И така ФБИ-агентката Моника Терон и инспекторот на Интерпол, Владимир Владимирович Сорокин, ќе мора да дојдат од САД и Русија во Нордистан, оти низ државите им се рашетуваат кримоси со нордистански пасоши, за да истражат што тоа, по ѓаволите, се случува. Односно зошто толку долго ништо не се случува. Кој работи, како работи, што сработил и зошто на толку поддршка ништо не е сработено
Светот заличува на старата добра безумна приказна. Во Сирија повторно се пука. Низ Јемен не престанало, ама никому не му е гајле за тоа. Израел гаѓаше ирански брод. Во Украина врие. По година и повеќе примирје, украинската војска почна да го гранатира Домбас. Во Киев Американците истовараат нешто за кое медиуми шпекулираат дека е оружје. Поранешен германски генерал на НАТО кажува каде се слабостите на Алијансата при војна со Русија. Ама па сега и Русија распоредува силна војска на својата граница со Украина.
Гледате како е добро што Бајден победи? Ќе ни го врати стариот добар безумен свет. Малку крвопролевање, малку пропаганда за демократски вредности и како тоа мора со многу смрт да бидат остварени. Важно ние ќе си броиме мртовци. Нешто војници, нешто колатерално сотрени. Само нешто ме плаши. Сите оние од модерниот човекољубив западен свет што се палат да гледаат масакри на телевизија седнати во удобна фотелја, убедени се дека повторно нивните ќе замаваат по некоја немоќна муслиманска земја. Немоќна во однос на западната моќ. Така тоа беше вообичаено. Ама дедово што на чуден начин се качува по скали во авион, малку изненадува. Прво рече дека Путин е убиец. Потоа му се закани дека ќе видел он убаво. И сега пукање во Украина.
Не сум баш сигурен дека тоа им е паметно. И јас како Најџел Фараж мислам дека не е умно да се чепка мечката. Оти низ историјата многу будали тргнале да се чепкаат со неа. Да не биде после, руското знаме се развеа во Вашингтон. А токму така ќе биде ако се тргне по умот на изопачената моќ.
Добро сега, може пред да тргнат на Русија, да ја забранат историјата. Они веќе тоа го прават, бришат парчиња историја во напади на неолиберално, прогресивно лудило и хистерија. Ама овој дел не го чепнале. На пример, уште не го забраниле Наполеон. А можеби треба да го направат тоа. Го бришеме Наполеон, затоа што бил хомофоб. Ама Корзиканецот не бил хомофоб, барем историјата така не запишала, ќе се побуни назадната јавност. Ако Дамбо може да биде расист, а Пепе ле Твор да е страшен за жените, тогаш Наполеон сигурно би ги мразел Фреди Меркјури и Труман Капоти да можел да ги запознае. И така, го бришеме Наполеон што значи тој никогаш не ја нападнал Русија, па не може да бил поразен.
А Хитлер?
Е Хитлер не го забрануваме. Тука малку ќе менуваме. Хитлер бил добар владетел. Злите Руси му подметнале свои луѓе да истребуваат Евреи. Тоа не им било доволно, па го киднапирале Хитлер сосе цела војска на своја територија.
А бидејќи Хитлер и неговата војска биле пацифисти, Русите без борба, безмилосно ги истребувале. Е сега, тука се наметнува прашањето, што по ѓаволите правеле Британците и Американците, ама плиткиот прогресивен ум западнат во хистерија, не обрнува внимание на детали. Американците и Британците воведувале реформи во германската администрација, така ќе им се каже. И така, во новата нормалност ќе се учи дека никој никогаш не ја нападнал Русија што значи не можел да биде поразен. Во меѓувреме му даваш Нобелова награда за мир на Навални, па тргаш во војна со Русите за да го ослободиш. И него и Украина.
Ете како лесно го решив проблемот. Сега може да тргне пропагандата за руските злосторства низ планетава. Не ми е јасно зошто досега никој не ме повикал за советник на американската администрација. Не мора јавно да ме обелоденат дека ги советувам. Може и тајно да ме исплаќаат. Мене тоа не ми преставува проблем.
Тука од политика се префрлам на креативност. Во светот најпопуларна филмска форма се сериските филмови. Нема писател што не посакал да напише серија. Прва сезона, втора сезона… Ако се прашувам јас, најдобри серии прават Американците.
Моника Терон е замислена. Чита чудни извештаи од Нордистан. Чудни извештаи за чудна истрага. И Моника Терон се прашува. Дали Американците се дел од истрагата? Онака со сите свои капацитети како ФБИ, ДЕА и сè што иде со тоа, што би рекол Холден Колфилд. Или само соработувале од амбасадата со властите на Нордистан. Или ниту биле дел од истрагата, ниту соработувале, туку само ја поддржале акцијата. Или соработката е во тоа што поддржувале.
Моника е збунета. Логиката и вели дека ако Американците учествувале во приказната, немаше истрагата да се влечка две години, туку ќе завршеше за два месеци. Не затоа што ги велича способностите на своите, туку затоа што така е, службите им се способни. Зашто и самата е ФБИ. Добро сега, има структури што не се грижат за американската безбедност, туку за претседателските кандидати, па на Б филм начин се обидуваат да подметнат руска дрога во изборите.
Агент Моника Терон се враќа на белешките. Размислува. Па и само да соработувале помагајќи со информации и стратегија, нема да си дозволат две години да се бламираат. Американците, не нордистанците. Нордистан е блам сам по себе, така велат извештаите. Океј, логиката на Моника Терон вели дека Американците само поддржувале. Што значи се отепале од поддржување. Затоа нејзиниот шеф бара таа да преземе. Оти нешто безумно се случува во тој Нордистан што гадно штети на американскиот имиџ.
И така ФБИ-агентката Моника Терон и инспекторот на Интерпол, Владимир Владимирович Сорокин, ќе мора да дојдат од САД и Русија во Нордистан, оти низ државите им се рашетуваат кримоси со нордистански пасоши, за да истражат што тоа, по ѓаволите, се случува. Односно зошто толку долго ништо не се случува. Кој работи, како работи, што сработил и зошто на толку поддршка ништо не е сработено. Нормално дека Моника Терон и Владимир Владимирович ќе се вљубат. И секако ќе го решат случајот.
Браво, Русјаков! Демек нема политика, ама ете ја, оп меѓу редови.
И Холивуд е политика само што таму знаат да ја направат забавна. Затоа сакам да стапам во контакт со нив. Би ме сакале они со сите луди приказни што ги имам во џеб. Само оној дедото што чудно се качува по скали, бидејќи е нешто влезен во Рамбо 3 филм, да не тргна со доктор Стрејнџлав во блиска средба од трет вид, па да предизвика од Русија со љубов да пристигне апокалипса сега.