Фото: Министерство за одбрана

Соработката помеѓу Македонија и Франција, две земји сојузнички во НАТО – Алијансата добива нов интензитет, особено по усогласувањето на новиот Договор за соработка кој неодамна во Париз го потпишаа министерката Славјанка Петровска и нејзиниот француски колега, министерот Себастијан Лекорну.

Како продолжение на воспоставената соработка, денеска во Министерството за одбрана започна првиот стратешки дијалог во одбраната меѓу Македонија и Франција, кој се реализираше на состанокот на  делегација од француското министерство за одбрана со тим од македонското министерство за одбрана.

Целта на стратешкиот дијалог, како што е наведено во соопштението од Министерството за одбрана,  е зајакнување на билатералната одбранбена соработка во заедничките обуки, мисии, во едукацијата и взаемната поддршка во исполнувањето на НАТО целите за способност.

Француската делегација предводена од  вицеадмиралот Кристоф Лукас, заменик генерален директор за меѓународни односи и стратегија во француското Министерство за одбрана, имаше средба со министерката за одбрана Петровска, на која беше изразено задоволство од воспоставувањето на стратешкиот дијалог во одбраната меѓу двете земји, како најдобар доказ за взаемната одлучност договорената соработка ефективно да се спроведе во пракса.

 –Ова е почеток на нов период на соработка во одбраната меѓу Северна Македонија и Франција. Франција е наш значаен сојузник кој го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО и ја дава својата поддршка за европската интеграција на земјата. Северна Македонија како членка на НАТО денеска придонесува за мирот и безбедноста на Балканот. Започнуваме стратешки дијалог кој ќе ја продлабочи соработката во одбраната со нашиот сојузник Франција  со кој ги делиме истите вредности, рече министерката Петровска.

Вицеадмиралот Лукас изрази задоволство од успешниот почеток на стратешкиот дијалог и го потенцираше знаењето на Македонија како сојузник во НАТО кој дава активен придонес кон мирот и безбедноста.

На средбата на која присуствуваше и францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, беше истакнато дека Алијансата е обединета во осудата на руската инвазија врз Украина и во определбата НАТО да проектира стабилност, додека истовремено се зацврстува колективната безбедност.

 – Набавката на интегрираниот систем за против-воздушна одбрана за што беше потпишан договор помеѓу Северна Македонија и Франција е уште еден силен сигнал дека двете земји соработуваат на највисоко ниво и дека Армијата на Република Северна Македонија интензивно се модернизира со најмодерна и најсофистицирана опрема – се посочува во соопштението од Министерството за одбрана.

Во контекст на Европската Унија, министерката Петровска порача дека Македонија е целосно усогласена со надворешната безбедносна и одбранбена политика на Унијата и дека сега е потребен брз и ефикасен евроинтегративен процес за земјата и регионот.

Од Министерството за одбрана истануваат дека билатералната одбранбена соработка помеѓу Македонија и Франција се карактеризира со средби на највисоко ниво, како и соработка во доменот на јазичната обука, стратешки консултации во одбраната, како и военото образование.