Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 29 пожари на отворен простор, од кои шест и натаму се активни, еден е ставен под контрола, а 22 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), пренесе МИА.
Активни пожари има на територијата на Општина Студеничани, во близина на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, како и во Општина Македонски Брод, во месноста Видуш и кај селата Драгов Дол, Локвица и Девич.
Пожари се регистрирани и во подрачјата на Велес и Зелениково, кај селата С’лп, Горно Село, Карабуниште, Бузалково, Добрино и Тисовица.
Активни огнени жаришта има и во општините Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце, Туденце и Бојане. Во Општина Прилеп активен е пожарот кај селото Чаниште, додека во Општина Долнени огнот е активен во близина на селата Вранче и Бело Поле.
Пожарот на депонијата во Делчево е ставен под контрола.



































