Егзодус – Груевски, доктори, шофери и мајстори

Во седмицата, која во медиумите е означена како Недела против лажни вести пристигна сензационалната вест, најсензационалната од независноста на Македонија, ако се исклучи падот на авионот и погибијата на претседателот Борис Трајковски. Во кампањата што треба да ја издига свеста за штетата од лажните вести, од манипулациите и дезинформациите што му нанесуваат штета на целото општество, објавена е највистинската: побегна преку граница Никола Груевски, поранешниот долгогодишен претседател на Владата на Република Македонија. Побегна во друга држава во својство на осудено лице со изречена казна затвор во траење од две години.

Благодарение на значајноста на личноста, на мистериозниот начин на бегството и на медиумите, крената е на нозе целата нација, еден дел од неа во егзалтација, друг во депресија, едни радосни, други тажни, ретко рамнодушни. Сведоци сме на палета спротивставени реакции: едни чинот на Груевски го осудуваат, други го оправдуваат, едни го сожалуваат други му се наситуваат, едни викаат арно стори, други арно му се стори. Едни и натаму го сметаат за јунак, други го прогласуваат за кукавица. Со мноштвото вести, реакции, извештаи, коментари, анализи, уништена е кампањата против лажните вести, со самото тоа што никој не знае што е што, што навистина се случи, кога се случи, како се случи и зашто се случи. Одеднаш, како во зовриен котел, се измешаа и емоциите и информациите и лажните и вистинските вести.

Весникот „Нова Македонија“ во вторникот, пред да се знае за бегството, на насловната страница имаше безмалку генијален наслов посветен на спречувањето на лажните вести. Насловот гласеше „Трипати проверувај, еднаш поверувај“, изваден од некогашното новинарско правило од кое денес има само мали траги. Од моментот кога Груевски на својот фејсбук-профил сам објави дека е во Будимпешта се сѐ измеша. Првин беше големо изненадување, тешко за верување, уште потешко за проверување. Како и да е, Груевски со своето бегство уште еднаш стана тема број еден во Македонија, ги збуни и блиските и далечните. Самиот се покажа поитар, поспособен, посилен и поорганизиран од цел државен апарат – политички, обвинителски, судски и разузнавачко-полициски, кој неколку дена го бараше, а не можеше да му влезе во трага. Ако е навистина така, ако нема сомневања, какви што има, дека бегството е остварено со обилна државна помош и со знаење и дозвола од највисоките политичко-партиски кругови.

Необичниот, главно неочекуван, чин на лицето осуденик Никола Груевски, според елементите што се наведуваат како причина, може да се објасни низ три лингвистички поими: бегство, прогон и егзодус. Бегство е кога некој нагло ќе напушти некое место за да избегне некоја опасност или непријатност, да побегне некаде од страв или закана. (Тој сигурно не се пакувал лежерно, туку гледал од Македонија да побегне како ѓавол од темјан). Ако се суди според поднесеното барање за азил (ако сето она што го објавуваат медиумите е точно) тој во Македонија бил подложен на политички прогон, термин што и самиот мудро го употребуваше во судските процеси, а неговата партија ВМРО-ДПМНЕ подолго време обилно го ставаше во фокусот на одбраната. Зборот егзодус, во неговиот случај, може да се земе како барање спас, поточно како излез од ситуацијата во која се најде.

Термините што се употребени погоре, а се однесуваат за Груевски како единка, слободно може да се посочат и за едно големо множество од лица и за објаснување една друга драматична ситуација во Македонија, а и таа поврзана со Груевски и неговото десетгодишно владеење. Деновиве е објавена информацијата дека во последните седум години над 1.200 лекари се иселиле од Македонија. Тоа се 12 генерации на факултет под услов по сто души годишно да дипломираат медицина. А прашање е дали дипломираат по толку, барем регуларно. Речи, како речи – ете ти ситуација што може да се изедначи и со зборовите: бегство, прогон и егзодус. Така е со докторите, забарите, медицинските сестри и браќа. Не е поинаку со мајсторите од разни занаети, кои од ден на ден се селат кон земјите на стара Европа каде што заработуваат петкратно повеќе отколку што би работеле овде. Водоинсталатери, електричари, хаузмајстори, молери, ѕидари, паркетари, фурнаџии, кораџии, сите станаа прозападно ориентирани – таму се селат. Се слуша и за шоферите, се слуша дека наскоро ЈСП „Скопје“ може да остане без возачи, кои ги бараат во Хрватска за 1.500 – 2.000 евра месечно. Има да возат не со триста нервози како во главниот град, туку со песна, како што возат неколку илјади Македонци (со бугарски пасоши) тешки камиони низ Европа и Америка.

