Фото: „Нова Македонија“

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска и утре трае првиот рок за пријавување кандидати за запишување во прва година на студии за академската 2026/2027 година. На 23 факултети се достапни вкупно 8.851 место за нови студенти, а академската година треба да започне на 1 октомври.

Од вкупниот број места, 4.395 се наменети за редовни студенти во државна квота, односно студенти кои се финансираат од државниот буџет. Дополнително, има 3.621 место за редовни студенти со кофинансирање, додека 835 места се за вонредни студенти.

Меѓу факултетите со најголем број слободни места се Медицинскиот факултет со 950, Филолошкиот со 805 и ФИНКИ со 800 места. Филозофскиот факултет има 635 места, Економскиот 655, Природно-математичкиот 626, ФЕИТ и Машинскиот по 600, а Правниот факултет 555 места.

За студентите во државната квота е предвиден надомест од 200 евра во денарска противвредност, додека оние што ќе студираат во квотата за кофинансирање и вонредните студенти плаќаат школарина од 400 евра.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска за МИА изјави дека годинава бројот на местата на сите универзитети е намален за околу 2.000, по направена анализа на потребите на пазарот на трудот.

Според неа, квотите се намалени особено кај студиските програми каде што има поголем број невработени, како бизнис-администрација, јавна администрација, како и дел од економските и правните струки. Од друга страна, бројот на места во техничките области, информатиката, машинството и градежништвото е речиси непроменет поради високата стапка на вработливост, која, како што посочи Јаневска, достигнува и до 98-99 проценти.

По завршувањето на првиот уписен рок, конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, додека запишувањето на примените кандидати ќе се одвива на 3 и 4 септември.

Вториот рок за пријавување е предвиден за 10 и 11 септември, а третиот на 23 септември, но само на факултетите каде што ќе останат слободни места.

Кандидатите пред пријавувањето треба да се регистрираат преку upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow-системот. Пријавувањето потоа се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет.

Во конкурсот се наведени условите за запишување, потребната документација, критериумите за селекција и начинот на пресметување на поените од општиот успех и резултатите од државната, стручната или уметничката матура. Објавена е и листата на екстерни и интерни предмети од државната матура што одговараат на студиските програми на УКИМ.