Со презентација на наодите од градежното вештачење на објектот „Пулс“ и распит на вештите лица кои го изработиле, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, пренесе МИА.
На претходното рочиште, вештите лица посочија дека објектот бил нелегално пренаменет од индустриски објект во дискотека, спротивно на урбанистичкиот план. Во вештачењето е констатирано и дека во објектот биле поставени прегради од гипс-картон и врати кои претставувале пречка за безбедна евакуација.
Вештите лица Душица Трпчевска Ангелковиќ и Маријана Лазаревска на претходното рочиште ги образложуваа наодите поврзани со урбанистичките и градежните аспекти на објектот.
Лазаревска започна со презентација на фотографии од изведбата на челични греди и столбови во приземјето на објектот, односно зградата 1, направени во 2012 година, кога дел од просторот бил пренаменуван од магацин за теписи и теписони во угостителски објект.
Одбраната реагираше на начинот на презентирање на фотографиите, посочувајќи дека не било наведено каде точно се содржани во доказниот материјал. Поради тоа, Судот го одложи рочиштето, со укажување дека на следното продолжение фото-записите треба да бидат нумерички означени и соодветно презентирани.
Лазаревска претходно наведе дека на објектот биле изведени надворешни скали и настрешница, како и преградни ѕидови од гипс-картон со кои бил формиран влез со двокрилна двонасочна врата. Според неа, ваквото решение е недозволено од безбедносен аспект при евакуација.
Вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, која е дел од тимот што го изработил градежното вештачење, посочи дека според урбанистичко-планската документација на Општина Кочани од 1998 година до денес, на локацијата на која функционирал објектот „Пулс“ не била дозволена пренамена од индустриски во објект за угостителска дејност.
Според неа, од 2012 година инвеститорот започнал дел од објектот да го користи како дискотека/кабаре, што било спротивно на важечкиот Детален урбанистички план и законската регулатива од областа на урбанистичкото планирање и градењето.
Трпчевска Ангелковиќ посочи дека зоната Г10 во Кочани, каде што се наоѓал објектот, од првиот ДУП донесен во 1998 година, па сè до последниот план од 2013 година, не ја променила намената и останала предвидена за лесна индустрија и мало стопанство.
На прашање дали Општината можела да реагира откако објектот веќе се користел како дискотека, вештото лице објасни дека Законот за градење го регулира и начинот на употреба на објектите. Бидејќи станува збор за објект од втора категорија, односно објект од локално значење, надлежност за издавање на одобренијата има општината.
Тоа, како што посочи вештото лице, значи дека Општината имала обврска да контролира дали објектот се користи во согласност со одобренијата за градење и употреба.
Со изведувањето на градежното вештачење, кое го изработи тим од Градежниот факултет при УКИМ, се очекува да заврши доказната постапка на Обвинителството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Станува збор за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.




































