Филмаџии и телевизионци – збрка на жанровите

Најпрвин неколку реда за телевизионците. Во стариот преддигитален бинарен систем „телевизионци“ беа нарекувани професионалците вработени во МРТВ, подоцна и во некои приватни телевизиски продукции. „Филимаџии“ беа филмските работници што работеа во државниот продуцент „Вардар филм“, подоцна и во некои филмски приватни г.г. друштва, кои, освен регистрација во судот, телефон и некоја скромна техника, имаа и добро разработени шеми и пиар-трикови како да се доберат до буџетските пари, па се претставуваа како продуценти, филмски работници, кои и покрај скромните перформанси и работно „филмско“ искуство, се засолнети во еснафското здружение Друштво на филмските професионалци. Телевизионците секогаш беа настрана од „филмската дејност“. Така беше конципиран и статутот на ДФР, сега ДФП. За да се членува во здружението требаше да се има работено на филм, 16 мм 35 мм. Тоа беа формати, носачи на слика и тон, кои беа услов. Без тоа ништо. Ова се случува кон крајот на деведесеттите, време кога Македонската телевизија има силна продукција. Само документарниот сектор тогаш продуцираше по 240 документарни единици, на годишно ниво, од кои стотина документарни филмови, од кои многу освојуваа награди на регионални, европски и светски фестивали. Во тој силен продукциски тек на играна и документарна продукција беа и се вклучени голем број професионални креативни профили, кои континуирано и посветено работеа и работат со децении и создаваат жанровски разновидни вредни синеастички дела. Континуитетот на документарната продукција денес е сведен на минимум.
Времето покажа дека ниту еден од над 150-те „мали – големи продуценти – независни продуценти“, дузина национални концесионери и „плејада“ квазиавтори и заколнати постмодернисти не се одважи, чие продукциско искуство се рекламите и понекој видеоклип, и не вложи свои средства во сериозни и квалитетни играни, креативни документарни сегменти.
Нивниот интерес никогаш и не бил креативниот документарен жанр, туку се ориентирани кон скапо платени реклами и преплатени играни проекти, или епизоди од документарната серија „Историска читанка“ што на времето се правеа и соработуваа со МРТВ, во рамките на редовната образовна и документарна програма каде што и се произведуваа по неколку наслови неделно.
Киното со 16 и 35 мм проекции исчезна. Новите технологии си го направија своето. Правењето филмови се демократизира, многукратно поевтини.
Иднината е сјајна?
Телевизија на реалноста е жанрот што во извесна смисла подразбира програмски форми во кои реалните настани се ползуваат за постигнување што поголемо внимание, напнатост, емоционалност во гледалиштето. Информативната вредност на настаните се потиснува во заднина, со цел спектакуларна презентација и драматургија позајмена од фикцијата.

Аудиовизуелната забава и она што го сметаме за кинематографија – слики во движење замислени од индивидуи, сè почесто го гледаме на платната во локалните повеќенаменски сали, во малечки сали, или онлајн, ондиманд и сл. Првпат во историјата на оваа уметност, филмовите навистина можат да бидат направени со ентузијазам, страст, љубов и малку пари.
Ерата на класичното кино престанува во 1983 (за малку пред орвеловската „1984“), кога во комерцијална употреба е пуштен далечинскиот управувач, ќе подвлече еретички големиот филмски маг Гринавеј.
Врската меѓу филмот, телевизијата и интернетот станува природна, не само на нивото на дистрибуција туку станува и вообичаен секојдневен допир со неверојатното разнообразие од жанрови и светови што континуирано ја верифицираат онтолошката плуралност.
Вообичаеното пробивање на телевизискиот тек во вистинскиот живот не ја одминува филмската уметност во која сѐ повеќе се чувствува стварност обликувана од ТВ-моделите.
Силното влијание на ТВ-журналот врз документарниот жанр повторно ја отвора дебатата за масмедиумската експанзија што реалниот свет сѐ повеќе го третира и го допира виртуелно, создавајќи притоа безбедна дистанца од која безмилосно го експлоатира. Па така сите бегства, преселби, умирања, болки, радости, надежи и страдања се само дел од голема видеосимулација, непрекинат масмедиумски непрекинат тек што ја апсорбира реалноста и забрзано ја празни.
Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност и се претворени во континуирано реално шоу. Па затоа можеме слободно да подвлечеме дека – силата на креативната интерпретација на стварноста е една од насоките на документарниот и кусиот метар жанрови што во иднина сѐ повеќе ќе го освојуваат приматот и по ефикасноста и уверливоста ќе се доближат до фикционалниот жанр.
Сѐ започна пред дваесетина години на Венцијанската мостра. Мајкл Мур, како по обичај, ја разбранува лежерната венецијанска атмосфера со документарниот проект „Капитализам – љубовна приказна“. Во таа збрка на жанровите се приклучи и респектираниот автор Оливер Стоун, со документарен портрет за контроверзниот латиноамерикански претседател Хуго Чавез, ја мобилизира јавноста и ја замисли критиката.
Филмот „Пожар во морето“ (Фуоцоаммаре) стана добитник на „златната мечка“ за најдобар филм на 66. Берлински филмски фестивал. Одново долгометражен документарен филм е добитник на наградата во фикционална категорија. И одново италијанскиот режисер Џанфранко Роси, кој пред дваесетина години ја освои главната награда со документарен филм на Венецијанската мостра. Филмот „Пожар во морето“ оди директно во срцето на она што всушност значи „Берлиналето“, ќе образложи трикратната добитничка на „оскар“, Мерил Стрип, која беше на чело на меѓународното жири.

Документарната сторија ја прикажуваше драмата на Лампедуза, малиот италијански остров сместен во Медитеранот меѓу Тунис и Сицилија, што е еден од најчестите дестинации и прва европска порта на која пристигнуваат илјадници азиланти од Африка и од Блискиот Исток.
Филмот „Пожар во морето“, исто така, ја освои и филмската награда на „Амнести интернационал“. Патот на бегалците водеше и низ Македонија. Силното влијание на ТВ-журналот врз документарниот жанр повторно ја отвора дебатата за масмедиумската експанзија што реалниот свет сѐ повеќе го третира и го допира виртуелно, создавајќи притоа безбедна дистанца од која безмилосно го експлоатира. Па така, сите умирања, болки, радости, надежи, страдања се само дел од голема видеосимулација што сега самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат. Масмедиумскиот непрекинат тек ја апсорбира реалноста и забрзано ја празни.
Војни, агресии, луѓе, судбини, маки, тегоби, солзи, неизвесност. Илјадници бегалци секојдневно минуваат низ медиумскиот коридор по патот на надежта. Но сето тоа го проголтува незаситната виртуализација вообличено во студени куси прилози раштркани во медиумски неприкосновените дневноинформативни политички појаси.
Силата на естетската сугестија и креативната интерпретација на стварноста е насока на документарниот и кусиот метар жанр што во иднина сѐ повеќе ќе го освојува приматот и по ефикасноста и уверливоста ќе се доближи до фикционалниот жанр.

Автор: Аљоша Симјановски