Вмрежување на телевизијата и филмот, состојба на нештата, прв дел

Драги мои, продолжувам со она што го започнав пред две недели, анализа на состојбите во медиумите во Македонија, за да знаеме што се случува и, што е уште поважно, да се утврди зошто се случува тоа што се случува и кој стои зад тоа што се случува? Нема одење напред ако не расчистиме како и зошто сме се нашле тука, назад, сосема, ама сосема на дното во сферата на националната телевизија, националниот филм, националниот театар и сите други национални вредности во сценските и аудиовозуелните уметности.
Денеска ќе пишувам за проблемот на вмрежувањето на комплементарните медиуми, кои ставени во заемна врска, правилно структурирани и организирани имаат можност да прераснат и во индустрија, односно стопанска гранка што во голема мера ги придвижува и консолидира речиси сите други индустрии и, најважно од сѐ, има потенцијал да ги синтетизира општествените вредности преку вмрежување на образованието, културата и науката во една целина. Како да се вмрежат телевизијата и кинематографијата? Тоа навистина е проблем во Македонија, кој почнува од моментот кога телевизијата се појавува и утврдува како доминантен визуелен медиум, кој со својата синкретика, сосема логично и сосема нормално, ја впива, субјективизира и на крајот ја интерпретира кинематографијата како сопствена форма. И она доминантното, кога телевизијата станува најмоќното средство за дистрибуција на филмот.

Во светот веќе од крајот на 1960-тите години антагонизмот помеѓу двата медиума е надминат со логичното вмрежување на филмот и телевизијата во системот на заедничко финансирање, производство и дистрибуција. Овој систем, поради стравот од „американизација“ на кинематографијата и телевизијата, во Европа е до таа мера развиен што Франција, Шпанија, Италија и Германија од една страна и скандинавските земји од друга страна го претворија во формула, во модел за тоа како треба да се вмрежат двата најмоќни медиуми со цел, прво, заштита од другите, а потоа и развој на сопствено производство и негова дистрибуција, односно продажба на други земји како нивен производ и нивно културно достигнување. Да не беше тој систем, кој обичните гледачи можат да го видат на почетните кредити од секој филм снимен во Европа, каде што како основни финансиери и дистрибутери стојат логоата на најголемите национални европски телевизиски конгломерати, тврдам, денес немаше да има европска кинематографија и европско телевизиско производство.
И сега, за да стане сѐ јасно, тој систем во Европа е воспоставен како одбрана од англо-американското влијание преку јазикот, културата, науката, образованието и другите цивилизациски вредности што филмот и телевизијата ги пренесуваат за секунда, секаде и на секого. Пак инсистирам на внимание, драги мои, се загрижиле за својот јазик, култура и вредности држави како Франција со седумдесет и пет милиони жители, со јазик кој има повеќе од триста милиони говорители, од кои некои дури и во африкански држави, кои францускиот јазик го имаат за мајчин. Понатаму, Шпанија, која има четириесет и пет милиони жители и исто така околу триста милиони говорители на сите страни на светот и на сите континенти, од проста причина што и Шпанија и Франција беа империи што го колонизираа светот и ги ширеа својата култура и своите цивилизациски достигнувања до степен на асимилација на други раси. За Италија и за Германија нема да зборувам. Сѐ е јасно колкави се и кои се тие држави и нации?

