Фото: Архива

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи соопшти дека првпат се формира „Група на пријателство“ помеѓу Македонската православа црква-ОА и Исламската верска заедница, која денеска формално ќе отпочне со активност. Денеска ќе се одржи почетниот настан за запознавање на учесниците со иницијативата, целите и плановите.

Групата се формира по иницијатива на Комисијата и има за цел да овозможи на новата генерација свештеници и верски службеници, како и на научните теолошки работници низ неколку модули, соодветен простор за навремено меѓусебно запознавање, разменување на искуства и ставови и поттикнување на заедничка грижа за јавното добро.

Како што е најавено, на денешниот настан ќе се обратат поглаварите архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, реисул улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, како и деканите на Православниот богословски факултет, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и на Факултетот за исламски науки, проф. д-р Шабан Сулејмани.