Фото: Маја јаневска Илиева

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека со последниот ден од септември ќе се врши упис на ученици.

Како што оцени Јаневска, намалениот број ученици и паралелки, освен на наталитетот, во многу помал дел се должи и на иселување на граѓаните од државата или евентуално на некои други несакани случувања.

-Оваа година, за разлика од минатата, имаме помалку или точно 1.300 првачиња. Во 2020-та, годината со шест години кога тргнуваат на училиште, се намалиле, 800 помалку раѓања има, што значи разликата е 500 првачиња. Мене ми е жал што не се почитува доследно правилникот за упис на ученици во прво одделение, што значи, во мај, во јуни тие требаше да бидат сите запишани и внесени во електронскиот дневник. Тоа не е така и јас изјавувам дека до последниот ден од септември ние ќе вршиме упис на ученици. Можно е оваа бројка уште малку да се поднамали. Значи, освен на наталитетот, во многу помал дел се должи и на иселување на граѓаните од државата или евентуално на некои други несакани случувања – истакна министерката, одговорајќи на новинарски прашања на настанот во ДСУРЦ „Партенија Зографски“ по повод 23 Септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

 

Во врска со коментарите на одредени политички партии дека не се објавени резултатите и дека има измама за тоа кој се е примен во студентските домови, Јаневска напомена дека не сака да се расправа со лажни вести.

-Веќе еднаш коментирав, не сакам да се расправам со лажни вести. Секторот си работи така како што треба. Истата политичка партија велеше дека студентите учат и живеат во субстандардни услови. Сега, студентскиот дом „Стив Наумов“ е хотел А-категорија, за месец и пол и „Кузман“ ќе биде хотел А-категорија. И доколку има студент кој ќе остане, а нема, сите што исполнуваат услови се сместени. И доколку има некакви други видувања меѓу студентите во однос на домовите, за месец и пол кога ќе бидат отворени, верувам дека на сите ќе им бидат задоволени желбите. Инаку, ние не постапуваме по желби, ние имаме правилници и закони по коишто постапуваме – потенцира министерката Јаневска, пренесува МИА.