„Безбеден град“

Кога сме кај анализи за „безбеден град“ и намалување на криминалот, дали
може МВР да објави колку има запленето не марихуана, туку хероин и кокаин, во периодот 2018 – 2022 година, и да направи споредба со претходните пет години. Или орвелски е системот да се вика „Безбеден град“, да се случуваат инциденти со убиени и ранети во центарот на Скопје. Но од тоа уште поорвелски е дека истиот ден министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа прес-конференција на која се пофали дека општиот криминал е намален дури за 30 проценти

„Безбеден град“ се нарекува системот за видеонадзор на сообраќајниците, инсталиран уште во времето на Владата на Никола Груевски, а сега според наводите на полицијата ќе биде употребен во истрагата на двојното убиство во „Шиша бар“ што се случи деновиве. Орвелски е системот да се вика „Безбеден град“, да се случуваат инциденти со убиени и ранети во центарот на Скопје („Шиша бар“ е во општината Центар). Но од тоа уште поорвелски е дека истиот ден министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа прес-конференција на која се пофали дека општиот криминал е намален дури за 30 проценти. Орвелска е не само коинциденцијата дека во истиот ден министерот тврди дека криминалот е намален, а се случува ладнокрвна ликвидација, туку и тоа што министерот го заснова насловот на споредба на два месеца од оваа година со два месеца од претходната година. Трендови во криминал не се анализираат така, освен ако не ви треба очајна манипулација за тезата „безбеден град“. Кога сме кај анализи за „безбеден град“ и намалување на криминалот, дали може МВР да објави колку има заплени не на марихуана, туку на хероин и на кокаин, во периодот 2018 – 2022 година, и да направи споредба со претходните пет години.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски треба да поднесе оставка, не потоа поради тоа што се случила ликвидација во „Шиша бар“, такви ликвидации имало и ќе има. Доколку добро следам од 2018 година има пет ликвидации со седум убиени лица и уште неколку обиди за ликвидации. Претходно се случиле тројното убиство во „Чаирчанка“, ми се чини 2008 година, и две ликвидации во скопската населба Ченто во 2009 и 2013 година. Оливер Спасовски треба да поднесе оставка поради тоа што ескалацијата на криминалното насилство е поради тесната испреплетеност на криминалот и власта. Кои се аргументите за ова?

Уште пред доаѓањето на власт, Зоран Заев, тогашен лидер на СДСМ, започна умилкување кон криминалот и мафијата со јавно најавување за преиспитување, поништување судски процеси или амнестија, со што многу криминалци би се нашле на слобода. Еден пример за илустрација. Бајраш Сејдиу од Куманово, осуден во два процеса што завршија во 2011 година на 12 и пет години или збирно 15 години, беше ослободен со условен отпуст во 2018 година, пред референдумот за Преспанскиот договор. Таа спрега со криминалот продолжи и понатаму. Еден од аспектите на таа испреплетеност се пасошките афери како таа со Онишченко, но секако најголем е скандалот „Мафија“ што го разоткри ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година. Откако беа разоткриени, Министерството за внатрешни работи веднаш објави дека се спроведува меѓународната акција „Двојник“ за злоупотреба на службената положба во издавање оригинални македонски пасоши со украден идентитет на странски криминалци. Од средината на јуни 2017 година до јануари 2021 година, организирана група од Министерството за внатрешни работи им издала 215 такви пасоши на сериозни криминалци.
Кога пишував за пасошките афери во „Пасошки афери, (ни)чија одговорност?“ во ноември минатата година, го спомнав и скандалот со Ерменија. Тројца македонски дипломати со приватен авион и дипломатски пасоши во 2019 година ги извлекле од Ерменија македонскиот бизнисмен Димитријевиќ, обвинет за измама, и ерменскиот дипломат Левон Саркисјан, брат на поранешниот ерменски претседател вмешан во многу корупциски скандали. Овој случај е солиден доказ за испреплетеност на криминалот и власта, бидејќи македонскиот бизнисмен Димитријевиќ сега се јавува во конзорциум за надзор на изградбата на автопатишта во коридорите 8 и 10. Еднаш е случајност, двапати не е.
Оливер Спасовски нема да поднесе оставка, како што никој не поднел оставка досега и кога гинеле невини граѓани, а не наводни криминалци – наркобосови. Оливер Спасовски нема да поднесе оставка и затоа што не само тој туку и неговите претпоставени во власта се дел од таа испреплетеност. МВР повика да не се политизира ликвидацијата, да се остават институциите да си ја вршат работата. За да се остават институциите да си ја вршат работата, Оливер Спасовски на прес-конференција да нѐ потсети на резултатите од истрагите на ликвидациите во периодот 2018-2022 година. И не, не правам јас политизација на ликвидацијата. Политизацијата на ликвидацијата ја прави политичкиот врв на земјава, кој се фотографирал со членови на криминални банди. И СДСМ-ботовите крекаат на цел глас за групна фотографија на која ги има Пендиков и Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но пропаднати се во земја за индивидуални фотографии на политичкиот врв со криминалци.

Како врв на тоа, министрите на ДУИ, како ексклузивен „клуб на мажи“, слават ли, играат фудбал ли, кошарка ли, во работно време, во работни простории на министерство. Дали Артан Груби слави автопатишта на кои надзор ќе има врши горенаведениот Димитриевиќ или Фатмир Бесими, министерот за финансии, ја слави штетата од 18 и со зборови осумнаесет милиони евра што ќе ја нанесе со пропаднатата, па повторно издадена еврообврзница? На ова можам да напишам само вулгарни зборови со * во нив, што не ми го дозволува моето домашно воспитание.

Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични