Ако Холивуд веќе мора да падне, нека падне од смеа

Уф, од каде да почнам? Не почнувај, само продолжи каде што застана минатата колумна.
Прашањето и одговорот се појавија во форма на секси долна облека, со вообичаено комплициран градник за откопчување, оти рацете треперат од возбуда, одекна низ мене како ехо во празно тенџере што сонува да стане експрес-лонец и потоа излета во измрцварениот политички етер, претворајќи се во дрон со вроден страв од лопати.
Русјаков, добар си?
Не. Се чувствувам како лебарка што едно утро се претвори во Франц Кафка и отиде со Никол Кидман на романтична вечера, каде што толку се начукавме што наместо во кревет, завршивме на „Оскари“. Што? Какви сега „Оскари“? Немав никаква намера да пишувам за „Оскари“. Всушност сакав да пишувам за…
…за гаќи бе, брат… не, за макарони сакаше да пишуваш… не ги заборавај Евреите… со лопатите можеш да направиш добри финти и алегории… ма, дали си ти нормален човече, нели гледаш дека надвор паѓаат банки, снег како што паѓа… Русјаков, не ги заборавај дроновите и… Гласовите што стигнуваат до мене од сите страни на нордистанската вселена, ако не престанат, ќе ме полудат, па ќе рокнам како писателска ѕвезда и ете космичка контрадикторност, од албино до црна дупка во која се загубија читателите меѓу редови и контексти. Од ваквите гласови мора да се ослободам, оти тоа народот вреска по мене и ако го слушам тој заебан народ, никогаш нема да напишам колумна. Затоа народот ќе го преименувам во раја… не, подобро во маса… А ха, сега имам и маса во колумнава, па можам да удрам со тупаница по неа и да крикнам, а бе јас сум писател, нема што вие да ми кажувате за што да пишувам, сè сам ќе си смислам.
Така е, писателите измислуваат. Измислуваат земји, територии, градови како Земјата на чудата, Лилипут, Оз, Недојдија, Макондо, Нордистан… Нордистан е мала но блескава држава во стратегиско партнерство со безумноста и страшната велесила на Соединетите Славни Ескобари. Во Соединетите Славни Ескобари живее народот Ескобар, кој се дели на опасни наркобосови, врвни фудбалери и просечни политичари без домашно воспитување. Првите се познати по тоа што одгледуваат и продаваат кокаин, убиваат конкуренција, понекогаш градат училишта, ама најчесто се ловени и ликвидирани од тајни служби. Вторите феноменално дриблаат, знаат да промашуваат пенали и завршуваат како жртви на психопати.

Третиот вид Ескобари имаат менталитет на коњокрадци затоа што предците им истребувале древни цивилизации, најчесто се однесуваат насилнички во име на своите моќни политички картели и вообичаено се воспевани во еповите на интелектуалната бижутерија, политичките јесмени и медиумската ресавска школа. Ако од првите два типа писателот може да склопи возбудлива приказна, од третава сорта политички варвари тешко излегува квалитетна нарација, освен кич и невкус со кои на читателот сигурно ќе му го расипете денот. Затоа, како православен христијан кој не го мрази човекот, туку гревот, ќе ја напуштам приказната за Соединетите Славни Ескобари и за да бидам колку-толку корисен ќе се фатам за лопата… руска лопата. Си работам јас така на мојот калхоз, садам компири за вотка, кога ете ја жена ми, Ана Каренина, трча како да ја бркаат мртви души, идиоти и расколници. Инаку, се запознавме на пруга. Дремеше пустата, цели два дена, чекајќи воз од нордистанската губернија за Европската Унија. Да не ви раскажувам сега ловечки приказни, ама тоа беше љубов на прв поглед. Падна Анушка на мојот фамозен коментар, подобро да си играме понижени и навредени во спалната, отколку војна и мир во дневната.
Како и да е, трча Ана накај мене и вика: „Сашењка, дрон, дрон!“ „Каков филадендрон, Анушка“, ѝ велам, „компири садам, од филадендрон не се прави вотка, а ти знаеш колку сакаш вотка мартини и потоа, по неколку испиени чашки, стануваш Бонд-девојка, а јас рускиот шпион кој те сакаше“. Ана ми влепува жестока шлаканица и: „Гледај горе, дурак“, ми вели, „над глава ти лета дрон, ни ја шпионира интимноста, сакаш ли утре да завршиме како секс-скандал, ти како перверзен руски старец, оти такви ти се фацата и презимето, а јас како Лолита?“ Ми падна мрак на очи, ја грабнав лопатата и бам, му ја завршив кариерата на дронот, кога излезе дека воопшто не бил испратен за да ни ја наруши територијата на интимноста. Искршив невин американски дрон. Бил испратен на тајна мисија да снима неидентификувани летачки балони. Тоа да ти имало врска со вселенската економија, односно берзи, Волстрит волци и банстери, кредитни стапки како надувани балони што пукаат на небото во форма на огномет и потоа паѓаат банки, само што јас воопшто не се разбирам во тоа, оти знам дека само вселената и економијата се бесконечни како глупоста или нешто слично што кажал Маркс… да, Гручо Маркс. Добро, може беше и некој друг Евреин, ама па глупаво е да си губам зборови на еден народ што има обичај да им уништува блескава иднина на нацисти и нордистанци.
Како и да е, баталив калхоз, компири, вотка, Ана Каренина, лопати и дронови, си ги извадив парите од банка и си реков подобро банкина од банка, подобро патарина од патријархат (Ана Каренина стално ми фураше патријархален феминизам, некоја изопачена форма на руска еротска пропаганда) и си фатив патот, односно автопатот и така се преженив. А ха, ја запознав на автопат, модел на „Викторија сикрет“, снимаше реклама за секси долна облека, плус фотосесија во тунел со чочек и нагласена еротичност. Паднав на нејзините макарони.

Потоа девет и пол недели водевме љубов, ги пробавме сите камасутра шпагети вестерн пози како тантра болоњезе и карбонара снуп доги дог стајл (тестенини во бел сос по оргазам и чаден канабис), малку се налути кога ѝ реков да ги викне оние две нејзини колешки за да си играме кватро формаџи, ама сè ми прости кога ја прашав за рецептот. Со восхит ми раскажа за тој глумецот што си зготвил оскар за најдобра машка улога на премиер, оти тој да ти бил како некое божество, бидејќи е сè и секаде, во исто време, и во маркет, и на прес, и во кујна, и на фронт со ружни жени и руски бабушки, па ми го пушти неговиот говор откако му ја доделиле статуетката. „Им благодарам“, рече глумецот, „на моите продуценти од ’Кале пикчрс’ и ’ЕУ за тебе ентертејмент’, им благодарам на повисоките од надвор сценаристи што ги пишуваат моите реплики, оти да ја слушав публиката, никогаш немаше да бидам статист во главна улога“, а јас го исклучив телевизорот и си помислив, ако Холивуд веќе мора да падне, нека падне од смеа.