Според проверени податоци на Светската банка, повеќе од една четвртина Македонци ја напуштиле земјава во последниве десетина години. Уште илјадници други се подготвуваат да си одат во потрага по подобар живот. Државата и разни нејзини органи се прават слепи при очи пред запустувањето на градовите, да не зборуваме за селата што се одамна, уште во социјализмот, напуштени и осамени. Да прашате кого било од Источна Македонија (во иднина Истокот на Северна Македонија) каква е таму состојбата веднаш ќе ви каже дека е очајна: цели гратчиња (Берово, Пехчево, Виница), фамилии сосе деца се преселени во Италија без никаква намера за враќање. На Запад од Северна се испустија една славна Битола и фален Охрид, Ресен мој да не го спомнуваме. Што ми вели еден близок: „Ако во Ресен случајно паднеш на улица по осум часот навечер ќе те најдат дури утредента наутро. Во меѓувреме нема кој да помине“. Напуштени куќи, празни улици, затворени продавници, училишни згради без ученици, би била новата разгледница од Македонија.

Уште поалармантни за општеството, за државата и за нејзината иднина се истражувањата што неколку години со ред ги водат агенциите на испитување на јавното мислење, некои владини служби, невладини организации и странски агентури, кои ја кројат утрешната судбина на Северна Македонија. Нивните податоци покажуваат дека околу 70 отсто од младите, студенти и средношколци, својата животна определба не ја гледаат во Македонија туку во странство – во Европа или на други континенти. Феноменот на таа потенцијална емиграција застрашувачки предупредува за уште подлабока демографска криза.

Заклучок: идната Северна Република Македонија ја очекува уште еден тивок масовен егзодус, барање личен излез од општата катастрофална ситуација во нивната држава. Прашањето е зошто. Кај оние 500-600 илјади што привремено или засекогаш ја напуштиле Македонија, одговорите зошто го сториле тоа се исти, нема разлика ни за влакно. Ја напуштиле својата прекрасна земја затоа што не можеле да најдат работа ако не биле активни членови на некоја партија (владејачката во моментот), поради воведениот политички еднопартизам, поради непотизмот, примитивизмот, национализмот, корупцијата, криминалот и поради неодговорните власти, кои за граѓаните мислат само за време на избори. Последните многу ветуваат, никогаш и ништо не исполнуваат.
Просто преведено тие во својата земја не се чувствуваат доволно заштитени, не им се гарантирани уставните права, се чувствуваат или прогонети или избркани, економско-финансиски дискриминирани и бараат излез, секој на свој начин. И се разбира, никој млад не сака да работи за двесте- триста евра плата, не оти не ги сака тие пари, туку што набрзо согледува дека со толку евра не може да се издржува едно семејство, не може да се школуваат нивните деца, а камоли да се живее живот на нормален европски човек.
Никола Груевски, поранешен претседател на Владата, поранешен претседател на најмногубројната политичка партија во Македонија, долги години најмоќниот човек во државата, побегна од неа со што, најверојатно ќе ѝ се придружи на новата, современа, таканаречена „вардарска“ (северномакедонска) дијаспора. Цела Македонија се возбуди, на штрек е, околу судбината на еден сегашен осуденик, а мирно и летаргично посматра како се урива сѐ наоколу. Неговото бегство доби димензии на национален шок, на државна драма, а масовниот егзодус од државата има третман на нормална појава. Вестите што ќе доаѓаат за него можеби ќе бидат лажни и оформувани по потреба, но вестите за она дека Македонија пропаѓа и по неговата голема заслуга, ќе бидат вистинити.

(П.С. Појаснување за да нема недоразбирање. Зборот егзодус означува доброволно или присилно иселување од некој крај или држава, масовно бегство на луѓе предизвикан од државен или од друг вид прогон. Но тој се употреба и како поединечен збор што означува излез, барање или наоѓање излез. Зборот е библиски и се однесува за излезот на Евреите од вековното ропство во Египет. Во македонската историја под егзодус е означен масовниот насилен прогон на Македонците од Грција за време на Граѓанската војна 1946 – 1949 година.)