Се прашуваме ли, барем понекогаш, драги читатели, ценети колеги новинари, почитувани вработени во институциите, избрани и одговорни политичари, што, колку (и дали) направивме за време на овие турбулентни транзициски децении да го укрепиме нашето духовно наследство пред историскиот провев или, како што вообичаено милуваме да се изразуваме – пред забот на времето, го подзаштитивме ли колку-толку. Нашата историска лична карта, нашата легитимација. Нашиот културен идентитет.
Еве минуваат триесет и пет години од независноста, а останува отворено и неодговорено прашањето дали направивме попис и опис на сѐ она што било вредно од македонската култура, било поттурнувано по фиоки, по шкафови, по магацини, складирано во темни подруми. Дури заборавено, однесено на отпад, запалено, уништено. Два периода се во прашање – она што е создавано во македонската култура за време на социјалистичка Југославија и она што е создавано, а невреднувано во првите години на самостојноста.
Ќе посочам два примера. Едниот е поранешната „Нова Македонија“, другиот е Македонската радио-телевизија. Две национални институции во кои постоеше непроценлива ризница од документација, од ТВ-материјали, комплети од весници и нивни долго чувани исечоци. Врз основа на архивите на „Нова Македонија“ и на МТВ (сосе радиото) може да се проучува и испишува вистинската целокупна историја на Република Македонија во последните 80 години. Не на Северна, туку на онаа суштинската Република Македонија. Но тие извори се затрупани, таа граѓа е заборавена, зафрлена и во голем дел уништена. Не се малобројни тврдењата дека е направено вистински пустош меѓу материјалите што новинарите во текот на децении макотрпно и со ентузијазам ги создавале.
Се работеше за непроценлив материјал снимки, емисии, илјадници новински странци со разговори со врвни македонски автори од сите уметнички области: писатели, сликари, режисери, историчари на уметноста, архитекти, композитори, проучувачи на народното творештво. Беше одговорно, но благородно и доблесно! Не беше мала работа да ги поканиш во редакција или во емисија еден Блаже Конески, Славко Јаневски или Матеја Матевски, Гане и Анте, еден Мартиноски, Корубин, Мазев или Кирил Ценевски, Петре Прличко и плејада други. Многумина од нив, градители на македонската култура, оставија завети до потомството, но и длабоки размисли и анализи за прашања од пошироко национално, општествено значење. Нив ги покри мракот, преовлада културата на заборавањето.
Своевремено сум прочитал дека австриската национална библиотека одвоила огромна сума за откуп на тетратка со ракопис од писателот Петер Хандке. Министерството за култура на Франција само еден испишан лист во оригинал од романот „Долго патување во ноќта“ од Луј Фердинанд Селин објавен во 1932 година го откупила за седумстотини илјади евра. Прибираат таму луѓето, институциите и државите зрно по зрно од културната национална летина. Оставаат наследство, завет, брана пред историските невремиња. Нѐ замислуваат ли барем малку, барем одвреме-навреме, ваквите вести и сознанија?
Еве, неодамна, во Македонската радио-телевизија беше избрано ново раководство. Да очекуваме (тоа е наше легитимно национално право) дека македонската културна јавност наскоро повторно ќе ги добие своите емисии од култура и образование и богатата играна продукција, дека ќе можеме да слушаме убави, аналитични и интелектуално втемелени емисии од културата и творештвото, што никако нема да биде на сметка на забавата и на широката гледаност. Нели е таа институција повисоко и поодговорно поставена!?
Не е само тој исклучително важен визуелен инструмент. Имаме од што да почнеме и на што да се потпреме. Во МАНУ се чува богат фонд од скапоцени материјали поврзани со творештвото на наши истакнати автори. Знам дека во НУБ поетот Михаил Ренџов со децении создаваше збирка ракописи и предмети поврзани со работата на истакнати современи македонски писатели, а и неговите наследници продолжија во таа насока и со иста посветеност. Во Штип постои поставка, катче посветено на нашиот голем поет Ацо Шопов, со ракописи, со фотографии од различни периоди на неговиот живот и дело, со предмети што му користеле во секојдневниот живот и особено при лирското создавање. Неговата ќерка Јасмина веќе со години презема успешни чекори за проучување и популаризирање на нашиот голем лиричар.
Со иста посветеност синовите на Анте Поповски, Алек и Жорж, организираат книжевни средби и конкурси за необјавени поетски книги од млади автори под знакот и под името на поетот. Веројатно на нивна иницијатива во населбата Ѓорче Петров е поставена трајна изложба со материјали поврзани со неговото творештво. Во Слоештица, Демирхисарско, споменот за Петре М. Андреевски го одржува неговиот син, монументалниот сликар Сергеј. Лични, приватни иницијативи за пример. Колку тие иницијативи и слични на нив се поддржани од државата, од Министерството за култура, останува непознаница.
Ќе биде од непроценливо културно и општествено значење доколку вакви чекори се преземат во врска со осветлување на сложените дела што нашите уметнички првенци ни ги завештаа за време на својот живот. На пример, неодамна во населбата Методија Андонов-Ченто беше реновиран и отворен просторен Дом на културата во тој дел од Гази Баба, населба во која живееле и твореле повеќемина истакнати творци од уметничките области, а не е мал и бројот на сѐ уште активни автори, па би можело да се размислува да се издвои простор за презентирање на делата на поетот Љубен Ташковски, на пример, на Коле Манев, на професорот и преведувач Ѓорѓе Марјановиќ и на уште неколкумина, со што на младите вљубеници во уметноста и во културата би им се овозможиле средби со значаен дел од нашето заедничко културно богатство.
Прилеп, Битола, Охрид, Струмица, Куманово, Тетово се места каде што извирала, се создавала и растела македонската култура во сите нејзини насоки. Богати се овие градови со личности и нивни велелепни дела, со национални и меѓунационални достигнувања што заслужуваат внимание и почит. Тоа не се богатства само на градовите тоа се ризници што ја воздигнуваат Македонија во сиот нејзин историски културен сјај.
Забавата, естрадата, треба да си го добива своето место во медиумите, но истовремено е неопходно на високото творештво да му се овозможат простор и време да бидат видени, анализирани, толкувани, во спокојни, добро осмислени и изведени пристапи во кои експерти од соодветните области би ги вреднувале и би ги популаризирале репрезентативните постигнувања и резултати.
Тоа би бил нашиот вистински израз на заштита и зачувување на уметничкото и културното творештво со кое, за среќа, Македонија изобилува. Сево ова, исто така, дури може да се рече со уште поголема посветеност, нѐ очекува во врска со заштитата и негувањето на јазикот, кој во ова време на голема отвореност и изложеност на невнимателни постапки и употреба секојдневно е атакуван од лоши преводи, од погрешен изговор, од запоставување и обиколување при испишување фирми, наслови и слични активности поврзани со јазичната примена и практика.
Да заклучам: архивата е темелот, каријатида за потпирка, исправност и исправеност на културната национална јатка. Преку прибирање, заштита и афирмација да се создава концентрација на трајни вредности што се гаранција за натамошен раст и трајност на секоја структура. Културна, општествена, национална, идентитетска. Тој, идентитетот, личен, групен, колективен, национален, не се брани со вербална врева, туку со акумулација на орудија од културната сфера, со материјали што се отпорни на погубната корозија на историските невремиња.
Одбележувањето на 35-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија е голема и отворена можност преку архивите, преку зачуваните, но заборавени или поттурнати имиња и дела од неколкуте генерации македонски творци да се потврди, да се зацврсти и да се бетонира културниот идентитет на македонскиот народ. Има со што, има со кого.

































