Официјална Софија повторно ќе биде пречка за Европската Унија

Што можеме да очекуваме од новата бугарска политичка партија? Одговорот е многу едноставен: Ништо ново! Во предизборниот период, Слави Трифонов напиша: „Предлог до Македонците, оп… извинете – северномакедонци, ако ги признаат своите историски бугарски корени, и ние ќе ја признаеме моменталната состојба на работите, а моменталната состојба е да ги признаеме македонскиот јазик и нација, тоа е за нив најдобриот предлог што можат да го добијат… Така што Северна Македонија нема да добие подобар компромис и ако не се усогласи со нејзините историски бугарски корени, таа ќе постои надвор од Европската Унија. Толку.“ Нема потреба од длабока анализа, Трифонов од нас бара капитулација спакувана како компромис, односно од нас се бара да признаеме дека Македонците се вештачка нација што е создадена во 1944 година и дека имаме бугарски историски корени, што е далеку од вистината

По падот на Берлинскиот ѕид во Источна Европа започна процес што се одликуваше со обиди за општествена демократизација и преобразба на економијата. Предизвиците беа огромни ако се земе предвид дека требаше да се дополни идеолошкиот вакуум што настана со катаклизмата на комунизмот. Повеќето источноевропски нации успешно ги совладаа тешкотиите, а меѓу нив беа Словенија, Словачка, Чешка, Летонија, Литванија и Естонија. Во почетокот на 21 век се чинеше дека демократијата станува трајна вредност во источниот дел на Европа кога повеќето од поранешни комунистички држави ѝ се приклучија на Европската Унија како рамноправни членки. Споменатата евроинтеграцијата ги поттикна политиколозите да говорат за консолидирање на либералната демократија.
И покрај многубројните славопојки за триумфот на демократијата, вистината е сурова и не секој успешно се справи со предизвиците. Кога комунизмот се распадна поради внатрешните противречности, идеолошката празнината беше пополнета од бранот на етнонационализмот, особено видливо во распадот на Југославија и војните што следуваа. Овој етнонационализам во некои држави не се манифестираше како во поранешните југословенски држави, меѓутоа низ децениите стана стихијна сила за мобилизацијата на масите низ Источна Европа.
Но етнонационализмот не е единствениот што ја задушува демократијата. Во почетокот на 90-тите години на 20 век, идеолошката криза на комунизмот предизвика нарушување на државниот авторитет и деградација на институциите.

Не секој ги зачува институциите и затоа некои од поранешните комунистички држави се соочија и сѐ уште се соочуваат со корупција и невладеење на правото. Овие недостатоци се покажаа како погубни за економските перформанси и придонесоа за намалување на животниот стандард на граѓаните. Состојбата дополнително се влоши со финансиската криза од 2007 година, која ги отвори портите за популизмот, популистичките водачи и популистичкиот национализам. За водачите на современиот популизам се вели дека сакаат да го искористат легитимитетот од демократските избори за да ја консолидираат власта. Понекогаш популистичките водачи тврдат дека имаат харизматична врска со народот, кој честопати го разбираат во тесни етнички граници и исклучуваат големи делови од нацијата. Во првата деценија на 21 век, популистичките водачи покажаа дека не ги сакаат институциите затоа што ја ограничуваат нивната лична моќ. Следствено нивните активности беа насочени против непартиската администрација, судовите, независните медиуми итн. Бидејќи не можат да ги задоволат потребите на граѓаните и да го подобрат квалитетот на живеењето, честопати на своите сограѓани им продаваат ветар и магла.
Со оваа равенка можеме да го разбереме и бугарското вето за Македонија. И покрај членството во Европската Унија, бугарската држава не е успешна приказна. Деградацијата на институциите, корупцијата, криминалот, невладеењето на правото и слабата економија го намалија квалитет на бугарските граѓани.

Бугарската политичка елита, која не успеа да ја подобри економската состојба, го прифати стариот „добар“ популизам. Затоа постојано бевме сведоци на етнонационализам, антимакедонизам и иредентизам од Софија. Многумина веруваа дека бугарската националистичката реторика е условена од парламентарните избори, надевајќи се дека некоја нова попрагматична политичка сила ќе ги освои гласовите. Вистина е дека Красимир Каракачанов и неговата ВМРО БНД нема да влезат во новото собрание, меѓутоа нова политичка сила во Бугарија е партијата Има таков народ на Слави Трифонов.
Што знаеме за оваа партија? Според досегашните анализи, партијата Има таков народ се одликува со идеолошка конфузност и во нејзините редови има левичари и десничари. Нејзината филозофија многу потсетува на Виктор Орбан, кој во 2017 година истакна: „Ние Унгарците, исто така, одлучивме дека сакаме да ја вратиме нашата земја, сакаме да си ја вратиме самопочитта и сакаме да ја вратиме нашата иднина.“ Не случајно на официјалниот сајт на партијата Има таков народ можеме да прочитаме дека: „Бугарија е слободна земја, но бугарските граѓани не се слободни… Ние сакаме да ја претвориме Бугарија во навистина слободна земја во која општеството носи одлуки, а политичарите ги спроведуваат.“ Со други зборови, партијата Има таков народ и Слави Трифонов се популисти во вистинска смисла на зборот, затоа и успеаја да ги придобијат гласовите на бугарските граѓани, кои се заморени од постојните политички сили и неисполнети ветувања.

Што можеме да очекуваме од новата бугарска политичка партија? Одговорот е многу едноставен: Ништо ново! Во предизборниот период, Слави Трифонов напиша: „Предлог до Македонците, оп… извинете – северномакедонци, ако ги признаат своите историски бугарски корени, и ние ќе ја признаеме моменталната состојба на работите, а моменталната состојба е да ги признаеме македонскиот јазик и нација, тоа е за нив најдобриот предлог што можат да го добијат… Така што Северна Македонија нема да добие подобар компромис и ако не се усогласи со нејзините историски бугарски корени, таа ќе постои надвор од Европската Унија. Толку.“

Нема потреба од длабока анализа, Трифонов од нас бара капитулација спакувана како компромис, односно од нас се бара да признаеме дека Македонците се вештачка нација што е создадена во 1944 година и дека имаме бугарски историски корени, што е далеку од вистината.
Денешната бугарска политичка расположба вели дека Слави Трифонов има комфорна положба и не смееме да заборавиме дека идната дејност на Трифонов и неговата партија ќе биде насочена кон зголемување на сопствениот рејтинг кај бугарските граѓани. Затоа не треба да очекуваме прагматичен пристап кон Македонија или одлуки што ќе бидат на штета на нивниот политички рејтинг.
Што можеме ние да сториме во оваа ситуација? Одговорот го знаат и малите деца. Од Македонија треба да создадеме држава во вистинска смисла на зборот – владеење на правото, борба против корупцијата, функционални институции, развојни економски стратегии итн. Ова е решението, а не компромисот од образецот – да ги признаеме бугарски историски корени. Впрочем, доколку го преобразиме нашето општество, нема да имаме потреба од Европската Унија.