„Каде завршува човекот? Телото, душата и идентитетот во научната фантастика“

Една од суштинските човекови потреби е потребата да го надживее сопственото тело. Метафизичките идеи за дуализмот меѓу тело и душа се присутни од почетоците на човечката цивилизација и претставуваат еден тип „археологија на верувањето“. Идејата дека душата го „надживува“ телото не е присутна само во монотеистичките религии туку и во паганските форми на интерпретација. Платон во својот дијалог „Тимај“ ја застапува идејата на метеморфозис, односно душа што се сели во неколку тела, сѐ додека не ја достигне најчистата форма од градацијата на битието. Старогрчката верзија на метеморфозис е синонимна со источната идеја за реинкарнација. Во монотеистичките религии, се верува дека душата заминува во вечноста. Монотеистичките религии не го подражаваат концептот на селење на душата во повеќе тела. Оттаму достоинството на телото е ставено на многу повисоко ниво, бидејќи во животот секој човек добива само едно и единствено тело. Тој не го менува својот лик, односно својот ипостас.
За дуалноста меѓу телото и душата говори и Декарт во 17 век, тој ја воведува идејата за res cogitans и res extensa. Телото има екстензија, додека когницијата е почетната точка каде што се заснова доказот на сопственото постоење. Со јазикот на современата психологија тоа би била самосвесноста. Прашањето што научната фантастика го актуализира на уметнички и пополарно прифатлив јазик е – колку тело е доволно за човек да може да постои? Дали човек што има ампутирани нозе престанува да биде истиот човек? Која е суштината на човечкото постоење како целина?

Научната фантастика го поставува прашањето: како би го продолжил животот човекот на иднината кога би можел постојано да го поправа своето тело?
Дали човек што ќе стане киборг од здравствени причини е истиот оној што имал само човечко тело?
Овие прашања ја надминуваат рамката на технологијата и навлегуваат во областа на филозофијата на идентитетот. Ако човечкото тело постепено се заменува со вештачки делови, тогаш границата меѓу природното и создаденото станува сè понејасна. Киборгизацијата не претставува само физичка промена туку и промена на начинот на кој човекот се разбира себеси. Телото повеќе не е само пасивен носител на животот туку станува простор за интервенција, надградба и редефинирање.
Научната фантастика истовремено поставува и етички прашања. Доколку технологијата овозможи продолжување на животот преку замена на биолошките функции, дали бесмртноста ќе значи зачувување на човекот или создавање нова форма на постоење? Дали сеќавањата, свеста и личното искуство се доволни за да ја зачуваат личноста или телото останува неопходен дел од човековата природа?
Во секој случај, телото и улогата на телото се една од главните теми со кои се занимава научната фантастика, во смисла на негово потенцирање и враќање на достоинството на телото, настрана од сите аскетски убедувања дека телото е носителот на сите наши страсти и страданија. Впрочем, научната фантастика потсетува дека човекот има едно тело и дека неговото постоење е незамисливо без телото. Трансхуманистичките идеи за пренесување на свеста во алгоритми, роботи или киборзи го поставуваат прашањето дали човекот што е алгоритам на компјутер има еднаква смисла да продолжи да постои ако нема да можете да го гушнете?