Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратеничката група на коалицијата „За обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотварање на Уставот на Македонија за уставни измени.

Според нив, уставните измени, кои ги прифаќа македонската Влада, предводена од СДСМ и ДУИ, се производ на диктат и услови што не се прифатливи за македонските граѓани.

-Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и националните интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани. Пратеничката група на коалицијата „За обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со овој став упатува раководството на партијата, сите политички претставници на коалицијата „За обнова на Македонија“ и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на претстојната лидерска средба да ги реафирмира ставовите за неприфаќање на уставните измени и да се почитуваат интересите на граѓаните, се вели во нивното соопштение.

Додаваат дека македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на државата, но тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање диктати, туку процес за прифаќање и почитување вредности.