во август 2025 година, ЕУ и САД објавија рамка, според која, ЕУ има намера до 2028 година да набави американски ЛНГ, нафта и нуклеарни енергетски производи со очекувана вредност до 750 милијарди долари. Не станува збор за официјално договорени 3,5 билиони долари за три години, како што се наведува во изјавата на Лафазанис. И токму оваа разлика е важна за сериозна анализа. Затоа што аргументот не мора да биде преувеличен за да биде проблематичен. Доволно е да се постави едно едноставно економско прашање: Дали Европа ја заменува зависноста од еден голем снабдувач со зависност од глобален пазар на ЛНГ, во кој цената се формира според побарувачката од Европа, Азија и други големи купувачи? Тоа е суштината на дилемата – вели нашиот соговорник, професор и енергетичар. Е.Р.
Гасоводот и танкерот не се ист економски производ
Рускиот гас традиционално стигнуваше до Европа преку инфраструктура изградена за долгорочна континуирана испорака. ЛНГ функционира поинаку. За ова, нашиот соговорник, универзитетскиот професор, за читателите на „Нова Македонија“ го објаснува процесот на „пакување на енергентот“ и начинот на кој стигнува тој до крајниот потрошувач.
– Гасот треба да се втечни, да се транспортира, да се истовари, повторно да се гасифицира и да се внесе во мрежата. Тоа бара дополнителна инфраструктура, дополнителни трошоци и изложеност на глобалните пазарни движења. Затоа спорот не е само околу тоа од каде доаѓа молекулот. Спорот е околу тоа колку ќе чини тој молекул и колку стабилно ќе биде снабдувањето кога Европа ќе се натпреварува со Азија за истите ЛНГ-товари – вели професорот.
Тој наведува дека сето тоа носи голем ризик на ценовна волатилност (а тоа значи колку брзо се менува цената во одреден период. Волатилноста не значи дека цената расте или паѓа, туку дека има поголеми и почести осцилации – н.з.).
– Европската комисија признава дека преминот од рускиот гас кон глобалниот ЛНГ-пазар суштински ја променил структурата на европскиот енергетски систем, носејќи поголема диверзификација, но и поголема изложеност на ценовна волатилност. Оттука, тезата дека „нема да има гас“ е претерана. Но тезата дека гасот може да биде поскап и понестабилен е многу посериозна и економски проверлива – рече професорот во оваа пригода. Е.Р.
Лекција од Германија, и за Грција и за другите ЕУ-членки
Кога енергетската политика станува економска титаник-политика
Европската индустриска суперсила, односно Германија, со децении градеше модел во кој релативно евтиниот руски гас беше еден од темелите на конкурентноста на германската индустрија. Хемиската индустрија, металургијата, стаклото, производството на ѓубрива и огромен број други сектори зависеа од достапна и предвидлива енергија. Истовремено, Германија ја заврши и својата нуклеарна ера. А потоа дојде енергетскиот удар од 2022 година. Тоа не значи дека германските економски проблеми можат да се припишат само на една одлука или само на прекинот на рускиот гас. Германската економија има и други структурни проблеми, како што се слабата индустриска побарувачка, кинеската конкуренција, демографските притисоци, високите регулаторни трошоци и недоволните инвестиции. Но енергетскиот шок беше огромен.
Показатели за несоодветните германски енергетски и стопански политики
Истражувањето на германската Бундесбанка покажува дека на врвот на енергетската криза во 2022 година, едномесечните фјучерси за природен гас на европскиот пазар достигнале цена 12 пати повисока од просекот во 2019 година.
Второ, и официјалната германска статистика покажува колку била голема претходната зависност: во 2021 година околу 95 проценти од природниот гас што се користел во Германија бил увезен. Тоа беше модел што функционираше додека евтиниот гас беше достапен. Кога исчезна, исчезна и еден дел од конкурентската предност.
Можам да кажам дека можеби изразот „енергетско харикири“ можеби е премногу драматичен како строго економски термин, но како политичка метафора го опишува конфликтот меѓу две цели: декарбонизација и геополитичка безбедност од една страна – и индустриска конкурентност од друга.
