Анатомија на предавството на нацијата

Не е мала работа некого да го нарекувате предавник. Но уште поголема навреда е да не се нарече така ако ја изневерувал својата земја толку често и толку страшно како што е направено тоа со Македонија. Без сомнение, предавството на нацијата е ужасен и беден чин, светол пример за морална лепрозност на политиката што го сторила тоа, врвна беда и очајна нечесност што не ослободува од гревовите на ѓаволската итрина

Подготвеноста да се предаде својата земја, својот народ, своето семејство и својата историја – да се изврши предавство за да се покаже лојалност кон друг и да се остане на власт по секоја цена е тежок концепт за многу луѓе да го сфатат тоа. Сепак, општествата се борат со предавството со векови; мотивациите, импликациите и последиците ретко се јасни и често се субјективни. Ако институциите на моќ се корумпирани, дали предавството е чин на предавство или чин на лојалност кон поголемото добро, како што сакаат да ни го претстават кај нас? Зашто предавството се мери и се мери, а неговата дефиниција делумно зависи од исходот: ако успее, тоа е револуција; ако не успее, тоа е предавство. Во секој случај, перспективата на предавството зависи од страната: предавникот за некого е херој, за други лидер што носи тешки одлуки во има на нацијата, за трети авторитарна марионета на странски автократи. За нас изневерените, кризата на предавството е раскрсницата каде што се јавува повикот и мора да се донесе клучна одлука што го менува животот на личноста и нацијата. Мора да одлучите како ќе поминете низ кризата. Можете да ја спуштите главата, да играте на сигурно, да избегнете ранливост и да ја жртвувате храброста со надеж дека сето тоа ќе заврши наскоро. Или можете да соберете надеж, да соберете храброст, да земете длабока голтка и да исчекорите напред со вера дека кризата низ која поминува државата нема да ве уништи, туку на некој начин, некако ќе ве направи поцврст и поголем на незамисливо добар начин. Го видовме изборот на политиката кај нас. Изневерена доверба, ставање на личниот интерес пред државата и свесно загрозување на Уставот, демократијата и нашата иднина. За личниот избор не можам да судам.

„Северна Македонија“ е историски и биографски политички тестамент за предавство на националните интереси на еден народ. Таа е создадена од предавството на нацијата. Таа е сликата за горкото разочарување во политиката, незадоволство во јавноста и отворени сериозни дилеми за прашања од иднината на земјата. Предавството на нацијата е отворена рана на Македонија, која не гледам како ќе се залечи во иднина. Хенри Кисинџер ќе напише дека: „најдобрите детерминанти за судбината на едно општество не се ниту неговото национално богатство, ниту други конвенционални мерки на моќ, туку квалитетот на неговиот народ и визијата на неговите лидери“. Останавме лишени и од двете, за жал. Нацијата ни беше систематски сведена на незаинтересирана толпа од владејачката елита, лишена од образование, здравствена заштита и безбедносна егзистенција, социјална и економска правда, владеење на правото и еднаквост пред законот, задржувајќи го огромното мнозинство на трошки во политичкиот систем покровител-клиент. Уставот ја изгуби својата светост, населението е во беда, обземено од разочарување и очај. Се разбира, нема знаци за корекција. Немаме надеж за некои смели умови да ја спасат нацијата од нејзината сегашна маченичка и деградирачка состојба. Предавството на нацијата ја наплаќа својата цена.

Повеќето од нас сè уште ја препознаваат разликата помеѓу факти и фикција, вистина и лаги. Со фанатизираните следбеници на власта што ги продаде националните интереси на Македонците и инструираните медиуми, разликата помеѓу докажливиот факт и неоснованата заблуда изгуби секакво значење. Сигурно дека идните генерации ќе се борат да сфатат зошто толку Македонци, слепо лојални на политиката на обезличување на државата и нацијата, со таква фанатична посветеност се спуштија во зајачката дупка на измислените верувања на нивниот лидер. Можеби зашто спектаклот е лудило во кое се маскира политиката на оваа власт. Затоа мора да се алармира за заканата што ја претставува ваквата власт за самите темели на нашата држава и нејзината демократија. Култното верување во лажниот наратив на еден лидер – целосно исклучен од вистината и свеста за предавство се прелеа во политичка корумпираност на болен губитник, зависник од власт што одбива да ја прифати реалноста дека ја изгуби довербата во народот и треба да си замине од политиката. Секое одолжување ја поставува основата за пропаст на демократијата во Македонија.
Не е мала работа некого да го нарекувате предавник. Но уште поголема навреда е да не се нарече така ако ја изневерувал својата земја толку често и толку страшно како што е направено тоа со Македонија. Без сомнение, предавството на нацијата е ужасен и беден чин, светол пример за морална лепрозност на политиката што го сторила тоа, врвна беда и очајна нечесност што не ослободува од гревовите на ѓаволската итрина. Предавството на нацијата е грев на една поданичка власт за која историјата ќе биде највисокиот суд, зашто неговата јурисдикција не познава граници и нејзината конечна пресуда не може да се обжали. Затоа, од суштинско значење е да не дозволиме сериските предавства на нацијата некако да се „нормализираат“ или да се обезвреднат во нашата дневнополитичка дебата. Најдобар начин за да не се случи тоа е да дозволиме фактите сами да зборуваат во заднината на историјата.

Проф. Звонимир Јанкулоски