„Европејската поразија“ на Жинзифов е македонска, а не бугарска болка

Најпрвин една забелешка: неколкумина пријатели ми сигнализираа дека постои опасност со оваа серија колумни да бидам класиран во групата луѓе што сакаат „намерно да ги влошат“ односите со Бугарија. Еве, јавно изјавувам дека како уметник познат и ценет во Бугарија, немам таква намера. Оваа серија ја почнувам токму со намера да се потсетиме на позициите на македонската историска наука, а кои сега се газат без пардон од бугарска страна! Со тоа газење се влошува македонско-бугарското пријателство. Некои наши личности сега, по желба на Бугарите, треба да станат личности од бугарската историја, само затоа што се декларирале како Бугари во ЕДЕН период од својот живот. Како да е човек магаре, па не може да менува мислење, или зоолошки „жанр“ (роден како магаре – ќе си умре како магаре), а камоли национален идентитет, за кој филозофите велат дека не е природна даденост, туку социјално-културолошка и следствено, дискурзивна конструкција. Верувам во нашата историска комисија, зашто таму има и сјајно образовани помлади интелектуалци: неодамна гледав интервју со Огнен Вангелов. Тие луѓе очигледно си ја знаат работата. А јас овде само потсетувам што рекле наши видни претходници за светилниците на македонскиот идентитет. Ако забележавте, мои реченици во овој серијал речиси и нема.
Денешнава тема, Рајко Жинзифов, е доказ дека не постои еднаш засекогаш даден национален идентитет, макар историчарите мавтале и со ракописни документи, во кои стојат национални „самодекларации“ на личноста. На тоа нешто Бугарите упорно и погрешно инсистираат, хипостазирајќи некоја реченица во која некој, често и за да преживее, „се пишал Бугарин“. Тоа е одбивање да се види сликата на целината и тука наука нема. Има само романтичарски мистичен холизам – се тврди дека во делот (изолиран исказ на поединец) може да се види целината (вистината). Наивна е и идејата дека некој е нешто „по раѓање“: во тој случај, Жинзифов не е ни Македонец ни Бугарин, туку погрчен Влав од Москополе, како и татко му. Првата декларација му е таква: во книгата на родените е запишан како Ксенофон (Фони) Ѕинѕиф. Подоцна (овој сјаен романтичар, туберкулозен болник умира млад, на својот 38 роденден!), тој отворено се срами од своето елинофилство. И бега од грчкиот јазик како ѓавол од крст. Но задоен со идеите за панславизмот (илиризмот) и утопијата за „словенски есперанто“, својата поезија, за жал, не ја пишува на родниот велешки говор (како Константин на струшкиот), туку на некоја мешавина од македонско-бугарско-руски дијалекти. Поради таа лингвистичка „мешавина“, како што покажува Гане Тодоровски, Жинзифов не е прифатен од еминентната бугарска книжевна критика.