Денес Европа се обидува да ги помири. Проблемот е што сметката за таа транзиција е огромна.
Зарем Европа знае дека енергијата ѝ е прескапа?!
Во врска со ова прашање, морам да издвојам дека токму тука се појавува една од најголемите европски противречности. Од една страна, ЕУ ја укинува зависноста од рускиот гас со образложение дека енергетската зависност претставува безбедносен ризик. Од друга страна, самата Европска комисија признава дека европските индустриски цени на гасот и електричната енергија остануваат од два до четири пати повисоки од оние кај главните конкуренти на ЕУ, што претставува закана за долгорочната конкурентност на европската индустрија. Тоа е централниот парадокс. Европа станува геополитички поавтономна во однос на Москва, но ризикува економски да стане помалку конкурентна кон САД, Кина и кон други индустриски центри. А економската моќ е исто така компонента на стратешката автономија. Држава што има политичка независност, но индустрија што не може да произведува конкурентно, нема целосна економска независност.
Грција е поранлива отколку што изгледа
На прв поглед, Грција е подобро позиционирана од Германија. Но дали е баш така? Има пристап до ЛНГ. Има Ревитуса. Има TAP. Има регионални интерконектори. Се развива како енергетски коридор кон Балканот. Има брзо растечко производство од обновливи извори. Но токму тука лежи и парадоксот. Грчкиот електроенергетски систем сè уште во голема мера го користи природниот гас како флексибилен извор за производство на струја. Во 2025 година, потрошувачката на природен гас за производство на електрична енергија пораснала, додека уделот на лигнитот паднал на само пет проценти.
А европската влада, наречена Европска комисија (ЕК), очекува целосно исфрлање на лигнитот во 2026 година. Тоа значи дека Грција истовремено се движи во две насоки.
Прво, ги напушта јагленот и лигнитот, и второ, сè уште мора да се потпира на гасот за стабилност на системот.
Ако гасот станува поскап, расте притисокот врз цената на електричната енергија. А ако електричната енергија е скапа, тогаш се намалува конкурентноста на грчката индустрија. Европската комисија во својот најнов извештај за Грција забележува уште еден интересен парадокс. Имено, големите деловни потрошувачи во земјата плаќаат понизок краен трошок за природен гас отколку за електрична енергија, при што односот меѓу цената на електричната енергија и гасот е меѓу највисоките во ЕУ. Со други зборови, грчката економија има уште поголем мотив да сака евтин и стабилен гас.
Грција – „енергетска порта на Европа“ или класичен „енергетски увозник“?
Грција во последните години се обидува да стане енергетска порта на Југоисточна Европа. Тоа е реална можност. Во 2025 година, грчкиот извоз на природен гас достигнал 8,59 терават-часа, речиси трипати повеќе од 2024 година. Но енергетскиот центар не значи автоматски евтина енергија. Една земја може да биде транзитна земја, да има ЛНГ-терминали и гасоводи, а сепак нејзините граѓани и компании да плаќаат висока цена. Тоа е разликата меѓу географската важност и економската корист. Ако Грција купува ЛНГ по глобална пазарна цена, го пренесува низ својата инфраструктура и потоа го продава во регионот, таа може да заработува од транзитот. Но ако нејзината индустрија истовремено плаќа висока цена за истиот енергент, тогаш енергетскиот центар може да стане парадокс – Грција станува важна за туѓата енергетска безбедност, но не нужно поевтина за сопствената економија. И повторно да биде тежок губитник, да губи како Грчка!? Е.Р.
Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
Вашингтон ја претвора Европа во свој пазар за продажба на свои енергенти
Европа, колонија на САД?!
