„Во потрага по изгубеното време“ е роман од Марсел Пруст. Ако не сте го читале досега, не верувам дека ќе го прочитате. Не ве потценувам, само сум гадно расположен, па стилот на оваа колумна спаѓа во жанрот намоќоризам. Доволно е да ги соберете насловите на деловите од овој роман (13 дела) и самите тие ќе ви се видат предолги за читање. Се нема време, нели?
Ова е време кога се нема време. Модерно време. Светот се претвори во брзата птица итрица. На часовниците им станаа одвишок две бројки, оти времето лета, Земјата врти околу Сонцето за 22 часа. И сигурно тверка. Времето е пари, не се мери во секунди, часови и години, туку во денари, евра и долари. Читаме бројки, буквите веќе не се интересни. Сè што е повеќе од два-три реда на Фејсбук, два-триста карактери на твитер, ни одзема време. Ма, какви два-три реда! И тоа е многу. Читаме слики. Инстаграм. Разголени девојки во трка по возбудени следбеници, чиј број, ако се зголемува, ќе ги одведе до некој од црвените летачки килими на минливата слава. Фотографија на мојот појадок: тост од рендани тартуфи. Гомцето на моето милениче што го искака зад врата. Нели личи на розово облаче? Читаме слики за туѓи животи што сами ни се нудат на пазарот на загубени вредности. Загубено време, загубени вредности. Пруст или прут, прашање е сега. Тепај го ближниот свој за да се потчини. Моќта е секогаш ин. Таа создава робови, робовите имаат избор да станат слободни робови, а тие… слободните робови мислат дека се господари, сопственици на туѓото време.
Ми го арчат времето. Толку се многу здодевни што и просторот станува неважен. Два часа ме убедува дека е подобро Северна Македонија од ФИРОМ. Среќа што ги има тие совршени колена, па можам да смислувам стихови за тоа како во нив се огледуваат сенките на оваа пропадната цивилизација. Два дена по тие два часа ми праќа фотографии оти, ти немаш Инстаграм, мил мој, а на нив, таа распослана на грчките плажи како фотосесија за билборд без фотошоп, оти дал Бог убавина. На една од тие фотографии, сликана на бензинска пумпа покрај автопат, во втор план на нејзината убавина, тројца грчки работници местат нов патоказ на кој со големи блескави букви пишува ФИРОМ, толку и толку километри. Ѝ го споменав разговорот за придобивките од она посрано име Северна Македонија и направив погрешна процена, оти веднаш од неа излезе духот на совршената релативизација.
Да, ама тоа само Грците, а другите…
Другите ве нарекуваат северномакедонци.
Да, ама сега сме во НАТО…
Меѓу најслабите десет војски во светот. Без оружје. Дури и она скапаното што го имавме, на Украина ѝ го дадовме, за Русите да го изложат како воени трофеи. Патем, статистиката вели дека нордистанците не сакаат да го бранат посраниов северен протекторат. Драга моја, тука веќе ни кучињата не ја бранат својата територија.
Да, ама ги слушна вчера авионите што прелетаа? Каков само звук. Уф, колку беше секси.
Секс? По Нова година. Кога ќе поскапи одново струјата, а ние нема да имаме веќе со што да плаќаме. Ќе ни ја исклучат, ама бидејќи не сме државјани на Арачиново, Владата нема да се степа да ни ја вклучи. Тогаш ќе мора да се гушкаме по двајца под јамболлија.
Да, ама за струјата што поскапе, Путин е виновен.
Ми го арчат времето. Половина час ме убедува дека му е гајле дали историската комисија ќе ни ја направи историјата бугарска. Него баш го заболе за минатото, оти тој гледа само кон иднината. А јас пак, на оние што ми арчат време со глупави флоскули извадени од џебот на политичката коректност, сакам веднаш да им удрам сто стапа цинизам по глава, иако тие стапови цинизам по туѓа глава и мене ме болат.
А во таа твоја иднина, му реков, среде НОБ е црна темнина.
Каква темница? Што има сега врска НОБ? Пак зборуваш за минатото. Нека реши историската комисија. И што ако кажеме дека Бугарите не биле фашисти? Може стварно не биле. Може на нашиве само им се причинило. Многу испиле. Се случуваат такви работи.
Мислев на НОБ. Национална опера и балет. Порано се викаше Македонска опера и балет. Им ја исклучија струјата. Не ми е јасно зошто новото име не им ги плаќа сметките.
А, тој НОБ. Е па, ВМРО се виновни. Тоа што они правеа во минатото…
Тоа тебе нели не те интересира? Ти гледаш само во иднината. Што ми мешаш сега нешто што било пред десет години? И тоа е минато. Кога ти одговара, не те интересира минатото, ама кога ќе се појави некој проблем во сегашноста, веднаш се правдаш дека некој во минатото не знам што направил. Патем, за сите срања што се случуваат за време на оваа власт, виновна е оваа власт.
Е па, ај ако не, Груевски да го вратиме.
Ми го арчат времето. А можев му го посветам на Пруст додека си грицкам мадлени натопени во чај. Ми го арчи интелектуалната бижутерија, граѓанството луѓенца од океанот убавина удавени во баруштината на релативизацијата. Американците имаат „Терминатор“, ние можеме да снимиме „Релативизатор“. Романтична трагикомедија со постмодерни упади на сајберпанк-гротеска. Главниот лик живее во иднината и сериозно досаѓа од таму, ама се враќа во сегашноста за да ми го избрише минатото и да ми подметне нова нормалност во пијачката. И да провери да не случајно Русија ми подметнала влијание во истата таа пијачка. Два часа ме гњави и убедува дека живееме во врвна демократија, економска благосостојба и климакс на европските вредности произлезени од западната цивилизација, а сето тоа менаџирано од нашите пријатели САД, ЕУ и НАТО, но ако срањево околу мене го доживувам како срање, тогаш мора да знам дека Путин е виновен. Не можам веќе да го слушам. Мојата потрага по изгубеното време се претвора во патување до крајот на ноќта, а таму еден заебан Селин, Прустовата нежност ја претвора во безобразен цинизам. Слушај брат, САД, ЕУ, НАТО и Велика Британија многу повеќе се под руско влијание отколку јас, ама влијание од оние минати руски времиња, затоа што нивната блескава иднина е потемкиново село. Јас само се чувствувам како капетан Немо, кој сака да избега 20.000 милји под морето за не им ја трпам новата нормалност.
Пруст, Селин, Жил Верн. Аман, Русјаков, што се фати за Французиве?
Глупо ми е да ги споменувам Достоевски, Толстој и Тургенев, се плашам нашиве политичари, правосудни органи и сите нивни модерни инквизитори, ловци на руски вештерки, да не ги прогласат за руски шпиони, па да ги протераат од моите полици.