Но одлично е прифатен од македонската: од Конески, преку Поленаковиќ, Митрев, Зографов, Сталев, Тодоровски до чешкиот славист Иван Доровски. Тоа македонско прифаќање на Жинзифов беше доволно во Софија да се запали црвен сигнал, па Жинзифов да стане „пикантен“ и идеолошки доста калоричен и за Бугарите. Збунети од „сесловенската“ мешавина на неговиот поетски говор, тие се фатија за еден ноторен (но вонкнижевен) факт: во својата проза, Жинзифов говори за Македонија како за „Долна Бугарија“. Но зошто не помислат дека тоа „Долна“ е доволен знак дека таму живеат некои „Бугари“ кои и не се баш Бугари како „горните“? Освен тоа, постмодерното сфаќање на идентитетите (и субјектот) е дека тие се во постојано настанување. Врз примерот на Жинзифов тоа одлично се гледа: Влавот станал Грк, Гркот станал Словен од Долна Бугарија и најнакрај се добило идентитетски нешто „поинакво“, „Македонец“, особено ако се разгледаат имаголошките ставови на Жинзифов за Европа.
Во поемата „Крвава кошуља“ и расказот „Прошедба“ читаме сериозен прекор до младината, која во блгарските градови (за Жинзифов бугарски градови се Солун, Битола, Едрене) ги прифаќа сѐ повеќе француските кодови на модата, бонтонот, јазикот. Таа културна инвазија (личи на денешната „глобализација“) за него е – „европејска поразија“: „Гиздави девојки градски, / веч вас стигна, чукна / европејска поразија / френски луди моди. / Често идат масла и помади / За космите и всјакакви моди. / Б’лгарките вече немат м’ка/ да сја хваштат за десната р’ка / и сос стари, повече со млади, / само по френски облечен да биди.“
„Само по френски облечен да биди“. Зар тоа не е истиот оној услов што му го поставија Бугарите на Ѓорѓија Пулевски, за да му дадат служба во Софија, барајќи да ја соблече галичката носија, а овој одби од национална чест (нешто за што пишуваше Блаже Конески)? Жинзифов се жали на полоша работа: доброволно да се „исфрли“ носијата. Во „Прошедба“ вели: „в градовете сја појави друга поразија… народните дрехи вече начнаха да сја проштеват с градовете…Наистина, ќе сретиме жени, облечени с народни дрехи. Но тие сет сељанки, преселени в град’т пред некој си месец, а след неколку си месеци, та многу-многу след една година, кутрата сељанка сја сторила гражданка. Досега во градовете б’лграското јуношество беше погоразено од грциз’м; в устата му грмеше,кали мера’ и,кали спера’. Но сега сја појави друга поразија. Наместо тесни од шајак бечви сја појавиха панталони, сјуртук, плато, фрако; наместо саја сја јави френска дреха, кринолино, капелино и други изм’друванија на просвештената Европа. Одвај живе,добро утро’ и,дал ви бог добро’ и ќе го задавит,Бон жур’…“

Жинзифов не само што овде ја брани галичката, македонска носија на Пулевски (оној Пулевски што беше начисто со тоа дека е Македонец и ништо друго: ни Србин, ни Бугарин, ни Грк) туку и се радува што „б’лгарското јуношество“ се ослободило од грцизмот! Сосема е јасно дека тоа „јуношество“ можело да биде само македонско, зашто вистински бугарското „јуношество“ немало многу мака со грцизмот. Но најважно е: да се чувствувал Жинзифов Бугарин, не би му пречела доминацијата на француската култура и посебно францускиот лингвистички снобизам („Бон жур“), зашто Бугарија отсекогаш и традиционално била отворена кон Франција. И денес се смета за знак на повисока благородност да се каже „мерси“ наместо „благодарја“ во Софија. Моето прашање е: дури и да се чувствувал тогаш за Бугарин (и покрај својот отпор кон француската културна инвазија, невообичаен за еден Бугарин) дали и денес може да се смета за Бугарин? Тоа е познатата „трансисториска димензија“ на идентитетот, неговата транслација низ историското време. Одговорот е – не.

Жинзифов денес многу повеќе личи на Македонец, одошто во деветнаесеттиот век. Тој е пример дека Европа многу често била негативна имаголошка опсесија за Македонецот. Кај Бугарите таа имагологија во деветнаесеттиот век, но и денес е – исклучително позитивна. Од тоа може посредно да се заклучи каков идентитет изјаснувал Жинзифов уште тогаш. Тој идентитет е „прикриен“, изјаснет со „шепот“ и најчесто (како и нашите денешни политичари што ја избегнуваат придавката „македонски“) означен со неодредените синтагми: „нашиот народ“, „наши обичаи“. Имаголошки, Жинзифов им одговара повеќе на денешниве разочарани Македонци (интензивно мамени од ЕУ за прием веќе речиси две децении), одошто на денешниве Бугари, кои се веќе под капата на тој „прекрасен нов западен свет“ и неговите „луди моди“.