- Овој израз од насловот е кованица на поранешниот министер за енергетика на Р Грција, Панајотис Лафазанис. Тој го опишува договорот ЕУ-САД како „колонијален“! Се разбира дека тоа е остра политичка квалификација. Но постои еден факт што не може да се игнорира
Европа планира масовно зголемување на набавките на американски енергетски производи. Во заедничката рамка од 2025 година се наведува намерата за набавка на американски ЛНГ, нафта и нуклеарни производи во вредност до 750 милијарди долари до 2028 година. Затоа прашањето не е дали САД „ѝ наредуваат“ на Европа да купува американски гас. За таква поедноставена теза нема доволно основа. Многу посериозно е прашањето дали геополитичката потреба на Европа да се оддалечи од Русија создаде огромен нов пазар за американскиот ЛНГ. Одговорот е: да. И токму затоа енергијата повторно станува геополитика. Само што сега геополитичката карта е поинаква.
Од Москва кон глобалниот пазар
Најголемата заблуда би била да се мисли дека Европа само ја заменува Русија со Америка. Всушност, Европа во голем дел ја заменува логиката на долгорочниот руски гас со логиката на глобалниот ЛНГ-пазар. Тоа носи диверзификација. Но носи и друга форма на зависност, и тоа зависност од глобалните цени, транспортните капацитети, ЛНГ-терминалите, азиската побарувачка, геополитиката на Блискиот Исток и состојбата на американскиот извозен сектор. Во тој систем Европа можеби нема еден „руски вентил“. Но има многу други вентили. И секој од нив има цена.
Вистинскиот ризик не е недостигот, туку трајно поскапата енергија
Токму тука треба да се разбере и најсилната страна на предупредувањето на поранешниот грчки министер за енергетика, Панајотис Лафазанис. И нашите брифери, експерти за енергетика и универзитетски професори од „Здружението на енергетичари на Македонија“, предупредуваат за ескалацијата на енергетската криза и кај нашиот јужен сосед, но и во Европа.
– Најлошото сценарио за Грција не е нужно дека ќе нема доволно гас. Најлошото сценарио е да има доволно гас, но по цена што грчката економија тешко може да ја поднесе. Тоа е многу посуптилен удар. Фабриката не мора да биде затворена поради недостиг од гас. Може да се затвори затоа што конкурентот во САД плаќа значително поевтина енергија. Хотелот не мора да остане без струја. Може само да има повисоки трошоци. Пекарницата нема да биде исклучена од мрежата. Но поскапата струја и гас ќе влезат во цената на лебот. Државата нема да прогласи енергетска криза. Но ќе мора да троши повеќе за субвенции, социјална заштита и за олеснувања за индустријата. Тоа е економското задушување во неговата најтивка форма – тврдат нашите соговорници, откривајќи сериозно сценарио на инфлаторна спирала.

Дали ова е „самоубиство“ за ЕУ?
Европската одлука може да функционира ако прекинот на рускиот гас биде проследен со доволно брзо зголемување на обновливите извори, складирање енергија, интерконекции, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија таму каде што е политички прифатлива и инфраструктура за различни извори на гас. И токму тоа е клучот. Забраната на рускиот гас сама по себе не е енергетска стратегија. Таа е само одлука за промена на снабдувачот. Енергетската стратегија започнува со одговорот на прашањето со што, по која цена и со каква сигурност ќе биде заменет рускиот гас.
Брисел токму затоа бара од членките национални планови за диверзификација и предвидува механизам со кој, во случај на сериозно загрозување на снабдувањето, забраната привремено би можела да биде суспендирана. Тоа покажува дека и самата ЕУ е свесна дека транзицијата не е без ризици.
Германското предупредување и грчкиот тест
Германија е предупредување за една фундаментална економска вистина: енергијата не е само уште една ставка во буџетот! Енергијата е инфраструктура на целата економија. Кога е евтина, таа ги намалува трошоците на производството. Кога е скапа, ја поскапува целата економија. Германскиот случај покажа колку брзо енергетскиот шок може да се претвори во индустриски проблем. А Бундесбанк и денес предупредува дека повисоките енергетски цени ја намалуваат куповната моќ на домаќинствата и ги зголемуваат трошоците на компаниите. Грција нема германска индустриска структура. Но токму затоа може да биде уште почувствителна на енергетскиот шок. Една голема германска корпорација може дел од производството да го пресели во САД или Азија. Малата грчка фабрика нема таков луксуз. За неа, повисоката цена на електричната енергија е директен удар врз опстанокот. Е.Р.
