Фото: Претседател на Русија

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за руските воени злосторства во Украина.

Москва постојано ги негира обвинувањата дека нејзините сили извршиле злосторства за време на едногодишната инвазија на Украина и тврди дека тие не напаѓаат цивили.

Налогот за апсење на Путин се темели на сомнежите за нелегална депортација на деца и за нелегален трансфер на луѓе од Украина на територијата на Руската Федерација. Налог за апсење по истите обвиненија е издаден и за Марија Алексејевна Лвова-Белова, руската комесарка за правата на децата.

ИЦЦ неодамна ја покрена првата истрага во врска со војната во Украина, но Русија веднаш кажа дека не ја признава јурисдикцијата на овој суд.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера вечерта ја оцени како „историска“ одлуката на МКС да издаде налог за апсење на Путин.

-Историска одлука, која го означува почетокот на историската одговорност- нагласи Зеленски во видео објавено на Телеграм.

Претседателството на Украина претходно ја поздрави одлуката на МКС.

-Тоа е само почеток – рече шефот на кабинетот на украинското претседателство, Андриј Јермак.

Русија ги отфрла обвинувањата дека нејзините сили извршиле воени злосторства за време на инвазијата.

Кремљ објави дека налогот за апсење на Путин е срамота и, што се однесува до Русија, бесмислен, и дека Русија, како и многу други земји, не ја признава јурисдикцијата на МКС.