Формирана е комисија за стручен надзор на случајот со родилката од Штип која останала парализирана по втор царски рез, а во работата ќе бидат вклучени и двајца странски експерти, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Клековски рече дека целта на вклучувањето на странски стручњаци е да се обезбеди дополнителна стручност и да се зголеми довербата во институциите при утврдувањето на фактите во случајот.
– Јас ја формирав комисијата за стручен надзор. Заради подигање на нивото на третман на работата и градење на доверба во институциите, поканив двајца странски стручњаци да се вклучат во редовната работа – изјави Клековски.
Според него, на експертите веќе им биле доставени сите наоди од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Клековски информираше дека ДСЗИ досега не утврдил пропусти во медицинската документација.
Во рамки на дополнителната проверка биле побарани и појаснувања во врска со две наводни своеволни напуштања на болницата. Министерот посочи дека документацијата за овие случаи е комплетирана и доставена до стручниот надзор.
Следно, како што објасни, ќе се одржи онлајн-состанок со експертите, на кој тие ќе посочат дали им е потребна дополнителна документација.
Потоа е предвидено одржување состанок на кој би требало да биде донесен конечниот заклучок, а Клековски очекува тоа да се случи до крајот на август, во зависност од достапноста на ангажираните странски експерти.
Во комисијата, според министерот, учествуваат гинеколог како претседател, анестезиолог од Белград, невролог од Љубљана, неврохирург од „Свети Еразмо“ од Охрид и радиолог од Скопје.
Конечните заклучоци за случајот со родилката од Штип се очекуваат по завршувањето на стручниот надзор и разгледувањето на целокупната медицинска документација од страна на домашните и странските експерти.
Клековски: Потребна е посериозна анализа за новите случаи на ХИВ
На прес-конференцијата министерот беше прашан и за новорегистрираните 11 случаи на ХИВ/СИДА во земјава, односно дали зголемувањето на бројот на случаи може да биде поврзано со намаленото финансирање на програмите за превенција.
Клековски рече дека без дополнителна анализа не може да се утврди причинско-последична врска меѓу намалените средства и бројот на новите случаи.
– Јас не би можел да направам на прес-конференција причинско-последична анализа и дали има корелација помеѓу намалувањето на средствата за програмата, бидејќи доаѓам од свет каде што се прават евалуации и треба посериозна анализа за тоа – одговори министерот.
Тој додаде дека една од можните причини за зголемениот број случаи може да биде и намалената перцепција на ризик кај граѓаните, имајќи предвид дека ХИВ денес се третира како хронична состојба која може да се контролира со терапија.
– Тоа може да биде резултат и на опуштање на граѓаните, бидејќи ХИВ/СИДА веќе е болест што се лекува – рече Клековски.


