Новата европска енергетска математика
Европа денес се соочува со три спротивставени цели: прво, сака енергетска независност од Русија; второ, сака брза декарбонизација; трето, сака конкурентна индустрија и ниски трошоци за граѓаните.
Проблемот е што овие три цели не се автоматски компатибилни. Ако се напушти евтиниот руски гас пред да се обезбедат доволно евтини алтернативи, индустријата плаќа. Ако се напушти нуклеарната енергија без доволно стабилни алтернативи, гасот добива поголема улога. Ако се забрза зелената транзиција без доволно мрежи, складирање и резервни капацитети, системот станува посложен и поскап. И ако се потпреме премногу на ЛНГ, тогаш европската енергетика станува дел од глобалната трговија со ЛНГ – со сите ризици што ги носи тоа. Тоа е вистинската европска дилема.
На крајот, не се работи за Русија, туку се работи за цената…
Најдлабоката поента во целата расправа можеби е токму онаа што исчезнува во геополитичките пароли. Не е доволно Европа да одговори од кого нема да купува. Мора да одговори по која цена ќе купува. И уште поважно: дали европските компании можат да произведуваат конкурентно со таа цена? Ако одговорот е „не“, тогаш проблемот повеќе не е енергетски. Станува индустриски. Потоа станува фискален. Потоа социјален. И на крајот – политички. Затоа изјавата на Лафазанис за „политичко, економско и социјално задушување“ не треба да се чита како економска прогноза дека Грција ќе се распадне поради забраната на рускиот гас. Тоа би било претерано и недокажано. Но како предупредување, таа има тежина.
Грција влегува во новата енергетска ера со систем во кој природниот гас има огромна улога во производството на електрична енергија, додека американскиот ЛНГ веќе станува доминантен дел од нејзиниот ЛНГ-увоз. А Германија веќе покажа што се случува кога една голема економија ќе изгуби пристап до евтина и предвидлива енергија. Затоа вистинското прашање за Атина, но и за Брисел, не гласи дали се може без рускиот гас. Европа очигледно одлучи дека може. Вистинското прашање е многу потешко, се може ли без рускиот гас, а притоа да се остане индустриски конкурентен, социјално стабилен и енергетски достапен.
Одговорот на тоа прашање ќе одреди дали Европа навистина тргнала кон енергетска независност или само ја заменила старата зависност со нова, поскапа и посложена зависност. А Грција можеби е едно од првите места каде што тој одговор ќе стане видлив. Е.Р.
Македонија ја гледа грчката енергетско-економска стапица
Внимателно и претпазливо за грчкиот ризик да не се прелее и кај нас
Македонија влегува во новата европска енергетска архитектура токму преку Грција. Со интерконекторот кон грчкиот систем, со перспективата за снабдување од Александруполис и со можноста Македонија да стане дел од поширокиот Вертикален коридор, земјата добива нешто што со децении го немаше во доволна мера, а тоа е реална диверзификација на гасното снабдување.
Македонскиот интерконектор е предвиден со почетен капацитет од 1,5 милијарда кубни метри годишно, со можност за зголемување до три милијарди, а македонската страна го гледа и како потенцијална транзитна врска кон Србија и понатаму кон Централна Европа. Но токму тука треба да биде и нашата претпазливост.
Диверзификацијата на изворот не е исто што и диверзификација на ризикот
Ако рускиот гас се заменува со ЛНГ што пристигнува во Александруполис, Македонија добива нов влез во системот, но цената на тој гас повеќе ќе зависи од глобалниот ЛНГ-пазар, транспортот, конкуренцијата со азиските купувачи, геополитичките потреси и расположливоста на американските и другите ЛНГ-товари. Александруполис веќе функционира како важна влезна точка во таканаречениот Вертикален коридор, кој ги поврзува грчките ЛНГ-капацитети со Бугарија, Романија и пазарите понатаму кон Централна и Источна Европа. Затоа Македонија треба да внимава на една опасна илузија: да не го помеша новиот гасовод со гаранција за евтин гас.
