Фото: Принтскрин

Заклучно со 18 август, според последните податоци на ИЈЗ, во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска, 36 потврдени и два веројатни, од кои 37 во скопскиот регион, а еден од Велес. Регистрирани се четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста. Станува збор за машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болети во Скопје. Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети, беше соопштено на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

Само во периодот од 12 до 18 август биле пријавени 12 нови случаи, меѓу кои и три смртни исходи.

Од сите досега регистрирани заболени, 28 се мажи, а 10 се жени.

По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, надлежните продолжуваат со засилени мерки за контрола на комарците.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил контроли на активностите за дезинсекција во сите општини.

Паралелно се спроведуваат систематски и вонредни активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција, и од воздух и на терен. Активностите се спроведуваат на територијата на Град Скопје, како и во Гази Баба, Кисела Вода, Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес.

Заклучно со 14 август се реализирани повеќе циклуси на третман, вклучително и дополнителни интервенции на стоечки води во погодените подрачја.

Надлежните започнаа и масовна СМС-кампања за информирање на населението во погодените подрачја.

Предвидено е да бидат испратени околу 38.500 пораки со совети за заштита од убоди од комарци.

Само на 18 август биле испратени 6.526 пораки, а за испраќање остануваат уште 31.365. Според досегашните податоци, до 70 проценти од доставените пораки биле прочитани, при што граѓаните го посетиле и линкот со дополнителни информации.

Здравствените власти апелираат граѓаните да преземат мерки за заштита од комарци, особено во погодените подрачја.

– Отстранете стоечка вода од дворот (тацни од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистете ги олуците. Поставете заштитни мрежи на прозорци и врати. Избегнувајте престој надвор во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Носете облека со долги ракави и панталони и користете репеленти. При појава на симптоми – висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и слично, веднаш побарајте лекарска помош и известете го докторот за евентуален престој во засегнатите подрачја – се советите од надлежните.

Нема регистрирани деца со западнонилска треска

Од Институтот за јавно здравје информираат дека досега нема регистрирано деца заболени од западнонилска треска во текот на оваа сезона.

Според доктор Марија Гочевска од ИЈЗ, меѓу заболените има едно лице на возраст од 20 до 29 години.

Министерот за здравство Сашо Клековски порача дека надлежните ги преземаат сите расположливи мерки за справување со состојбата.

 – Мислам дека правиме максимум што можеме. Одговорно тврдам дека сите мерки се преземале, преземаат и ќе се преземаат понатаму – изјави Клековски.

Тој најави и состанок со надлежните во петок, на кој ќе се разговара за проблемот со стоечките води.

Министерството за здравство најавува дека ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за епидемиолошката состојба и за активностите за превенција и заштита на населението.