Често се случува своеволно и поединечно да се толкуваат основните човекови права, особено во новите демократии, каква што е Босна и Херцеговина, но и во земјите од соседството. Она што го нарекуваме слобода на изразување, во онлајн просторот често добива облик на дезинформации и говор на омраза. Недостигот од соодветна законска регулатива несомнено го овозможува ваквото дискредитирање поединци и групи. Во Босна и Херцеговина, во 2022 година посебен фокус се стави на дезинформациите, чија цел беше да се влијае на изборниот резултат.
Омасовувањето на медиумите направи потешко да се препознава вистината во формирањето јавно мислење уште за време на Втората светска војна. Сепак, поимот вирален денес има многу поголемо забрзување. Така, нишката од доверба до изманипулираност станува сè потенка, а веродостојноста на резултатите од процесите, вклучувајќи ги и изборните, како резултат на волјата на граѓаните, станува нејасна.
За време на предизборната кампања во изборниот процес во Босна и Херцеговина во 2022 година можевме да ја прочитаме информацијата дека Јелена Тривиќ добила десет милиони долари од американската влада за кампањата против Милорад Додик, што наедно беше една од најчесто пренесуваните дезинформации за време на кампањата за општите избори во 2022 година во БиХ.
(Не)намерното ширење дезинформации неосновано ги дискредитира или поддржува политичките субјекти, институции и поединци што се предмет на пласираните информации.
Како што ни рекоа од коалицијата за фер и чесни избори „Под лупа“, глобално, дезинформациските наративи се сè поприсутни, особено со можноста за користење на социјалните мрежи како медиуми, во контекст на нарушување на демократските стандарди постигнати на изборите. А целта е да се изврши очигледно несомнено влијание врз изборниот резултат. Истиот став го зазеде и Советот за печат и онлајн медиуми во Босна и Херцеговина, велејќи дека дезинформациите можат сериозно да влијаат на изборните резултати, бидејќи само еден злонамерен обид за дискредитирање на политичкиот противник, заснован на лаги, може да предизвика гласачите да се откажат од кандидатот, односно да ја сменат својата одлука и да не му го дадат гласот на тоа лице. Често, демантите немаат одек каков што имаат дезинформациите, но апсолутно не смееме да се откажеме од нив. Тоа опасно и директно го загрозува човековото право на точни и навремени информации.
Босна и Херцеговина не е единствената земја што шири дезинформации, особено за време на изборни процеси. Често се случува и странците да бидат актери во мешање во избори. Во разговор со експерти од овие области јасно беше посочено дека дезинформациите се сè поприсутни и дека стануваат елемент не само на поддршка и оспорување одредени политики туку и на присуство на странски сили на територијата на Босна и Херцеговина што имаат различни интереси, како и елемент на пресметка, како на политичка основа така и на некои други основи што се однесуваат на општествени области, како што се армијата, односно одбраната, економијата и слично.
Тоа влијание не е присутно само на Балканот. Да се вратиме осум години назад, кога се крена голема медиумска прашина за сајбер-нападите и обидите на Русија да влијае на претседателските избори во САД.
Затоа, една година пред претседателските избори во 2020 година, американската влада сериозно пристапи кон преиспитување на демократските процеси преку социјалните мрежи.
– Гледаме дека токму сега, преку дезинформациски наративи, на некој начин се нарушува интегритетот на изборните процеси низ светот, токму за да се наштети или фаворизира еден кандидат во изборната трка, а докажано е дека ваквите дезинформациски наративи често доаѓаат однадвор, од други земји, дека на одреден начин имаат политичка заднина и дека се користат лажни вести, лажни профили, ботови и слични непроверени медиумски форми, како веб-страници за кои нема импресум и податоци за уредништвото – вели Дарио Јовановиќ, проект-менаџер на коалицијата „Под лупа“.
Сепак, да не заборавиме дека токму кандидатите во изборите, членовите на нивните партии, но и медиумите што се под нивна контрола, имаат најголемо влијание врз јавното мислење преку ширење дезинформации или со дискредитација на противкандидатите, без разлика дали станува збор за изборните процеси во Босна и Херцеговина, САД или на друго место.