Цената може да биде најголемиот ризик
Гасоводот гарантира инфраструктура. Не гарантира цена. А токму цената може да биде најголемиот ризик. Ако Европа во исто време го намалува рускиот гас, го зголемува ЛНГ-увозот и се натпреварува за истите количества на глобалниот пазар, тогаш Македонија може да добие физички сигурно снабдување, но со поголема ценовна волатилност. И бидејќи природниот гас директно влијае врз производството на електрична енергија, таквиот ценовен удар може да се прелее од гасниот сектор во целата економија. Токму затоа македонската стратегија не смее да гласи само: „Да обезбедиме гас“. Таа мора да гласи: „Да обезбедиме повеќе извори, повеќе маршрути, повеќе складирање, повеќе електрична енергија од домашни извори и, пред сè, да ја намалиме зависноста од кој било единствен енергетски пазар“.
За поздравување и охрабрување е што Македонија паралелно гради и други регионални врски
Македонија паралелно гради и други регионални врски. Интерконекторот со Грција треба да биде поврзан со пошироката амбиција Македонија да стане транзитна точка на јужниот кон северниот енергетски правец, а во план е и врската кон Србија. Во мај 2026 година, Грција, Македонија, Србија и Бугарија разговараа токму за проширување на Вертикалниот коридор кон Македонија и Србија. Тоа е огромна шанса. Но секоја транзитна шанса носи и транзитен ризик. Ако Македонија стане коридор низ кој ќе минува туѓиот гас кон Србија и Централна Европа, треба да внимава да не остане само цевка низ која минува енергија, без домашната економија да добие доволно конкурентна енергија. Затоа идната македонска енергетска политика мора да има две паралелни цели. Прво, да ја искористи географијата и второ, да ја заштити економијата. Првата значи да се искористи позицијата меѓу Грција и Србија. Втората значи да не се дозволи Македонија да стане зависна од еден нов коридор, еден терминал, еден снабдувач или од еден глобален пазар. И тука е можеби најважната лекција од Германија и од актуелната грчка енергетска дилема.

Една земја може да има совршена инфраструктура, но да има лоша енергетска политика
Може да има гасоводи, но да нема евтина енергија. Може да има ЛНГ-терминали во соседството, но индустријата да плаќа прескапо. Може да биде енергетски коридор за регионот, а сопствените граѓани да бидат најранливи на ценовниот удар. Тоа е сценариото што Македонија мора да го избегне, а Министерството за енергетика навистина тоа и го прави. Нашиот интерес не е да избираме меѓу руски, американски, катарски или кој било друг гас како геополитички идентитет. Нашиот интерес е да имаме што е можно повеќе извори и што е можно помалку зависност од кој било од нив. Затоа грчкиот енергетски ризик треба да го гледаме како рано предупредување, а не како туѓ проблем. Александруполис за Македонија може да биде врата кон енергетска сигурност. Но истата врата може да стане и врата кон нова ценовна зависност, ако зад неа нема доволно алтернативи.
Македонија чекори кон вистински енергетски суверена држава
Во следната деценија вистински енергетски суверена Македонија нема да биде онаа што ќе има најмногу гас. Ќе биде онаа што најмалку ќе зависи од тоа колку чини гасот. Но и инвестициите во другите енергетски ресурси, без исклучок. А тоа се постигнува само со комбинација. Во еден таков контекст, новата гасна врска со Грција треба да ја гледаме како почеток на македонската енергетска диверзификација, а не како нејзин крај. Бидејќи најопасната енергетска зависност не е онаа од која било земја. Најопасна е зависноста од една единствена опција. А Македонија, како што се гледа од активностите на надлежните институции, размислува и дејствува веќе надвор од рамките. Е.Р.

































