Фото: Принтскрин/МИА видео

Нема раскол во ВМРО-ДПМНЕ иако тоа многумина го посакуваат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговараќи на новинарско прашање по денешните обвинувања од страна на СДСМ дека опозициската партија се распаѓа.

– Тие посакуваат да има раскол. Не само што нема, туку партијата никогаш не била пообединета. Но од друга страна може да забележите дека кога се гласаше дневниот ред за уставните измени, двајца пратеници од коалицијата на СДСМ не гласаа. Истовремено, ќе видите дека од ДУИ на дневна основа се појавува некој, а имаме и нови политички партии – рече Мицкоски.

Тој додаде дека расколот бил во друга партија, а во ВМРО-ДПМНЕ постоела кохезија како никогаш досега.

– Треба да се носат одлуки, затоа имаме Централен и Извшен комитет деновиве. За шест месеци од денеска ќе имаме избори, претседателски и парламентарни. Се комплетираат структурите на партијата, ова се редовни процеси – додаде Мицкоски.

Мицкоски ја повика СДСМ како што рече ако е толку силна да го докаже тој раскол на предвремени избори.

– Тоа е единствениот начин да се покаже каде има раскол. Уште утре да го распуштиме парламентот и да видиме каков ќе биде резултатот – додаде Мицкоски.