– Можеби најпознатиот пример за измама се последните избори во САД кога Доналд Трамп стана претседател. Американските разузнавачки агенции се сомневаат дека на Трамп во кампањата му помогнало ширењето на дезинформации со кои гласачите биле измамени за голем број теми и постапки на демократите – рече Џенана Бурек, извршна директорка на Советот за печат и онлајн медиуми во Босна и Херцеговина.
Ширењето дезинформации се покажа како многу важен фактор за самиот исход од изборните резултати, тврдат од Советот за печат и онлајн медиуми во Босна и Херцеговина. Во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, во предизборната кампања за општите избори во 2022 година, предмет на мониторинг беше говорот на омраза во коментарите на порталите, а резултатите од мониторингот од Советот наскоро ќе ѝ бидат претставени на јавноста. Засега е познато дека е забележан константен пораст на говорот на омраза во предизборните циклуси.
Покрај тоа, секој говор на омраза има своја специфичност, па затоа е многу тешко да се реши со алгоритми на основа на блокирање клучни зборови, бидејќи тие што сакаат да шират говор на омраза наоѓаат начини да ги заобиколат таквите пречки, тврдат од Советот, но се задоволни и од одговорноста и подготвеноста на уредниците на веб-порталите, кои покажале високо ниво на подготвеност за соработка и заедно со набљудувачите од Советот постојано го отстранувале говорот на омраза и придонеле за негово намалување на онлајн просторот.
Во изминатата, како и во претходните години, расте бројот на алатки и препораки за препознавање дезинформации, а сè помал е бројот на иницијативи за спроведување и дополнителна едукација на граѓаните. Вреди да потсетиме на препораките од Европската комисија, кои упорно систематски ги занемаруваме, пред сè законските одредби за заштита на податоците и пристапот до информации, кои, како што е наведено во извештајот на Европската комисија за 2022 година за напредокот на Босна и Херцеговина, и натаму се толкуваат на начин што ги штити приватните, а не јавните интереси.
Крајот на 2022 година ни донесе низа можности, но и ново-стари обврски. На својата седница на 15 декември, Европскиот совет донесе одлука со која на Босна и Херцеговина ѝ додели кандидатски статус за членство во Европската Унија. Тука нема многу да се занимаваме со пристапот до фондовите, што би можело да биде една од главните придобивки за земјата со стекнувањето статус на кандидат. Има многу обврски што не сме ги исполниле или набрзина се обидуваме да ги исполниме, доста невешто и брзоплето.
Во споменатиот извештај на Европската комисија за напредокот на БиХ, меѓу другото, се наведува дека законската регулатива за слободен пристап до информации и говорот на омраза сè уште е фрагментирана и не е во согласност со меѓународните и европските стандарди и дека не се преземени никакви чекори за донесување закон за транспарентност на сопственоста на медиумите.
Во овој контекст, добра вест доаѓа од Европската Унија. Со актот што стапи во сила во ноември, ќе се инсистира на поголема одговорност на социјалните мрежи, а се очекува дека тој акт ќе се применува и во Босна и Херцеговина, според обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Законот за дигитални услуги има цел да се бори против ширењето незаконски и штетни содржини на интернет. Европската комисија на својата веб-страница објави дека онлајн платформите ќе мора да го пријават бројот на активни корисници на своите веб-платформи, врз основа на што Комисијата ќе направи процена како да се означи платформата.
Потоа ќе следува чекорот на поднесување годишни процени на ризик до Комисијата. Во суштина, целта на Законот за дигитални услуги (DSA) е да се утврди јасната одговорност на субјектите што обезбедуваат посреднички услуги, а особено онлајн платформите што ги вклучуваат и социјалните мрежи.
Создавањето побезбеден дигитален простор во Европа е императив и за Босна и Херцеговина и земјите од регионот. Во таа насока, Законот за дигитални услуги на Европската Унија би можел да биде светлината на крајот од тунелот. Но патот е долг и бара систематска и напорна работа. Затоа, во контекст на дезинформирањето и дискредитирањето, не е лошо да се спомене дека правото на поединецот престанува кога ќе почне да го загрозува правото на друг.
Едина Шечеровиќ
Авторката е долгогодишна уредничка и водителка на Дневник на Федералната телевизија во БиХ. Текстот е објавен во рамките на иницијативата „Приказни од регионот“, која ја спроведуваат Рес публика и ИКС.