И тие, замислете, се уплашиле и донеле закони за заштита од англо-американизација. Патем, сите четири земји се таканаречени западноевропски, демократски, членки на ЕУ и НАТО, сите дел од еден свет што го прокламираат како најдоброто на планетата. Системот на производство и дистрибуција на филм, телевизија и радио во сите тие европски земји е строго регулиран и мониториран од неколку државни и јавни системи, за строга контрола на примената на таа практика на дневно ниво. Па, така, во Франција постои регулација на емитувањето француска музика на сите радиостаници, со строго контролирани и определени појаси во кои мора да се слуша музика на француски јазик. И точка. Сите овие држави за кои зборувам и системи кон кои се стремиме ние, нели, се немилосрдни во однос на заштитата на нивните јазични, културни и цивилизациски достигнувања, кои се загрозени од, веќе е сосема јасно, замислете – нивните пријатели, сојузници, браќа и сестри Англоамериканци и културното и цивилизациско влијание преку освојувањето на медиумскиот простор. Па, така, Франција, со сите мерки на поддршка на производството и дистрибуцијата на француската кинематографија, телевизија и други аудиовизуелни медиуми контролира едвај околу 30 отсто од филмската дистрибуција на француската кинематографија во сопствената земја, во Франција. Шпанија стои малку подобро, со околу 40 отсто контрола на дистрибуцијата, нешто подолу на таа скала е Италија, а Германија е на дното, со околу 10 отсто учество на германската национална кинематографија во дистрибутивната мрежа на илјадниците кина низ сојузната република.
Претпоставувам, сфаќате дека големиот остаток од овие проценти е под контрола на американски и британски дистрибутивни компании. Ова е реалноста таму каде што ние сакаме да одиме. Сега, знам, ќе се прашате, па мајката, ако Франција и Германија мака мачат со ова, што ни останува нам. Е па, тоа е маката на сите мали, во сѐ во животот, драги мои. И Французите, и Шпанците, и Германците, и Италијанците се мали во однос на Англоамериканците во овој дел од животниот простор. Споредно со Англоамериканците, тие се џуџиња во филмската и телевизиската индустрија, па гледате како се борат, како не попуштаат, како прават сѐ за да преживеат, да опстанат и да се развиваат.

Што треба да правиме ние? Па, да се бориме, што друго?! Јас навистина не разбирам што е ова плачење и кукумјавчење над нашата жална судбина? Животот, драги мои, е борба, агон, секој ден за секој здив и за секое утре. Зошто тргнав со тоа да ви ја доближам телевизиската, филмската и воопшто културната реалност во Европа? За да престанат лагите и мистификациите. Полувистините, драги мои, се пострашни и од најголемите лаги. Сега да одиме кон состојбата на нештата во Македонија. Што се случува тука, дома, во филмската индустрија, која е генератор на проблемите во системот на вмрежување на комплементарните индустрии? И зошто е тоа така? Повторно, затоа што преку мрежата создадена внатре во филмската индустрија комуњарите, нивните деца и трабанти воспоставија тотална контрола на финансирањето и производството на филмови, со што ја уништија и онаа мала телевизиска индустрија што беше во зародок, само со една единствена цел – нивен опстанок во светот во кој себеси се проектираат како избрани, односно како некакви аристократи на уметноста. Во следната колумна продолжувам со приказната. Дотогаш, не чекајте некој да направи нешто за вас или да ве заштити затоа што сте мали. Здружете се. Гледате како се здружиле четири мали држави за да се одбранат од нешто што не им е непријателско, туку општозагрозувачко самото по себе. Замислете си само ако Америка и Англија им беа непријатели на Франција, Шпанија, Италија и Германија по Втората светска војна. Си замислувате ли?
Е па, да ви одговорам: немаше да знаете за Жулиет Бинош, Роберто Бењини, Лив Улман, Хавиер Бардем и, секако, немаше да ја има ниту Моника Белучи. А сега тие се тука, на наша среќа. Но затоа и само затоа што тие се борат за себе и за сопственото постоење, но и за општите вредности на нивните држави, а на крајот, ако сакате, и на општите европски вредности. Во таа смисла, овие четири земји со овој модел ја спасија Европа од културна и цивилизациска пропаст. Тоа се факти за едни успешни приказни. Нема мудрост. Треба само да ги проучиме и адаптираме тие модели кај нас. Најпосле, тие се подготвени да нѐ подучат, да ни помогнат, па дури и да го финансираат тоа наше моделирање. Има европски фондови за финансирање на вмрежувањето на комплементарните индустрии, меѓу кои се филмот и телевизијата. Не знам што се чека? Треба да се работи?! Е па, да! Муфљузите не проаѓаат во Европа. Можете вие колку сакате да викате оти сте големи Европејци и оти сакате да го правите тоа што го прават тие, но тоа нема да ви помогне тие наместо вас да го направат тоа што вам ви е нужно и треба од вас да биде направено. Како не го разбравте ова досега? Навистина не знам.

Авторот е режисер и универзитетски професор